Британско-ирската граница мора да е отворена
Идниот американски претседател Џо Бајден, изјави дека границата меѓу Британија и Ирска (и по Брегзит) мора да остане отворена.
Во разговор со американските новинари, во неговиот дом, во сојузната држава Делавер, Бајден рекол дека „не сака да гледа класична граница“, со граничари, царински рампи и при тоа, признал дека за тоа, уште порано, разговарал со Лондон и со Даблин, како и со некои од европските лидери.
Уште претходно, тој има речено дека процесот на излегување на Британија од ЕУ, не смее да му наштети на историскиот, мировен договор од Велики петок, во 1998 година, како и дека договорот би морало, на секој начин, да биде заштитен.
За сето тоа, Бајден има разговарано со британскиот премиер Борис Џонсон, веднаш откако стана јасно дека тој е новоизбраниот американски претседател.
Одбрана на Стормонт
Договорот од Стормонт, како уште се нарекува, обезбеди крај на 30 годишните непријателства, со убиства, терористички напади и насилство, меѓу северноирците-протестанти и унионисти, со северноирските католици кои сакаат обединување на Алстер (Северна Ирска) со Републиката, на југот од островот.
Овој договор, за кој гарант се САД, обезбеди создавање институции за прекугранична соработка, но и за внатре, во самата Северна Ирска, со договор за постоење заедничка влада во Белфаст, која секогаш мора да ја пополнуваат партиите со најмногу гласови кај протестантите и онаа која победила со католичките гласови.
Реагирањето на Бајден доаѓа по (не)очекуваната одлука на Џонсон, во септември, да истурка посебен закон во Долниот дом на Парламентот во Лондон, со кој практично се крши северноирскиот протокол од Спогодбата за Брегзит со ЕУ, која ја имаат ратификувано и двете страни.
Со протоколот се предвидуваше да нема физичка граница, со царини, меѓу Северна Ирска и Република Ирска. Станува збор за единствената копнена гранична линија од 550 км. меѓу Велика Британија, која сега е надвор од ЕУ и Ирска, која и натаму останува во Унијата и е членка на еврозоната.
Бајден против Брегзит
Бајден и сега потсетил на своите ирски корени, што значи дека после Џон Кенеди, во Белата куќа одново влегува еден католик, со потекло од Ирска. Тој уште како претседателски кандидат му има порачано на Лондон дека мора да се почитува договорот од 1998 година, како гаранција за одржување на мирот на Островот.
Во таа прилика, уште тогаш има речено дека доколку настрада мировниот договор, Британија не би требало да смета на (брзо) потпишување договор за слободна трговија со САД.
Администрацијата на Барак Обама, во која Бајден беше потпретседател, на крајот на својот мандат, во 2016 година, силно агитираше против британскиот референдум за ЕУ и напуштањето на Унијата.
Во еден момент, Обама испрати порака до Британците (а, пред се кон Англичаните) дека доколку ја напуштат Унијата, во новите услови, не би требало да се надеваат на, преку ред, спогодување со Американците за слободната трговија меѓу двете земји.
Со или без договор со ЕУ
Републиканецот Доналд Трамп, меѓутоа, го поттикнуваше Брегзит на секој начин и ветуваше брз договор со Британија, кога ќе стане претседател.
Победи на изборите пред четири години, но не го исполни ветувањето. На стартот на преговарачкиот процес, на британската страна (велат) им има поставено бројни услови за постигнување договор за трговија. На разочарување на Британците.
Премиерот Борис Џонсон сега, продолжува со својата игра со Брисел. Па, еднаш тврди дека тој и неговата конзервативна влада, сакаат да се постигне договор со ЕУ, до крајот на периодот за транзиција, што истекува на крајот од оваа година. Но, во исто време, зборува и дека може да си оди (од Унијата) и без да постигне било каков договор со Европа.
Конечното заминување, без договор, во британските бизнис кругови се смета за најлошото решение за Британија. Таквиот расплет, во секој случај, сосема сигурно, прилично ќе ги закомпликува работите околу границата меѓу Северот и Југот на Островот и ЕУ.
(В.А.)