Катастрофални поплави во Австралија
Неколкудневните поројни дождови кои погодија делови од сојузната држава Нов Јужен Велс и посебно пошироките реони на најголемиот австралиски град Сиднеј, предизвикаа катастрофални поплави во Австралија, какви (велат) немало во последните 50 години.
Десетици илјади луѓе мораа итно да се евакуираат од поплавените подрачја, каде на помош на локалните екипи за спасување, на полицијата и на противпожарните екипи, им се приклучија и припадниците на австралиската армија.
Во некои делови од оваа сојузна држава, во изминатите денови, дожд има паднато во висина од 1 метар, а метеоролозите најавуваат дека врнежите ќе продолжат, со истиот интензитет до средината на неделата, кога се очекува тие да престанат.
Куќи однесени од стихијата
Засега, нема извештаи за човечки жртви, но е предизвикана голема материјална штета – најмногу на приватниот имот на луѓето – со поплавени, а во делови од регионот околу Сиднеј и со урнати домови. Надојдените силни води некаде целосно ги имаат однесено куќите, од кои нивните жители биле спасувани во последен момент.
Сите училишта во тој дел од Австралија се затворени, многу патишта се блокирани и забранети за возење, затоа што поплавите тешко ги имаат оштетено и поткопано и коловозните ленти.
На социјалните мрежи се појавија предупредувања до сопствениците на поплавените куќи да бидат внимателни кога влегуваат во нив и се обидуваат да спасат од таму дел од покуќнината, на разни змии кои бегајќи пред водената стихија се имаат вовлечено во домовите и исплашени можат да ги нападнат луѓето.
„Њино“ се сели кон север?
Според хидролозите, сите реки во околината на Сиднеј имаат рекордно високо ниво, какво немало се децении наназад и токму тие ги имаат предизвикано поплавите. Во опасност е и големата брана западно од градот, преку која се прелива вода за прв пат по низа години, иако велат дека нема директна закана таа да попушти под притисокот на водата.
Станува збор за брана на акумулација која е главниот снабдувач на Сиднеј со вода за потребите на населението.
Метеоролозите сега предупредуваат дека големата дождлива маса што ја носи циклонот „Њино“ од средината на неделава ќе треба да почне да се повлекува од приморскиот дел на Нов Јужен Велс и реонот на Сиднеј, кон северната територија на Австралија. Велат дека тоа е огромна маса од облаци кои по површината се колку американската сојузна држава Аљаска, полни со вода кои се подготвуваат, како силни дождови да се истурат врз делови од државата што сега не се погодени од катастрофалните поплави.
Загрозени десет милиони луѓе
Локалните и сојузната влада веќе имаат издадено соопштенија со предупредување до околу десет милиони луѓе кои би можеле да бидат погодени од доаѓањето на огромниот циклон, како и од можните поројни дождови што сега би можеле да „удрат“ на друга територија.
Големите поплави се случуваат на крајот од австралиското лето и на почетокот од есента на јужната хемисфера.
Минатата година Австралија беше погодена од катастрофални пожари какви – тогаш беше речено – немало со децении. Еколозите сметаат дека и пожарите и сегашните поплави треба да се поврзат со климатските промени, но така не мислеше и така и сега не мисли сојузниот австралиски премиер Скот Морисон.
Како и да е тој и неговата десно – центристичка влада сега настојуваат што е можно побрзо да се санираат последиците од поплавите во Нов Јужен Велс, ветувајќи исплата на првична парична помош за семејствата на настраданите, иако настојува да не влегува во полемики околу причините за големата вода, што одамна не е видена.
(Г.И.)