Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Горбачов: Не се плашете од преговори

id1974/Depositphotos.com

Горбачов: Не се плашете од преговори

Поранешниот советски лидер и прв и последен претседател на СССР, Михаил Горбачов изјави дека верува во подобри односи на Русија и ЕУ, иако тие сега се на најниско ниво од крајот на Студената војна.

Во интервју за руската агенција Интерфакс, Горбачов рекол дека нема ништо страшно во преговарањето и ги повикал рускиот претседател Владимир Путин и американскиот Џо Бајден да се сретнат и во разговори во „четири очи“ – за нуклеарното оружје и за разоружувањето да расчистат некои од напластените проблеми во односите.

Не плашете се од преговори. Само низ преговори и состаноци на највисоко ниво може да се дојде до позитивни резултати. Сите ние сме Европејци, а тоа значи дека мораме да преговараме – рекол поранешниот советски лидер.

Искуство од осумдесеттите

Тој смета дека и денес главната закана (за светот) е нуклеарното оружје и тоа како да се спречи нуклеарна војна. Горбачов, смета дека за напредок, треба да се настапи отворено (и од двете страни – руската и американската) и отворено.

„Доколку се сака да се постигне спогодба, тогаш може да се постигне многу“

…има речено Горбачов, потсетувајќи дека тој заедно со тогашниот американски претседател Роналд Реган, во осумдесеттите години на 20 век, успеаја во тоа, иако никој не веруваше дека тоа ќе биде можно во тогашните геостратешки услови во светот и при постоење длабоки политички и идеолошки разлики меѓу тогашниот Советски Сојуз и САД.

Од тогаш, Советите (Русите) и Американците имаат потпишано неколку договори за разоружување, посебно во времето додека Горбачов беше лидер на СССР.

„Нов СТАРТ”

Во изминатите четири години, во време на администрацијата на доскорешниот претседател Доналд Трамп, САД еднострано, се повлекоа од повеќето од советско – американските договори за разоружување.

Откако новиот претседател Џо Бајден влезе во Белата куќа, а тоа е од пред 40 денови, двете земји брзо се спогодија да продолжи важноста на последниот голем билатерален договор меѓу Вашингтон и Москва, за нуклеарно разоружување, познат како „Нов СТАРТ“ – за следните пет години.

Михаил Горбачов е во право кога предупредува на заканата од нуклеарното вооружување.

Само Русија и Америка поседуваат 90 отсто од светскиот нуклеарен потенцијал, но она што сега загрижува е тоа што покрај досега познатите нуклеарни сили, во трката по најсмртоносното оружје сега се вклучуваат и нови играчи – Северна Кореја, пред се, како и Иран, како потенцијална нуклеарна сила (иако Техеран демантира дека се подготвува за производство на атомска бомба).

Со ЕУ е посложено

Доколку Иранците дојдат до тоа оружје, претпоставка е дека во трката по атомска бомба, во регионот на Блискиот и Средниот Исток, би се вклучила и Саудиска Арабија, а и Израел, за кого се смета дека можеби веќе има (тајно) изработено ваква бомба.

Односите на Русија со ЕУ, за што Горбачов сугерира дека би можело да се подобрат – доколку двете страни сакаат да се спогодат – сепак, се поинакви и дури и покомпликувани.

Ерозијата настана кога Русија изврши анексија на Крим, во март 2014 година.

Уследија санкции од ЕУ, кои се засилија откако стана јасно дека зад воената интервенција на сепаратистите во источна Украина – во Луганск и Донецк – стои Москва која политички, воено и економски ги помага бунтовниците кои војуваа со украинските сили.

На сето тоа се надоврзаа тензиите со нападите по европските земји, врз дисиденти, или политички бегалци од Русија на Запад. Во англискиот град Солзбери, беше употребен подзаборавениот нервен агенс „новичок“ со кој требаше да биде убиен некогашниот двоен агент Сергеј Скрипал кој сега живее во Британија.

Новичок и Навални

Кризата се продлабочи откако Британците ги открија и ги прикажаа четворицата припадници на руската тајна служба ГРУ, додека забрзано заминуваат од градот, на пат кон лондонскиот аеродром Хитроу. Во нападот Скрипал преживеа, но жртва беше една Англичанка која ја има најдено кутијата, каде бил ставен нервниот агенс.

Сето тоа продолжи во август 2020 година, со нападот врз Алексеј Навални, најгласниот критичар на Путин, кого го нападнаа, исто така, со „новичок“ на враќање од Томск (во Сибир) за Москва. Тој се спаси откако го префрлија на лекување во Берлин, но се разбра и во неговиот случај дека зад нападот стои другата руска тајна служба ФСБ. Сега Европскиот Парламент притиска врз Брисел да воведе санкции врз Русија и за нападот врз Навални.

Конечно, руската страна изминатите години се сврте кон покренување „сајбер војна“ – со хакерски напади и со мешање во изборите на разни земји, па дури и во изборите во САД, во ноември 2016 година – кога Москва не скриено навиваше и го подржувале тогаш непознатиот во политиката и целосен новак – Доналд Трамп.

Разбивање на единството

Европските земји се посебно гневни што Русија работи против ЕУ, настојувајќи да го разбие единството меѓу земјите – членки, како и со поддршката што ја дава за европската ултра – десница и за сите евроскептични партии, вклучувајќи и оние во земји какви што се Франција и Италија.

Интервјуто на Горбачов за Интерфакс е едно од ретките што ги има дадено за еден руски медиум.

Тој ја има добиено Нобеловата награда за мир во 1990 година, но во Русија го обвинуваат дека го има „растурено Советскиот Сојуз“, како и дека го има „погребано“ комунизмот.

Горбачов кој во вторник полни 90 години, е исклучен од новиот руски закон со кој сите бивши претседатели се амнестираат за се она што го имаат направено и преземено додека биле на функцијата. Вклучувајќи ги и членовите на нивните најблиски семејства.

Излегува дека законот е донесен за Путин и за Дмитри Медведев. Третиот екс претседател – Борис Елцин е веќе починат.

Понатаму
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе