Кира Најтли нема да глуми во секси сцени
Британската актерка Кира Најтли, која измината деценија се има појавено и во низа холивудски филмови, за прв пат, многу директно се вклучи во движењето „Мe Too” – за одбрана на достоинството на жените кои работат во филмот, жртви на сексуалната злоупотреба.
Ова движење, инаку, настана како одговор на аферата со поранешниот познат холивудски продуцент Харви Вајнстаин, откако низа актерки и жени ангажирани на сетот и во филмската индустрија, го обвинија за силување и за сексуално насилство.
Работа со жени-режисери
Учествувајќи во една дебата на оваа тема, Најтли (35) има речено дека „повеќе нема да снима секси сцени“ во некој филм, откако во дебатата таа отворено зборувала за односите и за состојбите на сетот, во американската, но и во филмската продукција воопшто.
„Нема повеќе да се соблекувам гола, ниту ќе снимам секси сцени, во било каков филм, доколку режисерот на сетот е маж. При тоа, Британката рекла дека „веќе и е незгодно да го прави тоа во едно такво опкружување“ какво што обично има во филмските студија .
Имам родено две деца и навистина, повеќе немам никаква потреба, онака соблечена гола, да дозволувам да ме гледаат сите тие машки погледи, каде се одвива некоја таква филмска сцена – има речено Кира Најтли.
Таа при тоа објаснила дека за потребите на филмот во кој учествува и за уметноста, можеби некогаш и би направила исклучок, но таквиот филм би морало да го режира жена.
„Координатори за интимност“
Најтли не е првата актерка која ја има покренато оваа тема, особено откако се отвори прашањето за сексуалното изживување и за злоупотребата на жените во светот на филмот и воопшто при правењето на некој филм. Пред се, околу тоа како се третираат актерките додека се снимаат сексуални сцени.
Таа притоа открила дека и досега, во секој договор што го правела со компаниите, инсистирала на постоење посебна клаузулата за тоа дека од неа нема да се бара да се свлекува гола, или да се појавува без облека во некоја сцена. Тие услови биле составен дел на секој нејзин договор, откако во 2015 година за прв пат станала мајка.
Не можам да прифатам да бидам дел од некоја филмска сцена, разголена и во жешка сексуална сцена, додека знам дека околу мене „запалени“ посматрачи уживаат во она што го гледаат – рекла Најтли.
А, бидејќи не е единствена, од времето на појавата на „Мe Too”, многу студија веќе имаат изнајмено „координатори за интимност“ кои ги надгледуваат сексуалните сцени и ги уверуваат актерките да се чувствуваат „удобно“ во таквите ситуации, но и да бидат третирани со полн респект додека се снимаат такви сцени.
Воспитување на ќерката
Кира Најтли првиот успех го имаше во британскиот филм „Bend it Like Beckham”, а потоа и во низа други филмови, како што се наградуваниот „Аtonement”, или во комерцијалнит хит „Pirates of the Caribbean”, покрај Џони Деп и Орландо Блум.
Минатата година играше во филмот „Мisbehaviour”, една драмска комедија која се случува во седумдесетите години на 20 век, за движењето за ослободување на жените.
Актерката претходно има откриено дека и забранува на својата ќерка да гледа дизниеви, цртани, филмови во кои жената се третира онака како што таа – мајката (Најтли), не се согласува.
Ваквиот настап на британската актерка го покрена и прашањето за иднината на движењето „Ме Too”, по правната разврска на случајот Вајнстаин.
„Ме Too” се уште живее
Неговите покренувачи во Америка инсистираат дека тоа останува „живо“ и дека нема ниту основа да биде напуштено, или заборавено, затоа што ништо значајно и големо се нема изменето од времето кога е создадено.
Според оснивачите на движењето, навистина Вајнстаин, човекот кој има добиено четири Оскари за најдобра филмска продукција, е во затвор, неговата продуцентска куќа е уништена и не постои, но проблемот со третманот на жените, со сексуалната злоупотреба и со насилството – во светот на филмот, на филмскиот сет – и натаму се присутни.
Многу жени продолжуваат да се жалат за тоа како се (сексуално) третирани на работните места, а таквите состојби не се врзани само филмските студија и при правењето филмови. Ги има во речиси сите професии.
(Т.О.)