„Повредена и осамена во Анкара“
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен (62) за прв пат зборуваше за инцидентот во Анкара, кога за неа немаше стол на разговорите што таа и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел ги водеа со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во Европскиот Парламент таа призна дека во тој момент се чувствувала – и повредена и осамена, како и дека така била третирана само затоа што е жена.
„Јас сум првата жена која е на оваа функција. Бидејќи сум претседателка на Европската комисија, очекував дека во склад со тоа ќе бидам и третирана на тој начин – како претседателка – но, не беше така“ – им изјави Фон дер Лајен на европратениците.
„Само затоа што сум жена“
Според нејзиното мислење не може да има оправдување за начинот како била третирана при посетата на Турција, затоа и смета дека „единственото нешто што може да се заклучи за она што се случи е само затоа што е жена“.
Таа во оваа прилика не ги има обвинето двајцата мажи – Ердоган и Мишел . Но рекла дека видела оти на фотографиите од сите претходни ваква средби секогаш имало три столчиња. Разликата со тие фотографии – како што има забележано – е што на нив нема жена!
„Се почувствува повредена – само како жена и Европејка, затоа што ова не е работа за местата (кој каде ќе седи) и за протоколот. Ова зборува за тоа кои сме во суштината. Ова навлегува во суштината на вредностите за кои се залага Унијата. Овој случај покажува уште колкав пат треба да изодиме, пред жените да почне да се третираат еднакво – секаде и во секоја прилика“ – има речено Урсула фон дер Лајен во објаснувањето за инцидентот во Анкара, од 6 април.
Неџентламенството на Мишел
Турскиот протокол, на разговорот кај Ердоган, за делегацијата на ЕУ имаше оставено само две столчиња, а не три како на претходните такви средби. Едната за домаќинот, претседателот на Турција, а другата за претседателот на Европскиот совет.
За главниот во разговорите – за претседателката на Европската комисија (владата на ЕУ) – немаше стол! Веројатно домаќините мислеле дека таа, како жена, треба да ги послужи со локум и вода. Или со кафе и чај.
Како и да е, претседателката остана без стол и без третман каков заслужува . Домаќините за неа имаа предвидено да седи од страна – на една софа.
Велат дека Шарл Мишел по враќањето во Брисел и се извинил на Дер Лајен.
И требало, затоа што по функција тој е под нивото на претседателот на Европската комисија, а во случајот се нема понесено ниту како џентламен – кон жена која уште е и повозрасна од него. Едноставно, требаше да и го отстапи своето место – и својот стол.