Кој сака поделба на Босна
ЕУ од Брисел мораше да реагира со категоричен демант за тоа дека се размислувало и дека дури постоел и некаков нон-пејпер според кој Унијата сака да ја подели БиХ (на три делови) врз етничка основа.
Портпаролот Петер Стано одново ја потврди старата и добро позната позиција на ЕУ за тоа дека сите треба да работат врз регионалната соработка и за (конечното) измирување, а не за нови поделби, или за цртање нови карти.
„Тоа е идејата и логиката на пристапниот процес (за влез во Унијата) – да се решат сите прашања“ – има речено овој портпарол.
Ваквата реакција на Брисел доаѓа откако извесен босански интернет весник „откри“ некаква, тајна „валкана игра” на одредени (ултра-десничарски) кругови во Европа, но и на некои кои делуваат во регионот.
Има или нема нон-пејпер
Наводниот нон-пејпер, за кој овој весник, како и некои босански политичари, тврдат дека во Брисел го има предадено словенечкиот премиер Јанез Јанша, предизвика политичка бура во БиХ, но и во Словенија, каде се вклопи во тамошната, неколкумесечна политичка криза, околу тоа дали Јанша има (навистина) мнозинство во Парламентот и мандат за да ја предводи словенечката влада.
Во овој „документ“ се провлекува шпекулацијата, видливо, правена за нечии политички и други потреби, дека БиХ треба да се подели врз етничка основа – на три држави (српска, муслиманска и хрватска), со што би се „завршил конечниот распад на некогашна Југославија“. Авторите на ова писание уште тврдат дека станувало збор за работа за која во Брисел веќе „извесно време се шпекулирало“.
Јанша, меѓутоа, веднаш има реагирано со демант – инсистирајќи дека тоа се тврдења без било каква основа.
„Претседателот на Европскиот совет (Шарл Мишел) за кого се тврди дека примил (од мене) некаков документ, го немам сретнато од минатата година“ – вели Јанша. Според него, ваквите пишувања имаат за цел само да го „оневозможат словенечкото настојување да се најде решение за развој на целиот регион и за неговите перспективи за влез на Западен Балкан во ЕУ“.
„Планот Милошевиќ-Туѓман“
Колку за потсетување – Скопје/Глобал веќе пишуваше за планот на Љубљана, за време на словенечкото претседателство со ЕУ, во септември, да се одржи специјален Самит на Унијата посветен на регионот. Оваа идеја, засега, нема поддршка од Брисел, затоа што се смета дека не би требало да има уште еден ваков Самит се додека Европа не може да покаже некаков резултат во регионот.
При тоа, се истакнува дека тоа би требало да биде почетокот на преговарачкиот процес на Република Северна Македонија за влез во Унијата.
Останува да се види дали Словенците (за кои не се знае која и каква влада ќе имаат на есен) ќе успеат да ја протуркаат својата идеја, но словенечката опозиција и демократската јавност, која е во остар судир со десничарската и националистичка определба на Јанша, се нафрли врз него, користејќи го пишувањето на босанскиот медиум.
Лидерот на словенечките социјал-демократи и европратеничка Тања Фајон, предупреди дека доколку ова е навистина така, како што тврди весникот, е опасно и штетно за самата Словенија.
Нејзината реакција е од пред демантот на ЕУ од Брисел, но таа прашува – дали тоа Јанша се обидува да го доврши планот на Слободан Милошевиќ и на Фрањо Туѓман за расцеп на БиХ и за формирање на „Голема Србија“ и на „Голема Хрватска“. Според Фајон, ако словенечкиот премиер делува во таа насока, тоа би значело предизвикување нова војна на Балканот.
Објаснување на Пахор
Во Љубљана реагираше и кабинетот на словенечкиот претседател Борут Пахор кој исто така е вплеткан во пишувањето на босанскиот интернет весник, со тврдењето дека „ставовите на Јанша му се блиски и на претседателот“ , обвинувајќи го дека едно зборува јавно, а дека поинаку делува.
Реакцијата на Пахор доаѓа и по тврдењето на хрватскиот член на босанското претседателство Жељко Комшиќ, за тоа дека кога словенечкиот претседател последен пат бил во Сараево, ги прашувал сите тројца членови – на пријателска основа – „дали е можно да се замисли мирна поделба на БиХ“!
Само српскиот член Милорад Додик бил за тоа, но во објаснувањето на кабинетот на Пахор се вели дека прашањата биле поставени само поради загриженоста од тоа што таквите ставови постојат, па ги предупредувал своите соговорници на опасноста од тие планови. „Словенија беше и останува на тоа БиХ и другите во регионот, да влезат во ЕУ“ – се вели во соопштението на Борут Пахор.
Контрирање од Република Српска
После се ова, би требало да се бара објаснувањето – кому му треба еден ваков текст, потоа, кој воопшто би сакал да ја подели Босна и конечно, зашто тоа сега се покренува.
Одговорите , пак, треба да тргнат од сегашната сложена ситуација во оваа екс Ју република која и после толку години остана нефункционална. Таа продолжува да биде заробена во одредбите на Дејтонскиот договор – донесен како решение за обезбедување мир, а не како вечно решение за државата која издвојува над 50 отсто од својот буџет за плати на својата огромна државна администрација, организирана на неколку нивоа.
Обидите да се смени тоа, со претворање на БиХ во нормална држава, наидуваат на остро спротивставување на српскиот ентитет – Република Српска и на господарот на таа територија – Додик, како и на официјален Белград.
Од Додик доаѓаат и честите закани за „излегување на Република Српска од составот на БиХ и за растурање на сегашната конструкција на државата“.
Поддршка од Москва
Бања Лука, исто така, се спротивставува со продолжување на постоењето специјален меѓународен претставник во БиХ. Годинава треба да се постави нов човек, за кого од Република Српска веќе велат дека нема да го прифатат. А, за сите овие и вакви блокади, енклавата има поддршка од Белград, но и одобрување од Русија и од официјална Москва.
Од таму, на пример, се категорично против било каква ревизија на Дејтонскиот договор. Москва која се подлабоко навлегува во БиХ преку српската енклава сега бара специјалниот претставник да се избира со согласност и на Русија, а не само да го определува ЕУ.
Конечно, од времето кога Белград и Приштина, како решение за косовското прашање се согласуваа за цртање нова граница и за размена на територии, Москва како да е се повеќе приврзаник – конечното решение за Косово да го врзе за БиХ (за Република Српска) и за нејзината иднина.
Во ваквата игра, само подискретно, е вклучен и Загреб, каде владејачката партија во Хрватска, никогаш ја нема отфрлено идејата за (повторно) создавање на Херцег – Босна, како етничка територијална единица на босанските Хрвати во БиХ.
Игрите на Загреб
На тоа остро се спротивставува актуелниот хрватски претставник во Претседателството, Комшиќ кој на функцијата беше избран не само со гласовите на тамошните Хрвати, како што во Загреб сметаат дека треба да биде, туку со гласовите на сите жители на „хрватскиот“ дел од БиХ – практика што ја подржува и ја застапува Комшиќ.
Тој, затоа, е прогласен, безмалку, за предавник на хрватската кауза и од никого не е прифатен во хрватскиот главен град, иако е етнички Хрват. „Проблемот“ е што тој се определува дека прво е државјанин на БиХ (или Босанец, како што се нарекува), затоа што таму е роден, а потоа како Хрват.
Тој неодамна има испратено еден свој нон-пејпер во Брисел, во кој ги осудува и Белград и Загреб дека работат против интересите на БиХ, за што беше жестоко критикуван во хрватскиот главен град. Комшиќ се спротивставува и на тоа БиХ да се преуреди во заедница со три независни држави, создадени на чиста етничка основа.
Додик, затоа, војува со Комшиќ и целосно се согласува со она што му се припишува на Јанез Јанша, тврдејќи дека „таквото решение е единствено што може да ја одржи Босна во живот“, како-така. Единствено, што би прифатил тоа е – српската, бошњачката и хрватската држава – да може, како независни држава, да создадат некаква конфедерална врска меѓу себе.
Зборови и дела
Во секој случај, забележливо е дека Загреб, како и Белград не реагираа на „документот“ што Јанша демантира дека е негов и дека го предал во Брисел.
Не реагираше ниту Москва, иако сите тие постојано зборуваат дека го подржуваат територијалниот интегритет на БиХ, но освен тоа, ништо повеќе не сакаат да направат, очигледно, држејќи се само за нивните интереси во Босна и околу неа.
Затоа, останува да се чека за да се разбере која и чија служба подметна едно вакво писание, кое според она што го содржи интегралниот текст, е изразито критичко насочено кон ЕУ, служејќи им на тој начин на оние кои не ја сакаат Унијата во регионот.
Во босанскиот текст, ЕУ се обвинува за тоа дека во нејзините редови има „не малку држави“ кои сакаат да се растура Босна и да се прекројуваат граници во регионот. Се обвинува и дека Брисел е „дволичен“ и неискрен кон БиХ и кон целиот Западен Балкан – размислувајќи само за тоа како да се дестабилизира регионот – за да не може да се прими во ЕУ.
(С.Г.)