Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Камала Харис ја менува историјата

Камала Харис ја менува историјата

Камала Харис (55) е новоизбраната потпретседателка на САД и веќе со самото тоа- и таа и Америка- ја изменија историјата на оваа голема земја.

Харис е првата жена која е избрана на оваа функција. Таа е првата афро-американка која ја има втората позиција во американската држава и првата Американка од индиско потекло која влегува во Белата куќа, како десна рака на новиот избран претседател Џо Бајден.

Згора на се, таа зад себе има солидно и правничко ( како државен обвинител во Калифорнија), а и политичко искуство ( како демократски сенатор) , па е дел од таа прва генерација деца на имигранти и доселеници во САД, кои почнале да се интересираат за политиката и станале дел од неа.

Предизвикот на потпретседателот

За потпретседателското место, обично, се зборува дека е „ пензионерско“ , затоа што избраниот на таа функција е секогаш во сенката на претседателот, со оглед на големите извршни овластувања што во САД ги има шефот на државата. Но, при тоа секогаш се заборава дека потпретседателот е тој што според Уставот, веднаш ја презема функцијата, доколку избраниот претседател – поради било која причина, тоа не може да биде.

Линдон Џонсон, ја презеде претседателската функција од убиениот Џон Кенеди, во ноември 1963 година, уште додека претседателскиот авион, на кој се наоѓаше, го префрлаше од Далас во Вашингтон, мртвото тело на Кенеди. Џералд Форд, стана претседател на САД, веднаш откако Ричард Никсон поднесе оставка, поради аферата „Вотергејт“.

Или, од времето кога Џон Адамс стана првиот потпретседател, во 1789 година, 14 од досегашните 47 потпретседатели низ историјата, станале претседатели на САД. Од 13 избрани потпретседатели, по Втората светска војна, не сметајќи го актуелниот Мајк Пенс, дури осумина беа номинирани од своите партии- републиканската, или демократската- да учествуваат во изборната трка за челната позиција во државата. Само тројца- Спиро Егњу, Нелсон Рокфелер и Дик Чејни, не се вклучиле во трката за Белата куќа.

Грда анти-кампања

Сето ова покажува дека местото – потпретседател- не е пензионерско. Самиот Џо Бајден беше во два мандати на таа позиција, во администрацијата на Барак Обама, па според тоа, пред Харис се отвара голема перспектива- да отиде уште стапка повисоко во политиката и во државната хиерархија, сега работејќи следните четири години покрај Бајден.

Токму тоа, меѓутоа, беше аргументот против (!?) за ултра десницата, за расистите од разни бои, сместени меѓу симпатизерите на Доналд Трамп,  кои на секој начин да ја дисквалификуваат на социјалните мрежи како ( наводната) „закана“ за бела Америка- една жена, дете на имигранти , уште и афро-американка,  може да биде претседател уште во овие први четири години.

Сето тоа го „ продаваа“ дури и белите имигранти, дојдени во САД со своите националистички, религиозни и расни предрасуди , меѓу кои има и многу Балканци,  кои ја врзуваа приказната што ја нудеше тамошната ултра-десница,  со поодминатите години на Бајден, со неговото, божем, кревко здравје и за измислената приказна, пратена на интернет- дека тој ќе се повлече порано, за да може Харис да стане претседател на САД!

Дете на имигранти

Мајката на Камала ( името и значи лотосов цвет) е дојдена од Индија во Америка, во 1958 година, за да студира на престижниот Универзитет Беркли. Таму, таа го запознава идниот татко на Камала, Доналд Харис, дојденец од Карибите, од Јамајка, доселен во годините кога влезот на Карибјаните во САД бил максимално ограничен.

Високо образувана , за нивната ќерка нема проблеми брзо да напредува и стануваобвнител на сојузната држава Калифорнија, најголема и традиционално, определена во огромен процент- за демократите. Во Вашингтон доаѓа за да биде сенатор, а на годинешниве претседателски избори, се вклучи ( прв пат) во трката за номинација во демократската партија. Се повлече од трката порано- судирајќи се со левичарите и со конзервативците во сопствената партија.

Нејзините определби беа за враќање на политиката во традиционалните рамки, за реформа на полицијата, за ограничување на прекумерната употреба на сила, како и за разрешувањето на многу нерешени убиства на припадници на малцинските етнички заедници.

„Жената полицаец“

Медиумите ја имаат наречено- жената полицаец која ќе прави ред. Но кампањата покажа дека таа, како и нејзината колешка и противничка во трката, Ејми Клобучар- едно зборуваат како политичарки, а дејствувале различно како обвинителски. Харис се противи на смртната казна, па затоа што ( како обвинител) не барала смртна казна за еден калифорниски убиец на полицаец, во тоа време, има предизвикано револт и во оваа сојузна држава и низ САД.

Подржувачите, сепак, инсистираат дека таа има „прекрасни постигнувања“ како државен обвинител, што и има овозможено да биде избрана за сенатор.

Како и да е, демократите левичари останаа незадоволни што таа и демократите не се заложија повеќе за здравствената заштита ( Медикеар), додека конзервативците дека оди по патот на непопуларните Берни Сандерс и Елизабет Ворен, кои за овие демократи се премногу левичари.

Џо Бајден ја држи таа традиционална линија на партијата и на нејзинте гласачи , па затоа и уверливо ги надмина сите други противкандидати, но се најде на мака- кого во една ваква идеолошка поделба- да избере за свој потпретседателски кандидат.

Трка по електорските гласови

Американските аналитичари велат дека , сепак, не е толку идеолошката насоченост, колку популарноста, или тоа, кој колку гласови- електорски- може да повлече. Притоа, битката е за т.н. „Свинг Стејтс“- оние кај кои гласачите за секои избори менуваат страна.

Трамп го избра Пенс, а Хилари Клинтон се определи за Тим Кејн, за да се добијат гласовите на сојузната држава Вирџинија, која носи 13 електори. Во 2000 и 2004 година, токму таа држава и тие електори му овозможија да победи.

Камала, меѓутоа, доаѓа од Калифорнија, земја на демократите, што ќе рече дека таа на Бајден не можеше ништо да му донесе „ во мираз“ во битката со Трамп. Но, за експертите, таа имаше еден друг адут што Бајден и неговиот штаб маестрално го искористија- тоа е демографијата и тоа што е жена.

Прво, за да ги разбуди подзаспаните малцински гласачи, кои не влегоа многу ентузијастички за изборите 2016 година и жените кои не се прославија со подршката за Хилари, иако таа го совлада Трамп во „ народното гласање“.

„Глас за нова Америка“

А, кога Бајден ја одбра токму Харис, беше јасно дека овој двоец станува силен во време на длабоката расна, идеолошка, политичка и имигрантска политика која ја создаде Трамп, со начинот на кој ја управуваше Америка.

Овие избори и тесниот резултат потврдија колку силно влијание има поделеноста што беше максимално засилена во периодот од претходните избори, до овие годинава.

Кога требаше, таа силно застана зад Џо Бајден, во изборната кампања- сама, или некаде настапувајќи и заедно. Тоа го потврди веднаш штом стана јасно дека таа како избрана потпретседателка влегува во Белата куќа.

Во првото јавно обраќање по изборната победа Камала Харис им се обрати на Американците велејќи- „Избравте надеж, наука и заедништво. Гласавте за новиот ден на Америка“.

(В.А.)

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе