Тирана без „Албанската пирамида“
Албанските градски власти одлучија да се ослободат од музејот на Енвер Хоџа, сместен во строгиот центар на Тирана, во близината на Парламентот и седиштето на владата, најавувајќи негово целосно редизајнирање и преуредување.
Станува збор за објект налик на огромен циркуски шатор, од бетон, мермер и стакло, што во тамошната јавност е познат како „Албанската пирамида“.
Ова необично здание е изградено во 1988 година, три години по смртта на комунистичкиот диктатор Хоџа кој со Албанија сурово владееше од после Втората светска војна, се до својата смрт.
За него Албанците денес зборуваат дека има изградено еден од најсуровите режими во Европа и светот – параноичен комунизам кој ја има целосно изолирано оваа балканска и европска земја што излегува на две мориња, владеејќи со земјата и со луѓето со „железна тупаница“.
Зградата – музеј е дизајнирана од неговата ќерка и нејзиниот сопруг, зет на Хоџа – и обајцата архитекти – за да биде споменик за таткото и политички лидер.
По падот на комунизмот во деведесеттите години на 20 век, објектот беше претворен во културен центар, но и место каде се сместија неколку приватни тв станици, исполнето со бројни продавници и со ноќни клубови.
Сега се настојува да се претвори во локација каде ќе се собира албанската младина.
Премиерот Еди Рама има изјавено дека тоа е „добар начин да се стави крај на овој споменик на еден диктатор и на неговиот режим“.
Не се споменува колку ќе чини реанимирањето на „Албанската пирамида“, ниту пак колку време ќе биде потребно за нејзиното преуредување. Познато е само дека работите ќе ги изведе една албанско – американска развојна фондација.
Како и да е, сите во Тирана не мислат дека „музејот на Хоџа“ треба да се растури. Некои се на мислење дека треба да се сочува како споменик што ќе потсетува на дел од минатото на оваа земја.