Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Путиновата црвена линија

Potorochin/Depositphotos.com

Путиновата црвена линија

Во време на пикот на кризата околу Украина и трупањето оружје и војска, што со недели го прави Русија – арогантно тврдејќи дека „има право да разместува војници и оружје каде сака, на својата територија“ – претседателот Владимир Путин одржа говор за состојбите во државата во кој се определи да ги предупреди Западот и пред се, Америка дека „ќе платат висока цена, доколку ја минат црвената линија“.

Оваа омилена фраза во речникот на националистичко – популистички определените политичари кои постојано повлекуваат некакви „линии“,  рускиот претседател ја употреби во врска со  „загрозувањето на руските интереси“ – како на оние надвор од границите на земјата, така и на нејзините внатрешни состојби и прилики.

Сето тоа илустрирајќи го со констатацијата дека “ не престануваат непријателските активности кон Русија“. Нема речено кои се тие активности и какви се.

Закана кон Западот

Исто онака, како што во говорот не ја спомена ниту состојбата на границите со Украина. На нејзиниот Исток, кон (практично отцепениот) Донбас, или на оние на анектираниот Крим на кои, според сателитските снимки, има поставено – голема војска, со тенкови и воени авиони – како за пред воена интервенција. Единствено само предупреди дека на таквите „активности“ ќе следи „цврст одговор од страна на Русија“.

За политичките аналитичари во Европа и во САД ваквиот настап на Путин не претставува изненадување. Тоа само ја илустрира неговата намера да покаже цврстина и одлучност (својата пред се, но и на земјата) што тој во изминатите 20 години откако е на власт, настојува одново да ја постави на позицијата на голема, а не на регионална сила, како што  според Москва, се верува дека се прави од страна на Америка.

Сепак, и европските, а и американските аналитичари, повеќе се сложни околу тоа дека и со сегашните  воени вежби, со носењето војска во граничните реони на распарталена Украина, со предупредувањата до Киев и со обвинувањата до Украинците дека сакаат да „ги потепаат Русите и русофилите“ на украинскиот Исток, Путин во основа, не сака војна и не сака да војува.

Социјални проблеми

Она што го сака е просторот на некогашниот Советски Сојуз (во кои Кремљ ги има вклучено и Украина и Белорусија, но и Молдавија и Грузија) да го смета за свој двор, во кој Москва го има главниот збор и каде Западот, а уште помалку НАТО, нема што да бараат.

Затоа, во говорот Путин остана помалку „тврд“ отколку што се очекуваше и помалку воинствен, од она што претходно се најавуваше.

Не објави дека руските трупи навлегуваат во Донбас (иако тоа не значи дека нема и да влезат) и не соопшти дека овој источноукраински дел (регионите Донецк и Луганск кои се имаат прогласено за „народни републики“) станува дел од унијата (сојузот) на Русија и Белорусија.

Впечаток е дека главниот фокус во обраќањето беше внатрешната политика, со насоченост кон септемвриските парламенѕтарни избори, во услови  кога Русија се соочува со пад на животниот стандард , поради што Путин зборуваше за носење социјални мерки за подобрување на таквата состојба.

Случајот Навални

Проблемот за него е што сето тоа се случува во време на пандемијата која на почетокот се третираше крајно неодговорно – како тоа не е состојба што ја тангира Русија – и во услови на политичка криза која доаѓа од апсењето на неговиот најостар критичар Алексеј Навални, колку тој во Кремљ  максимално да се игнорира.

Човекот нема ниту партија, а ниту рејтинг што би можел да го загрози семоќниот Владимир Владимирович, но токму Навални, кого го малтретираат со години, затоа што удира таму каде е најболно – во корупцијата што власта ја толерира и ја потикнува – сега и од затвор,  успева да покрене демонстрации и да ги изведе луѓето на улиците.

А, тие на протестите изнесуваат политички барања- бараат заминување на Путин од власта, вистинска демократија и ослободување на политичките затвореници.

Станува очигледно дека властите кон Навални се изживуваат. Особено откако се врати од Германија каде беше на лекување по обидот да биде убиен со новичок – отровен нервен агенс. На тоа, тој одговори со штрајк со глад, што затворската управа (и властите) го сметаат за „претстава за привлекување внимание“. Кога под притисок на меѓународната јавност, конечно, беше префрлен во затворската болница, соработниците на Навални тврдат дека никој од лекарите не му пружа никаква нега.

Подготовки за избори

Според тоа, признавал, или не, Путин има проблеми и секако  знае дека во руската јавност тлее незадоволството. Секако знае дека Русија не ја чини  сјајот на Москва и на Санкт Петерсбург, па затоа во говорот за состојбите во државата  најави низа потези за намалување на сиромаштијата.

Во тоа има и потези кои значат подготовка за изборите за нова Дума, посебно што последните анкети покажуваат дека путиновата партија Единствена Русија, засега, има подршка од 25 отсто.

 Самиот Путин и натаму има висок личен рејтинг, но тој е намален и е најнизок од времето меѓу 2012/2013 година, пред интервенцијата во Украина и на Крим.

Колку за потсетување, рејтингот значително му се зголеми  откако беше анектиран кримскиот полуостров. Тоа  наведува на можноста и сегашната воинственост и распалувањето на  украинската криза, со заканите кон Западот и со влечењето „црвена линија“ , Владимир Путин да се обидува да ги употреби за враќање на  позициите кај руските гласачи.

Национализам и патриотизам

Распалувањето национализам и патриотизам,  од секогаш биле орудие на апсолутистичките власти и посебно на така определените лидери.

Во Русија, уште од советско време, патриотизмот  се врзува за  пресметка со „страшниот Запад“ кој  се обвинува за сите домашни проблеми, како што Москва сега го обвинува дека сака да ги урне режимите на руските сојузници, како оној на Алкександар Лукашнко во Белорусија, или на Николас Мадуро во далечната Венецуела.

Затоа и кавгата со Западот и со неговите „ лоши немари“ кон Русија можат да му помогнат на Путин да  застане (одново) цврсто на нозе. Нудејќи се ( дома) како спасител на Русија и бранител на нејзината територија.

Посебно кога  Навални и од затворската ќелија  организира протести и  го потикнува прикриеното незадоволство на “обичните“ Руси, а  овој „маргиналец“ наеднаш ќе стане „орудие“  на руските непријатели и како таков ќе и се нуди на домашната јавност.

Тука некаде треба да се бара внатрешната „црвена линија“ – што се поставува против наводното „мешање од надвор“ во креирањето на агендата на домашната опозиција. Надворешната линија, пак, е пораката со предупредување дека Украина нема да биде според западниот модел, а дека Белорусија нема да има свој Мајдан. Сето тоа, според Путин претставува „руски свет“ во кој само Москва може да ја има контролата.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе