„Трамп 40 години бил пион на КГБ“
Поранешен разузнавач сега тврди дека цели 40 години руската тајна служба (КГБ) била импресионирана од ликот, но и од дејствувањето и однесувањето на Доналд Трамп.
„Всушност, четири децении доскорешниот американски претседател бил руски пион, подготвен да ја промовира (советската – руската) пропаганда “ – изјавил за лондонски „Гардијан“ некогашниот руски оперативец Јуриј Шветс (67), кој во осумдесеттите години на 20 век бил стациониран во Вашингтон.
Шветс, инаку, бил оперативец со висок чин во КГБ, кој во Америка бил прикриен како новинар-дописник на советската агенција ТАСС.
Трајно се населил во САД во 1993 година, кога добил и американско државјанство. Работел како истражител за корпоративна безбедност, а едно време му бил партнер на Александар Литвиненко.
Овој беше поранешен оперативец на руската тајна служба кој побегна во Британија, но во 2006 година, во Лондон беше убиен, откако беше затруен со радиоактивниот изотоп Полониум, ставен во неговиот чај.
На рускиот радар
Своите тајни за врските на Трамп со Русите и со Русија, му ги има раскажувано на новинарот Крег Унгер, инаку соработник на списанието “Венити Феар“ кој од сето тоа направил книга „American Kompromat”.
Во книгата станува збор за луѓе кои се регрутираат, уште додека се студенти, а кои потоа се искачуваат на општествената скала и достигнуваат до некоја висока функција, како во случајот на Доналд Трамп.
Според раскажувањата на Шветс, содржани во книгата, на „радарот“ на руската тајна служба, Трамп се појавува во 1977 кога се оженил со чешката манекенка Ивана Зеленичикова. Веднаш станал цел на шпионската операција на тогашната чешка тајна служба, која во тоа време била целосно поврзана и во функција на советската КГБ.
Три години подоцна, Трамп ја отвора својата прва голема зграда во Њујорк – Гранд Хајат – подигната во близината на Гранд Стејшн, главната њујоршка железничка станица.
Сугестија за влез во политика
Од тој момент, околу неговиот бизнис се случуваат „чудни коинциденции“. Така, за опремувањето на хотелот, младиот Трамп купува 200 телевизори, од бизнисмен, советски имигрант и ко-сопственик со една фирма за електронски апарати.
За фирмата Шветс тврди дека била под контролата на КГБ, а дека бизнисменот кој ги продал телевизорите, всушност, бил агент-оперативец, т.н. селектор – со задача да трага и да определува кој би можел да биде мета.
А, тој го има одбрано Доналд Трамп. Веќе тогаш млад и амбициозен, и вешт бизнисмен кој постојано напредува и според првичните проценки на оперативците – идеален за потенцијален соработник.
Како и да е, во 1987 година, брачната двојка Трамп била во посета на тогаш Советскиот Сојуз – во Москва и во Сенкт Петерсбург. Шветс уверува дека за време на посетата, агентите на КГБ му се додворувале на Американецот, настојувајќи максимално да го шармираат и да ја задоволат неговата суета – па, му зборувале дека би требало да влезе во американската политика.
Ранлив ако му се ласка
Едноставно, во психолошкиот портрет што го имаат направено било забележано дека Трамп, психолошки и интелектуално е многу ранлив и дека лесно е ранлив доколку му се ласка. И тоа го искористиле.
По враќањето од Русија, Трамп, навистина, почнува да се интересира за политиката и дури се обидувал да се вклучи во трката за номинација за претседателските избори.
Организирал забава за своја лична промоција и закупил страници во угледните весници – „Њујорк Тајмс“, во „Вашингтон Пост“ и во „Бостон Глоуб“ во кои ги има изнесени своите тогашни политички погледи. Го нападнал претседателот во тоа време Роналд Реган, но го критикувал и учеството на Америка во НАТО.
Пораката на Трамп од тоа време била – „зошто САД би бранеле други земји, наместо да се бранат себе си“ – (порака неверојатно слична со постапките и однесувањето на Трамп како претседател на САД, во времето откако во 2016 година беше неочекувано влезе во Белата куќа).
Разочарувачка истрага
Огласите во трите весници и она што го има изнесено во нив, ги воодушевило луѓето на руската тајна служба. За нив изборот на оваа мета бил успешен потег, а политичката промоција била означена како големо постигнување на ПИОНОТ на КГБ.
Поранешниот разузнавач Шветс, за лондонскиот весник вели дека сето тоа што се случувало во осумдесеттите години (со и околу Трамп) е „ситуација без преседан“, затоа што како што вели – нема слушнато, ниту пак видено – некој налик на него, се додека не стана претседател на САД.
Изборната победа во ноември 2016 година во Москва беше силно поздравена. Во САД беше покрената и истрага за мешањето на Русија, а се определи специјален истражител, но Роберт Малер не откри ништо за постојаните врски на тимот на Трамп и на Русите – зборува сега Шветс.
А, „Гардијан“ повикувајќи се на истражувања на Московскиот Проект, иницијатива на Центарот за американски прогрес, открива дека имало дури 272 контакти и барем 32 состаноци со оперативци-функционери на Русија.
„Инструмент на КГБ“
За овој поранешен оперативец, извештајот на Малер е „целосно разочарување“, но дека сега е тука книгата на Крег Унгер за да се продолжи приказната, таму каде специјалниот истражител застана.
Во сличен тон зборува и авторот Унгер кој е убеден во тоа дека Трамп бил „инструмент на КГБ“.
„Тие немале план да го обликуваат Доналд Трамп за да тој, после 40 години се искачи на политичкиот врв и влезе во Белата куќа, кога во осумдесеттите години на 20 век почнале да работат со него. Тоа е времето кога Русија имала регрутирано луѓе од политичката левица и десница, во потрагата по десетина личности за она што им требало“ – зборува сега авторот.
Што се однесува за Трамп – тој за нив бил совршен за она што им требало – суетен и нарцисоиден – констатира Крег Унгер.