Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Спутник контра Фајзер

zastavkin/Depositphotos.com

Спутник контра Фајзер

Рускиот претседател Владимир Путин (68), најпосле, после многу навестувања и одлагања, за што беше и прозиван во домашната јавност, се вакцинирал против коронавирусот – соопштува Кремљ, како и дека тоа го направил „приватно и без присуство на камери“.

Во соопштението на неговиот портпарол не се споменува која од трите руски вакцини ја примил претседателот, освен што е речено дека примил „ефикасна вакцина и дека се чувствува добро“. Уште се додава дека сликањето не било потребно, бидејќи Путин и досега ја промовирал вакцината, во секоја прилика.

Претпоставка е дека станува збор за Спутник V, за која руските експерти велат дека (по структурата) е слична на контроверзната вакцина на Астра/Зенека, но дека е поефикасна од неа – односно дека руската вакцина обезбедува имунизација од дури 91,6 отсто.

Вакцината како промотор

А, токму Спутник вакцината е избрана да се користи како промотор на Русија како голема и респектабилна сила. Како земја со развиена наука, а тоа е нешто што според некои стратези на Западот, земјата го нема наметнато во светската јавност уште од времето на првиот лет на Јуриј Гагарин во вселената, од пред 60 години.

Уште во септември рускиот Фонд за директни инвестиции, преку кој оди рускиот извоз, има објавено дека една милијарда луѓе во светот ќе бидат вакцинирани со Спутник.

Тоа се случуваше уште пред да се завршат тестовите врз луѓе. Тогаш од Москва објавија дека Русија веќе има регистрирано вакцина, што требаше да покаже дека земјата, пред сите другите во светот, а посебно пред Америка и Европа, прва има создадено вакцина против коронавирусот.

Кога се почна со дистрибуцијата, меѓутоа, се покажа дека работите не одат како што во Москва беше замислено. Тоа предизвика во европските медиуми  да се пишува дека Русија не може да ги исполни ветувањата што ги даваше на почетокот, а особено не може да одговори на нарачките – како што тоа (впрочем) не им успева и на сите други производители.

Швајцарскиот пример

Но, на тоа, руската страна одговори на руски начин – со пропаганда за дискредитирање на западните вакцини, а пред се, на Фајзер.

Независни аналитичари во Москва сметаат дека дури и руски државјани кои се на разни меѓународни листи за санкции, на интернет имаат отворено фронт за поткопување на довербата на европските вакцини. Руската опозиција, пак, верува дека на чело на таа кампања – полна со невистини и дезинформации, со лажни вести и спинови, стојат Кремљ и самиот руски претседател.

Како илустрација се зема еден пример врзан за Швајцарија.

Тамошните здравствени власти, во еден момент, имаат објавувано дека во текот на процесот за вакцинирање на луѓето, се регистрирани 16 починати лица. Сите биле вакцинирани со Фајзер вакцината и сите биле над 85 годишна возраст. Но, лекарите инсистирале дека ниту една смрт на овие луѓе, не е, ниту се поврзува со вакцинирањето и со самата вакцина.

Владимир Путин, меѓутоа, во рекламирањето на руската Спутник го користи овој случај и при тоа како да „заборава“ дека вината за смртта на тие луѓе не е Фајзер вакцината, па  ја оценува – како небезбедна.

„Во Швајцарија се користи Фајзер, а таму по вакцинирањето умреле 16 лица. Во некои земји, затоа, и го прекинале вакцинирањето со Фајзер, бидејќи и таму имало смртни случаи. Но, кај нас (Русија)- фала му на господа- нема ниту еден смртен случај, ниту тешки нуспојави“ – рекол рускиот претседател.

Вакцинирани само 4 отсто

Ваквата некоректност на шефот на руската држава, за тоа дека западните вакцини не се квалитетни и не се безбедни, што во Русија е искористено за пропагандни цели, според некои руски аналитичари, има сосема обратен ефект – наместо да се пријавуваат за вакцинирање, кај луѓето само расте недовербата кон вакцинирањето – воопшто.

Таквата пропаганда само се надоврзува на, во Русија, широко раширеното тврдење во многу медиуми,  за постоењето на наводен „заговор со вакцините“ што уште повеќе ги одвраќа луѓето. Затоа и не е ништо чудно што последните истражувања покажуваат дека дури 70 отсто од руските граѓани не сакаат да се вакцинираат – ниту со нивната вакцина Спутник.

Во секој случај, тоа се потврдува и со процентот на вакцинацијата на населението во Русија – само 4 отсто.

Тоа е многу помалку во споредба со САД каде користејќи само домашни вакцини, со една доза веќе имаат 22 отсто вакцинирани, или од Британија која користејќи ја нивната вакцина Астра/Зенека тврди дека вакцинирале дури 37 отсто од луѓето. Па и ЕУ, со сите проблеми со кои се соочува во првите три месеци  годинава, има нешто над 10 отсто вакцинирани, или 2,5 пати повеќе од Русија.

Стратешки интереси

Но, Кремљ кој го презеде менаџментот со вакцините од московскиот истражувачки центар Гамалеа, очигледно, не му е првична цел вакцинација на сопственото население. Самиот руски премиер Михаил Мишустин има речено дека масовна вакцинација во земјата ќе се спроведе до есен – до крајот на октомври. Наместо тоа, во овој момент за официјална Москва е поважна политичката промоција – преку извозот во пријателски земји и во региони каде Русија има стратешки интереси.

Во тој дел спаѓа и регионот на Западен Балкан, последното парче од Европа што остана надвор од ЕУ,  кое Брисел сака да го има за себе ( зашто регионот и географски и стратешки е дел од континентот), но прави се да ги одврати проевропските сили и проевропските политичари да не брзаат премногу со влегувањето во Унијата.

На прво место и пред сите, тоа е Република Србија која седејќи на две столчиња – продолжува да зборува дека сака во Европа, но не се откажува од Истокот, па со Москва има стратешко партнерство .

Тоа му овозможува на Белград, преку ред и без било какви ограничувања да биде „наполнет“ со руската вакцина (и со кинеска, од истите причини) – за да актуелната власт обезбеди одржување висок рејтинг, но и за да може преку Србија вакцините Спутник да се префрлаат во „српските земји“ – пред се, во српската енклава во БиХ, Република Српска и сега и во Црна Гора со новата, просрпска влада.

Политикански игри

Белградски аналитичари сметаат дека тој план успева, а дека во играта е вклучена и Македонија, со една хуманитарна пратка вакцини (Фајзер) за да се покаже дека тезата во која верува и Брисел – за московската (зло)употреба на вакцините во геостратешките игри контра Западот- е точна.

Како и да е, во Белград се тврди дека Србија има многу повеќе вакцини – над 90 отсто руски и кинески – отколку што тоа и е потребно. И тоа во време кога има региони и земји кои (не се парите во прашање) чекаат на ред (како мали корисници) да добијат вакцини.

Вториот важен партнер на Русија во таа стратешко – политичка игра е Унгарија на Виктор Орбан кој ја има улогата за разбивање на ЕУ и посебно за разбивање на нејзиното единство и солидарноста, врз која се потпира Унијата.

Будимпешта како и Белград, има големи залихи вакцини – од западни што ги добива, како членка на ЕУ, но и руски и кинески, кои се верува дека ги реекспортира. На тој начин. преку вмровската партија на избеганиот осуденик кој се крие во Унгарија – во Македонија се прави пропаганда како, наводно, „чекаат на ред“ некои 200 илјада дози, но не за актуелната, туку за една друга влада! Онака како што од Москва не се брза со договорената испорака на Спутник за Македонија – постојано приговарајќи што земјата влегла во НАТО.

Неисполнети ветувања

Кога станува збор за Русија и за нејзината вакцина Спутник – официјално – се произведени 20 милиони дози.

Договор за извоз има со 50 земји, а со Индија и договор таму да се произведува вакцина за азискиот пазар. Претседателот Путин и има ветено на ЕУ дека Русија би можела да се вклучи во испораката на вакцини, но руските аналитичари тврдат дека Москва нема сили да ги исполни сите дадени ветувања и нарачки.

На Мексико, земја со 125 милиони жители, му се испорачани 200 илјади дози. Во минатиот месец требаше да се испорачаат 400 илјади, но тоа не се случи. Како и да е, државните медиуми силно го имаат изрекламирано префрлањето на руската вакцина на американскиот континент.

Со голема помпезност (во руската јавност) беше испратен и авион со вакцини за Аргентина. Наводно, постои договор со оваа земја за 20 милиони дози, но досега во Буенос Ајрес се испратени 2,5 милиони. Што е разбирливо, доколку навистина, Русија досега има вкупно произведено – 20 милиони вакцини Спутник.

„Шаховска табла“

Американците во истото ова време, своите вакцини (Фајзер и Модерна, пред се) ги задржаа само за себе – не извезувајќи ниту една доза – ниту за ЕУ и за своите сојузници.

Дури сега САД и ветува на Канада, својот прв сосед, да и „даде нешто од своите дози“, иако Канаѓаните тоа го бараат уште од порано, како и на соседно  Мексико од каде има постојан наплив од луѓе.

Во  секој случај, САД, како и Британија, ќе останат  пример за т.н. национализам во вакцинирањето. Астра/Зенека дури ќе се фати како криела од ЕУ, вакцини наменети само за Британија и тоа на европска почва – во Италија, во време кога Брисел се мачеше да ги добие вакцините што од порано ги има договорено со оваа компанија. На оваа британско-шведска компанија дури и има давано и пари – за откривање на вакцината против короната.

Сето ова околу вакцините, сепак, нема да покаже која од нив  е подобра – руската или западните – Спутник, или Фајзер. Тоа само ја покажува валканоста – да се користи дури и пандемијата за собирање поени на големата „шаховска табла“ на геостратегијата.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе