Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Туск: Варшава и служи на руската стратегија!

Туск: Варшава и служи на руската стратегија!

Поранешниот полски премиер Доналд Туск кој сега е претседател на групата на европските народни партии, ја обвини полската владеачка партија Право и Праведност (ПиС) дека со својата политика само и служи на руската стратегија- за поткопување на Европската унија.

-Со сето она што го прави и го презема, ПиС целосно се вклопува во стратегијата на Москва за разбивање на ЕУ, како и за геополитичка изолација на Полска- напиша Туск на својата страница на Твитер. Според неговото мислење, работите се отидени толку далеку што веќе и не важно дали раководството на оваа партија сето тоа го прави наполно свесно.

Варшава контра ЕУ

Изјавата на Туск е реакција на најновите случувања на релацијата меѓу Варшава и Брисел, откако полската влада, заедно со Унгарија на Виктор Орбан, ставија вето на новиот седумгодишен буџет на ЕУ, за периодот 2021/2027 година, како и за планот за санација на европската економија, погодена од глобалната пандемија.

Блокадата врз парите, во вкупна вредност  од рекордни  1850 милијарди евра, овие две земји-членки ја ставија затоа што се против новиот механизам што го изгласа Европскиот Парламент- добивањето на парите да биде условено со владеење на правото.

Ветото на овие пари делува самоубиствено за двете земји , затоа што се знае дека и Полска и Унгарија имаат голема потреба од европските пари за санација на нивните економии, како и од развојните фондови на ЕУ, во наредните седум години.

Но,  политиката што ја водат двете влади и тамошните десничарски, националистички и популистички идеологии на владеачките партии (Фидес, во Унгарија) , како и ПиС во Полска, предводена од Јарослав Качински, и овој пат се ставаат пред интересите на едната и на другата држава и пред интересите на тамошните луѓе.

Контроверзни реформи

Нивното спорење е од пред неколку години, кога и во двете земји, после победата на тамошните десничарски партии, двете земји извршија   повеќе контроверзни реформи и донесоа исто такви закони,  кои  отстапуваа од европските стандарди, од правилата и прописите на ЕУ што, инаку, ги имаат прифатено при пристапувањето во Унијата.

Владата во Варшава се судри со одредбите од системот за владеење за правото со партизирањето на судството и на државната администрација, со ограничување на слободата на медиумите, како и со спротивставувањето на европските стандарди за слободно и отворено општество кои се доминантни на Западот од ЕУ, а се повеќе и се почесто се задушуваат на европскиот Исток.

Полска (како и Унгарија) беа на неколку пати предупредувани од Европската комисија за да го ускладат законодавството, кое се најде „на тапет“, со стандардите и правилата на Унијата, а кога тоа не се случи, против Варшава ( и Будимпешта) беа отворени и официјални постапки за испитување на законитоста.

Полјаците сакаат во ЕУ

Власта во Полска, меѓутоа,  не мисли дека крши било какви европски правила, па затоа  инсистира на правото, работите во својата земја да ги уредува онака како што тоа таму мислат дека е исправно, без разлика што во полскиот случај, се прекршени основните начела на кои се темели Унијата.

Полскиот премиер Матеуш Моровјецки се заканува дека Варшава „ нема да дозволи (во земјата) да се спроведува визијата на некои други“ – додавајќи дека Полска е за ЕУ, но се противи на механизмот- парите да се условуваат со исполнување на европските стандарди за владеењето на правото.

Така размислуваат и Полјаците кои во едно истражување- во огромен број од 81 отсто мислат позитивно за ЕУ. Но околу 58 отсто сметаат дека не треба „ некој друг да одлучува за владеење на правото“. Во исто време, над 50 отсто од испитаниците, се согласуваат за овие прашања да одлучува – судот на ЕУ во Луксембург.

Во првите 15 години чланство на Полска во ЕУ, од 2004 до 2019 година, од европските развојни фондови, само оваа земја има примено 135 милијарди евра. Во Унијата, Полска влезе со најголема невработеност на Истокот, од над 20 отсто. Сега, по британскиот Брегзит, според  бројот на населението, оваа земја ќе стане петата економија во ЕУ.

(С.Г.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе