Америка има нов претседател
Америка има нов претседател. Вкупно 46-ти по ред во историјата на САД. Тоа е Џозеф Џо Бајден, поранешен потпретседател во администрацијата на Барак Обама, поранешен сенатор од сојузната држава Делавер кој уште од 1972 година е во американската политика.
Во средата, на 20 јануари, како е тоа вообичаено, беше инаугуриран на традиционалната церемонија на Капитол Хил, откако на изборите што се одржаа на 3 ноември го победи доскорешниот претседател Доналд Трамп, поуверливо отколку што тоа го предвидуваа анкетите.
Над 80 милиони Американци гласаа за промена, давајќи го својот глас за Бајден кој е првиот досега што има добиено толку многу народни гласови, дури над 7,5 милиони повеќе од неговиот политички противник.
На тој начин и при определувањето на електорските гласови од секоја од сојузните држави, со кои се одредува победникот, излезе дека Бајден, на крајот, обезбеди силен мандат за обновата на Америка, после четирите години од управувањето на Трамп со државата.
Инаугурација под маски
Годинешнава инаугурација на новиот претседател, меѓутоа, се одвиваше во една сосема различна и досега невидена атмосфера.
За прв пат, новиот претседател и потпретседател, како и сите почесни гости, беа со маски на лицето, поради пандемијата со коронавирусот која најтешко од сите земји во светот ја има погодено Америка. Над 400 илјади лица досега се починати од овој вирус.
Од истите причини, за прв пат, новоизбраниот претседател ја презеде должноста без „публика“ – без вообичаената маса „обични“ граѓани кои секоја четврта година, на овој ден, обично се собираат на просторот пред Конгресот во Вашингтон за да ја следат церемонијата.
За прв пат, една ваква церемонија беше обезбедувана од 25 илјади припадници на Националната гарда, сите претходно детално проверени од ФБИ, во присуство на бројни полициски сили дојдени од другите сојузни држави.
Не само поради вообичаените безбедносни мерки кои редовно се прават во вакви прилики, туку поради стравот од можни напади на припадниците на разните банди, од ултра-десничари, расисти, приврзаници на белата супремација, за да се поремети преносот на власта.
Невидени безбедносни мерки
Тоа се истите оние насилници кои на 6 јануари во побуната што директно ја поттикна поразениот Трамп, повикувајќи ја вака идеолошки и политички обоената маса, да го „преземе Конгресот“. додека во него се водеше формалната расправа за потврда на изборната победа на Бајден.
Особено што тие навестуваа нов – овој пат – вооружен бунт – откако 24 часови пред инаугурацијата продефилираа со своите возила низ вашингтонските улици – не сокривајќи дека се вооружени.
Тоа не се случи, но за прв пат еден претседател кој не обезбеди втор мандат, одби да присуствува на инаугурацијата на својот наследник на функцијата.
Ниту му ја честита изборната победа, ниту како е редот го поздрави во Белата куќа, ниту сакаше да биде испратен од новоизбраниот шеф на државата, како што тоа до сега се случувало редовно на овој ден.
Ако Обама учествуваше на ваквата церемонија, предавајќи му го управувањето со Америка на Трамп, а поразената Хилари Клинтон беше на неговата инаугурација, доскорешниот претседател побегна од Вашингтон, сам со сопругата, во Флорида, на својот приватен имот.
Трамп „побегна“ од Вашингтон
Велат во претседателскиот авион, во кој за последен пат се возеше – ја следел церемонијата, веројатно сакајќи да слушне какво ќе биде обраќањето на Бајден.
Веројатно за да види како ќе биде третиран тој и неговото владеење кое повеќе наликуваше на авторитарно, во стилот на некои јужноамерикански лидери, отколку на една демократска држава, каква што е САД.
Подоцна се разбра дека кога Бајден влегол во Овалниот кабинет, на бирото нашол писмо од Трамп. Медиумите, веднаш настојуваа да разберат што би можел да напише доскорешниот шеф на државата кој побегна од инаугурацијата и до последниот момент крајно непријателски се однесуваше кон победникот до изборите и новиот претседател.
Самиот Бајден потврди дека има најдено писмо од Трамп, упатено до него и го означи како „љубезно“, но рече дека содржината ниту сега, а ниту подоцна, нема да се објави – затоа што станува збор за лично писмо.
Како и да е, останува грдиот гест на сега веќе бившиот претседател кој пред заминување не криеше дека е налутен што потпретседателот Мајк Пенс и повеќето сенатори, како и дел од конгресмените, му свртеа грб во неговиот обид за изборен пуч. Медиумите открија и дека додека неговата сопруга се радувала што „си одат дома“, сопругот Трамп не сокривал дека сака да остане во Белата куќа.
Камала Харис влезе во историја
Честа на американската традиција, за мирен трансфер на власта, затоа ја спасуваше Пенс кој со сопругата и со десетина сенатори – републиканци, присуствуваше на инаугурацијата.
Конечно, во сето тоа различно и досега невидено на една ваква церемонија има и нешто позитивно за историјата. Нешто што ја враќа вербата во демократска и расно еднаква Америка.
Нешто вистински историско – тоа е инаугурацијата на Камала Харис, првата жена потпретседател на САД.
Првата која има азиско потекло со индиски корени и е дете од расно мешовит брак – мајката е доселеник од Индија, а таткото имигрант од Јамајка. Сето тоа, предизвика и една сосема нова ситуација – за прв пат во Белата куќа да има – наместо како досега „втора дама“ (жената на потпретседателот), сега за прв пат има – „втор џентлемен“ – (сопругот на Харис).
Тоа во својот инаугурарен говор го истакна како посебно достигнување на овие избори, но и на американската демократија, во излагањето во кое најчести зборови беа – единство и обединување на Америка.
Сосема разбирлива порака до американската јавност, која е веќе изморена и темелно растресена од судирите во општеството, од длабоката идеолошка, но над се расна и социјална поделба, карактеристични за изминатите години од трамповата администрација.
Растресена, но и исплашена од опасно засилената крајна десница, од расистите кои навлегоа во политиката и од оние кои заговараат “бела“ Америка.
Единство и обединување
Затоа и Бајден толку инсистира на потребата од повторното обединување на САД и на Американците, ветувајќи дека тој ќе биде претседател на сите – и на оние кои не гласале за него. Во ситуацијата во која се најде САД, посебно по побуната од 6 јануари, ваквите зборови на новиот претседател не се излитени политички фрази, затоа што на Америка, како ретко кога и треба да се излекува од она низ што помина.
Или како што има речено шефот на кабинетот на Бајден – да се врати во нормала.
На САД брзо и претстои судење на Трамп во Сенатот, откако и републиканците во Горниот дом каде го загубија мнозинството, сега сметаат дека доскорешниот претседател треба да одговара за побуната и за нападот врз Конгресот, што за Американците претставува симбол на демократијата.
Сега изгледа дека мнозинството од Сенатот го смета Трамп за виновен што ја поткопа довербата во американскиот изборен систем, со своите недокажани обвинувања за наводната изборна измама.
Демонтирање на трамповите мерки
Меѓутоа, Бајден од порано најави дека не сака да се занимава со тоа, а нема ни време за трошење за исцрпувачки дебати околу Трамп, па уште веднаш по влегувањето во својата канцеларија, во Овалната соба во Белата куќа, почна со демонтирањето на некои од контроверзните мерки и одлуки што ги носеше претходниот претседател.
Најавени се 17 нови претседателски уредби на новиот претседател, за кои не е потребна потврда во Конгресот.
Првите три, Џо Бајден ги потпиша уште веднаш – за задолжително носење маски за лицето, како мерка во борбата со короната, што Трамп тврдоглаво одбиваше да го направи и покрај барањата на епидемиолозите.
Втората, за враќање на САД кон парискиот договор за климата, од каде претходниот претседател излезе, тврдејќи дека договорот е (наводно) „штетен за Америка“, а третата уредба се однесува за укинување на трамповата забрана за влез во САД на државјаните од некои (исламски) држави.
Пакет од 1900 милијарди
До крајот на овој месец, како што е најавено, со вакви уредби, но и со мерки за кои му е потребна верификација во Конгресот, новиот претседател ќе настојува да ја врати Америка во нормала.
Пред се, станува збор за промоција на масивниот економски пакет за помош на бизнисите и луѓето, „тежок“ 1,900 милијарди долари.
Потоа за промоција на мерките за општествена и расна правда кои се битни за смирување на тензиите во општеството, како и прогласување мораториум за отплатата на студентските кредити и на кириите – за да се спречи посиромашните студенти да не можат да ги плаќаат станарина, па да се најдат на улица.
Некои од американските коментатори, затоа и се согласуваат со позицијата на Џо Бајден, да не се троши ниту време, а ниту дебати за Трамп. Според нив, во сегашнава ситуација САД навистина немаат време за трошење, бидејќи треба брзо да се врата во нормала, ослободени од трамповото дрско и некомпромисно однесување.
А, што се однесува до судењето во Сенатот – расте уверувањето дека доскорешниот претседател нема да се извлече неказнет.
(С.С.Г.)