Бугарија: Само 10 отсто сакаат да се вакцинираат
Владата во Софија соопшти дека ќе се интензивира вакцинирањето против коронавирусот во Бугарија и дека ќе бидат вакцинирани сите кои сакаат, откако се обелодени податокот дека оваа балканска земја е уверливо последна по процентот на вакцинираните и на оние кои сакаат да бидат вакцинирани, меѓу земјите од ЕУ.
Сега се настојува да се засили кампањата и да се увери јавноста во потребата од вакцинирање, но досега, само 0,3 од 100 граѓани имаат примено вакцина, што е најмалку во Унијата.
Вкупно гледано, и ЕУ како целина, далеку заостанува зад Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) каде се вакцинирани 41 лице од вкупно 100 граѓани, потоа од Израел кој има вакцинирано 40 на 100 лица, или од Британија, со вакцинирани 17,7 лица од 100 кои се пријавиле. Во ЕУ, на пример, пред сите се Данска и Романија, но и тие со 3,4 вакцинирани на 100 лица.
Отпор кон вакцинирањето
Според европските новински агенции, во Бугарија ваквата состојба во земјата се објаснува со задоцнетата дистрибуција на вакцините. Земја од седум милиони жители, како Бугарија, досега има примено 90 илјади дози – сите од првата пратка распределена во рамките на заедничката дистрибуција, во деновите пред Нова година.
Но, основниот проблем со вакцинацијата против смртоносниот вирус е во отпорот на луѓето кон вакцинирањето.
Последната направена анкета покажува дека само 10 отсто изјавиле дека сакаат да се вакцинираат и тоа што е можно побрзо.
Дури 52 отсто изјавиле дека не сакаат воопшто да се вакцинираат, а други 37 отсто признале дека размислуваат за вакцинирањето, но дека се уште не се определиле дали да примат било која од вакцините. Или се заедно, 89 отсто од анкетираните се противат да примат вакцина против коронавирусот.
Лекарите „паднаа на испитот“
Според владиниот план, изработен со епидемиолошките власти, досега требало да се вакцинираат по десет илјади лица дневно. Таквиот план, меѓутоа, не е реализиран и во Софија дури сега се најавува дека работите ќе се интензивираат, откако владата увезува дека се обезбедени доволно количества вакцини.
Покрај постоечките резерви, нарачани се уште 500 илјади дози од Фајзер/Бионтек, потоа од Астра/Зенека, како и од американската Модерна.
Предвидено е забрзано да се вакцинираат прво 70 отсто од просветните работници и од вработените во т.н. чувствителни професии.
Тоа требаше да се направи и досега, но владини извори признаваат дека отпор кон вакцинирањето има и меѓу лекари и медицински сестри. Тие се повикуваат на вакцинирање, според направениот план, но голем дел од нив не се јавуваат во закажаниот термин.