Џонсон: Без посети и среќавања дома и за вакцинирани
Британскиот премиер Борис Џонсон ги предупреди Британците да не се среќаваат дома со своето семејство и со пријателите, или на било кое друго место во затворени простории, дури и доколку се вакцинирани.
Станува збор за посети и среќавања, како со роднини, така и со луѓе од други домаќинства, што обично, во нормални прилики се случуваат во текот на Велигденските празници, како што е тоа случај во Британија, овој викенд.
Вакцината не го намали ризикот
Според Џонсон, само на тој начин, побргу ќе можело да се дојде до „слободата“ – како што тој во својот познат манир на политичар популист – го означува времето кога ќе бидат укинати сите локдауни, изолации, забрани и ограничувања, воведени во земјата поради пандемијата со коронавирусот.
Тоа трае веќе подолго време, не само во Британија, туку и на целиот европски континент, сега поради налетот на третиот бран на короната.
„Не мислам, а со тоа се согласуваат и здравствените експерти-епидемиолози, дека трајно сме го елиминирале, како што ниту не сме го намалиле, ризикот од пренесување на вирусот“ – рекол Џонсон.
Неговата реакција доаѓа по покренатата расправа во домашната јавност – како да се однесуваат тие кои се вакцинирани и дали и за нив важат сегашните ограничувања – да нема среќавања и посети дома и на затворени места.
Тоа посебно станува актуелно за празничните денови кога, најчесто, најголемиот дел од Британците ги користат неколкуте денови одмор, за посети и за патувања – дома, или во странство.
Дружење само на отворено
„Се уште сме во фазата кога луѓето може да се среќаваат – САМО НАДВОР И НА ОТВОРЕНО – во група од шестмина, или две семејства.
И, тоа важи само доколку луѓето од семејството, или пријателите, се ВАКЦИНИРАНИ. Тоа е така, затоа што НИТУ ЕДНА ВАКЦИНА НЕ ДАВА ЗАШТИТА ОД 100 ОТСТО“ – има изјавено британскиот премиер, додавајќи дека и во таквата ситуација, пак, ќе мора да се биде внимателен.
Џонсон рекол дека „никој се уште не може со сигурност да гарантира дека вакцините го елиминираат ризикот од пренесување на коронавирусот“.
Според сегашните епидемиолошки мерки, сега (во Англија) може во дворовите, или надвор од стан, или куќа, да се среќаваат две семејства, со одржување на социјалното дистанцирање, еден од друг, до два метри.
Олеснување на крајот од мај?
Британската влада планира да почне со попуштање на мерките дури ПОСЛЕ 17 мај, кога се предвидува да им се дозволи на луѓето да се среќата ПО ШЕСТМИНА, ВНАТРЕ, ВО ЗАТВОРЕНО И ПО ДОМОВИТЕ.
Владата и натаму се фали со бројката од 3о милиони вакцинирани со една доза и најавува дека сака вакцинацијата да ја заврши до крајот на јули. Дури тогаш, а тоа значи од почетокот на август, Британците би можеле да планираат летување или патување некаде во странство.
Она околу кое сега се размислува е – што да се прави со оние кои од разни причини нема да се вакцинираат и со оние – како антиваксерите – кои одбиваат да се вакцинираат, дури и агитираат против вакцинацијата.
Сугестијата е оние невакцинираните да не може да влегуваат во пабови, кафулиња, барови, ресторани или ноќни клубови. Други мислат дека тоа би требало да се однесува и за посета на јавни локации – во затворено. Но, таквата мерка би се судрила со човековите права и со доброволноста за вакцинирање.
(Д.Л.)