Израел зад атентатот на Фахризадех?
Иранскиот научник Мохсен Фахризадех (59), врвен експерт за нуклеарната технологија, за кого се верува дека e носител на програмата за развој на иранско нуклеарно оружје, деновиве е убиен во атентат во близина на Техеран.
Тој настрада патувајќи со автомобил, придружуван од неговите телохранители. Атентатот се случил во местото Абсард, во провинцијата Дамаванд, источно од иранскиот главен град, под засега различно објаснувани околности.
Според првичната верзија на иранските државни медиуми, Фахризаедх бил убиен откако со возилото упадна во поставена заседа, кога врз научникот и неговата придружба оган од автоматско оружје отвориле неколкумина напаѓачи.
Експлозија и истрели
Оваа верзија, во која се вели дека имало експлозија, а дека потоа се слушнале и истрели, ја измени, или можеби само ја дополни, Министерството за одбрана во Техеран. Во соопштението што од таму беше издадено се вели дека научникот бил убиен во напад со автомобил бомба, извршен врз возилото со кое патувал Фахризадех.
Ова министерство тврди дека телохранителите биле ликвидирани од напаѓачите кои пукале врз нив, откако го убиле научникот.
Во истото соопштение се вели дека убиениот бил раководител на одделението за „истражување и иновации“ при министерството, што на Запад уште од порано се смета дека е вклучено во изработка на првата иранска атомска бомба.
Министерот за одбрана Амир Хатами, во првичните реакции за атентатот и не крие дека Фахризадех работел врз „ иновации во одбраната“ , иако притоа не открива други детали.
Ирански Опенхајмер
Официјален Техеран гневно реагираше на убиството на својот врвен нуклеарен научник. Висок генерал на иранската армија веќе најави „ жестоко казнување“ за виновниците, на нив -едно по друго- посочија , прво шефот на дипломатијата Мохамад Џавид, а потоа и претседателот на државата, Хасан Рохани. И обајцата го обвинуваат Израел дека стои зад атентатот. Рухани оди и чекор понатму , па тврди дека нападот е дело на Израел „ кој ( во овој случај) делувал како платеник на САД“.
Израел засега молчи и од таму нема никаква реакција за она што се случи во петокот попладнето во околината на иранскиот главен град, без разлика што уште пред петнаесетина години Израелците го споменуваа овој научник.
За него има зборувано и израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху, означувајќи го Фахризадех како „ таткото на иранската А бомба“, нешто слично како што е Роберт Опенхајмер, кај Американците, во четириесети години на 20 век.
Ликвидирани научници
Иранецот, меѓутоа, не е првиот што на овој начин го завршил животот. Изминатите години неколкумина ирански нуклеарни научници , како и физичари поврзани со истражувањето во нуклеарната технологија, беа убиени , или пак починаа под мистериозни околности.
За сите вакви случаи властите во Техеран го обвинуваат Израел, иако никогаш до сега иранската страна нема понудено никакви докази за ваквите обвинувања.
И сегашните обвинувања не се поткрепени со никаков доказ , или барем со некакво навестување.
Но, американскиот весник „Њујорк Тајмс“ , повикувајќи се на , како што пишува, три различни разузнавачки извори, тврди дека е точно оти Израелците се одговорни за атентатот, потврдувајќи ја и високата улога на овој научник во скриеното работење на Техеран за да поседува нуклеарно оружје.
Бомба или нуклеарки
Уште во 2008 годинa американскиот Стејт департмент го има посочено сега убиениот научник дека управува со „активности и трансакции кои придонесуваат за развојот на иранската нуклеарна програма“.
Западот, Израел, но и иранските политички дисиденти од поодамна уверуваат дека токму тој е предводник на тајната програма за развој на нуклеарно оружје , што се тврди дека било запрено уште во 2003 година.
Властите во Техеран, меѓутоа, продолжуваат да тврдат дека не работат на прозиводство на атомска бомба и дека нивната нуклеарна програма има цивилна намена- за поттребите на нуклеарните електрани. Во ова не веруваат Израелците, оправдувајќи го тоа со политиката на Иран за тоа дека треба да се уништи еврејската држава, помагајќи ги притоа бројните шиитски организации и групи, во регионот, во борбата против постоењето на државата Израел.
За Тел Авив, во секој случај, останува на уверувањето дека Иранците работат на тоа да ја имаат првата шиитска атомска бомба.
Замешани и Саудијците?
Иако израелската влада се нема изјаснето за убиството на главниот ирански нуклеарен научник, премиерот Нетанијаху, во 2018 година инсистираше светот треба да го запамети името Фахрисадех , затоа што тој раководи со тимот кој прави А бомба.
Некои израелски медиуми, убиството го поврзуваат и со „тајната посета„ на израелскиот премиер во Саудиска Арабија (!?) за која минатата недела се пишуваше , како и за тоа дека Нетанијаху се сретнал и со крунскиот принц и саудиски престолонаследник.
Ријад ги демантираше сите вакви пишувања, но медиумите, очигледно е дека настојуваат , во атентатот да го замешаат и саудијците. Ваквата верзија делува апсурдна, но факт е дека на Блискиот Исто се одвива силна „подземна“ војна меѓу синитска ( вахабитска) Саудиска Арабија и шиитски Иран, за превласт во регионот.
Ријад, сепак, од поодамна има речено дека нема да седи со скрстени раце доколку Техеран произведе атомска бомба, порачувајќи дека во тој случај и Саудијците ќе имаат своја.
Во САД, пак, добро информираниот њуз-сајт „Аксиос“ изминатата недела пишуваше дека изаелската армија се подготвува за можен воен напад врз иранските нуклеарни постројки. Нападот според овие вести, би требало да се случи во последните недели од мандатот на претседателот Доналд Трамп.
(И.Т.)