Олигарсите под контрола на Путин
Тие се многу богати. Не само во Русија, туку и на глобално ниво. Станува збор за милијарди долари и за богатство кое е тргнато од времето на руската пост – комунистичка транзиција што во годините потоа, само е надградувано. Тоа би требало да ги прави и моќни и влијателни, но овие супер богаташи кои светот ги знае како олигарси, имаат ограничена моќ – сите се под контролата на рускиот претседател Владимир Путин.
Вака отприлика ги опишува и ја оквалификува нивната положба Андерс Аслунд, шведски економист и виши советник на Атланскиот совет кој на почетокот од деведесетите години од 20 век беше советник на руската влада. Анализирајќи ја сегашната руска ситуација, тврди дека во годините на владеењето Путин Русија се има претворено во клептократија.
Богати и послушни
Во таквите услови главнината од руската надворешна политика рускиот претседател ја има префрлено на луѓето од високиот руски бизнис. Тоа му овозможува на Кремљ да извлекува корист од нивниот бизнис, да штеди пари, а сепак, да остане сокриен, во недостигот на формални докази за вклученост во било какви криминални дела – како нарачател.
Аслунд вели дека Путин ја има ограничено слободата на обичните Руси, но тврди дека тоа им се случува и на олигарсите.
„Колку се побогати, толку повеќе треба да бидат послушни кон Кремљ, затоа што може се да загубат„ – објаснува шведскиот експерт. Затоа и се случува руските бизнисмени кои порано изгледаа независни, сега да се приморани да му служат на Кремљ – дома, но и во странство. Доколку одбијат ќе останет без се она што го поседуваат во Русија.
Според овој шведски експерт работите (на тој план) се развиваат на тој начин што Путин има распоредено одделни бизнисмени (практично) тие да ја преземат иницијативата во поедини држави!
Дерипаска во Црна Гора
На пример, во 2014 година, запалениот приврзаник во православието Константин Малофеев, има преземено „приватни“ сепаратистички акции во Источна Украина, за што веќе има „заработено“ санкции од САД. Готвачот на рускиот претседател, Евгениј Пригонин, управува со приватна (воена) компанија активна во Сирија, но исто така и во Либија, како и во неколку држави во Африка.
Во 2019 година и тој се најде под ударот на американски санкции, како раководител на фирма за „интернет истражувања“ од Санкт Петерсбург, која како што е веќе познато од истрагата во САД, беше директно обвинета за мешање во американските избори во 2016 година.
Олигархот Олег Дерипаска, пак, познат како рускиот „крал на алуминиумот“ е човек кој е исклучително близок до Кремљ уште од 2005 година, па се верува дека како задача му било доделено да ја координира руката политика, прво во Црна Гора, а потоа и во Ерменија.
Савидис – човек на Путин
На првиот човек на приватната нафтена компанија „Роснефт“, Игор Сечин му е предадена одговорноста за спроведување на руската политика во Венецуела, додека на многу богатиот грузиски олигарх, Будзина Иванишвили, управувањето со Грузија. Конечно, на овој список на Аслунд, се наоѓа и Иван Савидис.
Станува збор за „човек на Путин“ кој е роден во некогашниот Советски Сојуз, но сега е „надлежен“ за Грција, каде постојано живее. Тој стана и меѓународно познат, кога како сопственик на солунскиот фудбалски клуб ПАОК, по еден инцидент, влета вооружен во теренот, откако тв камерите на неговиот појас „уловија“ прикачен пиштол.
Неговите „навивачи – насилници“ и ултра – десничари ги имаат предизвикано сите нереди и масовни улични протести во Солун, вметнувајќи се меѓу националистички определените демонстранти кои се спротивставуваа на грчко-македонскиот договор од Преспа, во јуни 2018 година. Беа насочувани да го обвинуваат тогашниот премиер Алексис Ципрас за „предавство“ на грчките интереси.
Во секој случај , шведскиот експерт вели дека сите овие бизнисмени – олигарси кои успеале да преживеат во тешките услови на рускиот бизнис, сигурно е дека сакаат да ризикуваат, па бидејќи се блиски до Кремљ и до руските тајни служби, ним им е препуштено да располагаат со монополот врз одделни држави.
Признанието на Авен
Аслунд потсетува на завршниот извештај на американскиот специјален истражител (за руското мешање во изборите во САД) Роберт Малер, каде се посочува дека Путин лично потикнувал руски бизнисмени да се замешаат во американската политика.
Посебно се споменува случајот на милијардерот Пјотр Авен, претседател на најголемата руска приватна банка „Алфа“ кој има признаено дека со Путин се среќава на секои три месеци. За тие средби со рускиот претседател Авен има речено дека во разговорите со него , забележал дека „сите предлози, или изнесени критички забелешки на Путин, во основа , биле прикриени налози за дејствување“. Тој признава дека знаел оти ќе сноси одговорност, доколку не ги исполни добиените налози.
Токму од Авен, рускиот претседател побарал да воспостави контакти со новата администрација на Доналд Трамп, но кон него нема подигнато никакво обвинување, а ниту пак, е ставен меѓу санкционираните руски бизнисмени.
Санкции за олигарсите
Дерипаска, пак, бил поврзан со Пол Манфорт. Тој не е било кој за се уште актуелната администрација во Вашингтон. Едно време беше директор на изборниот штаб на Трамп во 2016 година, подоцна беше обвинет, осуден и замина на издржување на затворска казна – за попречување на правдата.
Од истрагата во САД се знае дека Дерипаска го има користено за да разбере кои политичари – на разни позиции – може да се искористат во земјите каде овој руски олигарх има свои бизниси. За таа услуга фирмата на Манфорт има добиено милиони долари во хонорари.
Андерс Аслунд, затоа, сугерира дека Западот ќе мора брзо и силно да и се спротивстави на ваквата закана од Москва и од претседателот Путин, како и дека тоа ќе мора да се направи на неколку нивоа и со различни мерки. Пред се, со санкциите кон поединци (Руси) на кои би им се забранило влегување на територијата на САД.
Билион руски долари
Втората мерка би била прекинување со издавањето на т.н. „златни пасоши“ – односно со издавање државјанство и пасош, за висока сума пари вложени како инвестиции во некоја земја (во ЕУ), или за купување скап имот. Кипар веќе ја примени оваа мерка.
Третата мерка, според шведскиот економист, е блокирањето и одбивањето да се примаат т.н. „сиви пари“, или оние на кои не им се знае потеклото. Такви пари на Западот има многу, затоа што олигарсите знаат дека чувањето на таквите пари во самата Русија – не е безбедно.
Според некои проценки – во странство има еден билион долари, приватни руски „сиви пари“! Тие на Западот, обично, пристигнуваат преку разни оф – шор фирми и најчесто завршуваат во анонимни компании, пред се, во два главни финансиски центри – во САД и во Велика Британија. И двата моќни финансиски пазари (Њујорк и Лондон) овозможуваат да се има анонимна сопственост врз финансиска актива.
(С.Г.)