Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Солидарност и политика

andreadelbo/Depositphotos.com

Солидарност и политика

Нема ништо лошо во солидарноста – во желбата да се помогне некому кој се нашол во неволја, кога му е потребна туѓата помош. Обично солидарноста е потребна и може да помогне во случаи на елементарни непогоди, или на природни катастрофи. Во случаи на епидемии од глобални размери, каква што е сегашната со коронавирусот – велат – може да биде добредојдена, но само максимално ограничена и крајно внимателна од здравствено – епидемиолошки аспект.

Британците кои досега се инаетеја со Европејците кој е поголем националист во вакцинацијата, ја симнаа маската – порачаа дека нема да делат вакцини со никого. Тврдат дека немаат залихи (иако никој не им верува) – како и дека првенствена грижа на владата во Лондон се британските граѓани.

Слично од поодамна реагираше Израел. Русија, на пример, најавува дека за странците кои ќе доаѓаат (?) ќе мора претходно да добијат виза, ако доаѓаат за вакцинација, а Американците само зборуваат дека ќе одделат вакцини за соседите – за Канада и за Мексико.

Ковид-туристи

Изминатиот викенд – меѓутоа – на Балканот се случи една сосема обратна ситуација. Србија која (очигледно) има на лагер далеку повеќе вакцини од оние кои и се потребни – повика странци – граѓани од регионот, да дојдат и да се вакцинираат. Српскиот премиер тоа го означи како „како најубава слика за солидарност“ и како гест за помош во кој вели „нема никаква политика“.

Српските медиуми тврдат дека барем 20 илјади странци примиле вакцина во Белград и во Ниш. Премиерот Ана Брнабиќ, пак, призна дека отприлика исто толку вакцини (Астра/Зенека) се наоѓаат во магацините – со рок на важност пред истекување, што требаше да биде потврда дека затоа и се повикани соседите – да се вакцинираат во Србија.

А, таму заминале – пак според медиумите во Белград – најмногу државјани од БиХ (Република Српска и т.н.  српско Сараево), од Црна Гора, која по промените во власта брзо се отвора кон Србија, како од Македонија. Имало и од Хрватска (велат сите биле од српска националност, а Раде Шербеџија самиот откри дека се вакцинирал во Белград), а како куриозитет се споменуваат оние кои дошле од Албанија.

Загрепските медиуми сите нив ги нарекуваат „Ковид туристи“, додека некои белградски – целата оваа операција на српските власти ја оквалификуваат како туризам – вакцинација, што изгледа дека најмногу може да се врзе за дојдените од Хрватска и од Македонија. Тие имаат ставено и фотки на интернет, за спомен, по примањето на вакцините и поминатиот викенд.

„Неразумно однесување“

Меѓутоа, откако помина еуфоријата во локалните медиуми – за Србија како центар во регионот – нејзините здравствени експерти и епидемиолози го нарекоа сето ова како – ЕПИДЕМИОЛОШКИ НЕРАЗУМНО однесување. Како на тие што повикаа странци, така и на оние кои дојдоа.

Белградскиот епидемиолог Зоран Радовановиќ инсистира дека ваквиот гест е несватлив и опасен. Како што има речено, тој гест можеби изгледа убаво и хумано, но власта во Србија мора прво да води сметка за вакцинирањето на сопственото население. Никој во Европа и во светот не повикува државјани од други земји – во моменти на тешка епидемија – да доаѓаат- за  да се вакцинираат.

Негов колега од Сараево кој исто така не го одобрува ова патување во странство – за вакцинирање – во време кога Белград е во делумен локдаун, а во БиХ дневната смртност од короната изнесува околу 100 лица, има речено дека резултатите и последиците од „солидарноста“ и  од „ковид туризмот“, ќе се видат за седум до десет денови!

Неразумноста на странците е во тоа што дојдоа во Србија –  во Белград и во Ниш, за да се вакцинираат – и тоа масовно и стихиски – ВО ВРЕМЕ КОГА НЕ ТРЕБА.

Без разлика што властите се рекламираат низ Европа дека според вакцинацијата се „пред сите во регионот и пред самата ЕУ, а дека пред Србија е само Британија“.

Градење добар имиџ

Според тоа, на изјавата на Брнабиќ дека станува збор за солидарност и за хуманост, нема што да и се приговара – генерално гледано. Но, ова е, сепак,  друго време во кое сите држави на континентот, повеќе или помалку се затвораат, се оградени една од друга, чувајќи се од ширење на пандемијата.

Затоа, белградските аналитичари не веруваат премногу во приказната за солидарност, па проценуваат дека во повикањето странци има – чиста ПОЛИТИКА.

Целта е -Србија да се прикаже како регионален партнер со чесни и добри намери, кој е пријателски определен кон своите соседи, спремен да помага (донација на девет илјади западни вакцини за Македонија) како и донација во многу поголем обем (на руски и кинески вакцини) за Република Српска во БиХ и за Црна Гора.

Таквата позиција на Белград е добра за пред ЕУ и САД и за нивната сегашна покритична поставеност кон српската власт, а им одговара и на Москва и на Пекинг, за она што им треба на Русија и на Кина – а тоа е, Србија да биде добро позиционирана во регионот.

Позиционирање на власта

Во гестот со вакцинирање странци од соседството, има политика и за домашни, српски потреби.

Прво, за зацврстување на позицијата на власта кај домашните гласачи, за покривање на бројните скандали и криминални афери, како и судирот за кој се тврди дека постои во врвовите на власта. Особено што европските дипломати веќе имаат реагирано дека вакцините му помогнаа на српскиот претседател за да уште повеќе ја зацврсти својата лична позиција и власт.

И, конечно, за да се покаже успехот на процесот на вакцинацијата, што треба да биде и успех на власта и на нејзината политика на „седење на две столчиња“, која не ја прави земјата врзана за ЕУ/НАТО, а тоа и овозможува самата да набавува вакцини и од држави од каде ЕУ не зема.

Критичарите и опоненти на тамошната власт, сепак, не гледаат така. Тие сметаат дека власта продолжува да ја сокрива од јавноста вистинската состојба, како околу короната и бројот на жртвите, така и околу вакцинирањето на луѓето. Велат,  никој во јавноста и не знае колку вакцини има примено Србија!

Бројки и антиваксери

Се смета дека за да се повикаат странци, за да не пропаднат вакцините, а притоа да се соберат и политички поени, треба да има и премногу вакцини за српските реални потреби.

Но, во исто време во земјата има премалку интерес за вакцинирање. И дека токму тоа е проблемот, што сега се настојува да се покрива со приказната за „солидарноста“ и за градењето добар имиџ.

Претпоставка е дека Србија, на залиха, можеби има неколку милиони дози, а дека за вакцинација се пријавиле 1,5 милиони граѓани. Вината за ваквиот сооднос се бара во лошата кампања која, велат во Белград, дека и не постои за вакцинирање, како што постои, на пример, во Загреб, или низ другите европски градови. Во исто време, официјално владата  оперира со бројката од над 2,5 милиони вакцинирани, во што домашните експерти не веруваат.

Недовербата потекнува од тоа што оваа земја има можеби најсилно антиваксерско движење во регионот кое, преку негови претставници, е речиси постојано присутно во програмите на телевизиите блиски до власта, а тоа значи и во јавноста.

На тој начин, одново вакцините и особено повикот до странците од најблиското соседство, стануваат важна работа за потребите на српската политичка сцена. Колку и да се труди премиерката Брнабиќ да уверува дека немало политика.

Вмровско новинарско друштво

Политика, во секој случај има и во одењето на македонските државјани во Ниш, како и во Белград.

Се проценува дека во саботата излегле од земјата околу шест илјади граѓани, а толку заминале за Србија и во неделата. Сите, секако, не се вакцинирале, инаку би биле најмасовната група странци, што според медиумите во Србија, не се тоа. Ако од другите држави заминале припадниците на тамошните српски етнички заедници, овдешните се, главно, оние од домашната опозиција и од редот на дежурните критизери и „мрчатори“ по социјалните мрежи.

Иницијативата, секако, е партиско-политичка и е дојдена од лажните патриоти од скопското ВМРО. Претходница беше латасовото новинарско друштво, кое претходно побара и доби регистрација во кабинетот на српскиот претседател (каде ова друштво има слободен пас уште од едно друго време), дека може да дојдат да се вакцинираат на српска територија.

Стотина посленици на пропагандната машина на избеганиот осуденик – екс вмровски лидер, примија српска вакцина. Сега може „здрави“ да продолжат да бидат во функција на нивната партија, чија цел е само да се понижи сопствената држава и божем „неспособната влада“ која не знае да се снајде – како српската, на пример, или како унгарската – каде има уточиште нивниот политички газда, од каде и натаму примаат налози за дејствување.

Циркус од пандемијата

Нормално, никој од нив, а ниту од оние кои како стопанственици, преку Комората на Македонија, заминаа за Ниш, не помислија на заканите (здравствено – епидемиолошки) – за нив, но и за нас овде, кога ќе се вратат, како што предупредуваат српските епидемиолози на кои им пречи политичкиот циркус што се прави – од домаќините и од дојденците – затскривајќи се зад пандемијата .

Отидоа во Белград каде има повеќе заразени отколку во цела Македонија. Другите, заминаа за Ниш, едно од жариштата на југот на Србија и се вратија – овде, оваа држава да се грижи за евентуалните последици, доколку се не излезе како треба.

А, за ваквата политика, не се виновни Брнабиќ и тие кои во Србија го смислија планот со вакцинирање странци за да не отидат дозите на отпад.

Виновни се оние кои треба да бидат „здрава и конструктивна опозиција“ во Македонија, а тие тоа никогаш не се. Тоа се оние кои се пријавуваат како „тешко болни и безмалку на умирање од корона“, ама од болница можат да се расправаат на политичката сцена, а потоа „чудотворно брзо“ да оздрават за да се однесуваат – како и да не биле болни – организирајќи антивладини протести.

Оние што навистина беа заразени и беа сместени во некоја од болниците – било овде, или во било која земја во Европа – зборуваат дека им требале недели, а некому и повеќе, за да целосно  се опорават. За тоа, на пример, во една прилика, отворено зборуваше и британскиот премиер, кој повеќе од еден месец по излегување од болницата се опоравуваше од Ковид. Ама човекот, навистина, беше тешко болен.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе