Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Супер Марио” за Италија

Ale_Mi/Depositphotos.com

„Супер Марио” за Италија

Италија има нова влада – 67 по ред по завршувањето на Втората светска војна и нов премиер. Тоа е Марио Драги (76), економист (велат – еден од најдобрите), поранешен претседател на Европската централна банка (ЕЦБ), претходно и гувернер на Банката на Италија.

Неговата влада е надпартиска, составена главно од технократи, експерти и од по еден министер од трите главни партии кои ја сочинуваат владата што може да се означи и како влада на „национално единство“.

Министер за надворешни работи останува Луиџи ди Мајо (висок функционер на движењето Чинкве Стеле (Пет Ѕвезди) без кого не ќе можеше да се формира влада, па ќе мораше да се оди на предвремени избори. По едно министерско место имаат и ултра – десничарската Лига и левоцентристичката Демократска партија.

Политикански игри

Изборот на Драги е резултат на компромисот што го постигнаа партиите за да не се оди на избори предвреме и кога тоа изгледа никој не го сака, иако десничарите се храбреа дека сакаат гласачите да одлучат за нова влада, но излезе дека и ним им одговара едно вакво решение.

Прво, затоа што јавноста не сака избори, во време кога земјата одново е тешко погодена од коронавирусот, а потоа и затоа што се смета дека сега прво треба да се средуваат економските состојби кои ги предизвика пандемијата, наместо да се играат политички игри.

А, токму такви игри го предизвикаа падот на владата на Џузепе Конте и тоа од поранешниот премиер Матео Ренци и поранеше лидер на Демократската партија, со која се раздели и создаде една мала (либерална) партија која во моментот има мал рејтинг, како последица на игрите на Ренци. Станува збор за бројните судири и нетрпеливост на Ренци и на Конте, која кулминираше со одлуката на поранешниот премиер Ренци да ги повлече своите двајца министри од контеовата влада и да излезе од коалицијата.

Ренци направи криза

Успеа да создаде криза, која не можеше да се надмине, иако Конте успеа да добие поддршка во двата дома на Парламентот. Формално, Ренци разидувањето го објасни со несогласувањето со Конте за тоа како да се распределат 209-те милијарди евра што Италија ги доби од масивниот пакет од Фондот за санација на економијата на ЕУ – наменет за секоја од земјите членки на Унијата.

Во еден момент изгледаше дека Конте, со политички маневар, ќе успее да остане на функцијата, прекомпонирајќи ја владата со нови министри, а со истите играчи – партии. Но, тоа не се случи, па претседателот на државата се определи за нов премиер и нова влада, без избори.

Изборот падна на Драги кој веднаш ја доби поддршката од најголемиот број партии во Парламентот – а, пред се, од три најбројни – Чикве Стеле, Демократската партија и Лига.

Спасител на еврото

Уште повеќе што Марио Драги доаѓа со ореолот на „спасител на еврото“ во време на сериозната криза во ЕУ и посебно во еврозоната, кога разни експерти, но повеќе оние кои се против ЕУ и заедничката валута, предвидуваа нивни крах.

Италијанецот некои западни експерти го пречекаа со недоверба кога ја презеде ЕЦБ. Но, по излегувањето од кризата која не можеше да ја загрози ниту крахот на Грција и нејзината економија, Драги стана – „Супер Марио“.

Проценката на италијанската јавност е дека ако можеше да ги спаси еврозоната и еврото, сега, секако ќе може да ја спаси и Италија.

Тој самиот, меѓутоа, засега не зборува, а ниту се рекламира како „спасител“, ниту како „супер“ експерт.

До сега само најави дека оваа италијанска влада ќе биде „еко влада“ и како ретко која ќе се посвети на силното интензивирањето на внесувањето на „зеленета енергија“ и на борбата за спречување на климатските промени.

„Супер министерство“

Рим годинава треба да биде коорганизатор, заедно со Лондон, на специјалниот Г – 7 Самит посветен климата, па екологијата излезе при врвот на агендата на владата на „Супер Марио“ .

Тоа се прави и од потребите за одржувањето на новата коалиција, затоа што движењето Чинкве Стеле – екологијата и климата ги има ставено како предуслов за поддршката на Драги. Но, тоа е и еден од условите за добивањето на европските грантови за опоравување на економијата по пандемијата.

Дури 37 отсто од парите ќе треба да се насочат кон „зелената енергија“. Затоа, на самиот старт, Драги најави создавање на „супер министерство“ за транзицијата кон „зелената енергија“ и на тоа место постави „супер министер“. Тоа е научникот Роберто Цинголани кој има работено во италијанската воена индустрија и во „Ферари“, како и во низа истражувачки центри во Германија, Италија, Јапонија и во САД.

Што се однесува до грантовите од Фондот за опоравување – тие ќе се дистрибуираат меѓу 2021 и 2023 година, и ќе мора да се искористат до 2026 година.

(Р.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе