ГРУ во операција против ЕУ
Москва, секако, беше свесна дека нејзината интервенција во Украина, пролета 2014 година, како и анексијата на Крим, ќе предизвика реакција на Западот – на САД, но и на ЕУ – која во никој случај не можеше да одмолчи – Русите да влегуваат во своите соседни земји – поранешни републики на некогашниот СССР – доколку тамошните власти не играат според тоа како што сака Русија.
Пред Украина и создавањето на т.н. „Донецка република“ тоа веќе им се случи на Молдавија (Придњестровје) и на Грузија (Абхазија и Јужна Осетија).
Но, украинските настани и посебно европската реакција, како да и послужија на руската страна да ја симне маската и да го покаже своето вистинско лице – со спротивставувањето и несогласувањето со постоењето на Европската Унија, онаква каква е и посебно со она во што таа полека израснува – во сила економска, финансиска и технолошка – која како свој заштитен, безбедносен чадор го има НАТО.
Против ширењето на ЕУ
Од некогашната ЕЕЗ – на што комунистичкиот блок предводен од Советскиот Сојуз, како свој одговор го имаше својот СЕВ – Западот, проширен со целиот некогашен комунистички Исток, со создавањето на ЕУ се претвори во конкурент на Москва – на европскиот континент и во меѓународните односи.
Тоа го предизвика силниот руски отпор на евентуалното ширење на Унијата на Исток што (обично) се објаснува и се потскрива со спротивставувањето на НАТО. Но, веќе е сосема очигледно дека со кампањата против постоењето и ширењето на Алијансата, Русија, всушност, се спротивставува на ЕУ и на нејзиното ширење.
Дури и во регионот каде некогашниот советски блок, Варшавскиот пакт и СЕВ, не егзистирале – каков што е просторот на Западен Балкан, каде сите земји – некои повеќе, некои помалку – сакаат да се приклучат – политички и економски на Унијата.
Токму затоа се настојува овој регион да се дестабилизира на секој можен начин, користејќи ја притоа бавноста на Брисел и поделеноста што постои меѓу членките околу проширеноста – имајќи ги притоа за свој сојузник, европската ултра – десница и десничарските, националистички, популистички и евроскептични политичари – во самата ЕУ.
Шпионска војна кон Западот
Од украинските настани, Москва, со помош на своите тајни служби континуирано работи за дестабилизација на Унијата, преку внатрешно мешање, низ креирањето недоверба кон ЕУ, кон либералната демократија и владеењето на правото. На тој начин, се обидува да создаде атмосфера дека она што и треба на Европа тоа е „цврста рака“.
Тоа настојува (одново) да му го наметне на Истокот, во нејзиниот некогашен „двор“ – создаден во комунизмот за да го штити СССР од Западот, но и на Западен Балкан.
Требаше да „пукне“ во Прага – со откритието на чешките власти дека Москва и нејзината разузнавачка агенција ГРУ (врзана за војската) стојат зад експлозијата во едно складиште за муниција во Чешка, во која загинаа двајца тамошни државјани, за да се отворат работите.
Кога во Прага објавија дека како извршители на подметнатата експлозија се двајца опретивци на оваа тајна служба, кои во Лондон се осомничени и за обидот за убиство на избеганиот во Британија екс руски разузнавач Сергеј Скрипал, стана јасно дека Москва има покренато силна шпионска војна на европско тло.
Специјалната единица „29155“
Сето тоа се потврди кога Чесите обелоденија дека персоналот во руската амбасада во Прага е повеќе од двојно зголемен, како и дека тоа се има случено и во Австрија, каде има над 100 дипломати – велат повеќе од половината разузнавачи.
Тое е регистрирано и во земјите на Западен Балкан, каде во Црна Гора, а потоа и во Македонија се направи обид за да се соборат прозападните, про ЕУ и НАТО, влади, за да на власт бидат оние кои ќе ги штитат руските интереси.
Западни безбедносни експерти тогаш посочија дека сите овие валкани работи се дело на специјалната единица „29155“ на ГРУ. Таа се врзува за неколку различни, а сепак поврзани операции.
За политичката дестабилизација во Молдавија во 2016 година, непосредно пред тамошните избори. За обидот на просрпските и проруските сили во Црна Гора за пуч, пред избори во оваа екс ЈУ република, како и за обидот за труење на бугарски трговец за оружје, во 2015 година, во Бугарија, за што Софија до сегашните откритија се правеше како да тоа не се случил.
Валкани работи за Москва
Но, шпанското контра – разузнавање тврди дека единица на ГРУ била замешана во поттикнувањето и одржувањето на протестите на просепаратистичките сили во Каталонија, во 2017 година, додека париски „Монд“ има пишувано дека во 2019 година, во францускиот регион Савојски Алпи, во тамошната длабоко рурална средина било откриено дека ГРУ има инсталирано една своја заднинска база.
Некако во тоа време во Франција беше уапсен француски полковник – руски шпион. Италија, пак, соопшти дека има откриено “крт“ во своето разузнавање, а тоа го има откриено и Австрија.
Но, оперативците на „29155“ се тврди дека се замешани и во операции за ликвидирање на „непријатели“ – како што е убиството на чеченски бегалец и тоа близу до резиденцијата на германскиот претседател во Берлин, или обидот, во 2018 година, да се убие Скрипал во англискиот град Солзбери, каде сега живее, а настрада една Британка.
Експертите на кои се повикува француската ТВ мрежа Франс/24 оценуваат дека сето ова само ја покажува високата мобилност на единицата, за да дејствува секаде каде тоа Москва ќе и наложи. Американскиот „Њујорк Тајмс“ во 2019 година има напишано дека „елитна единица на ГРУ ги обавува валканите работи “ за потребите на руската политика.
Психолошка и пропагандна војна
Според поранешниот директор на британскиот МИ6, Алекс Јангер, единицата има “раширена програма од активности во кои често се вклучени исти луѓе“ (на пример, во случајот Скрипал, и во магацинот во Чешка).
За нејзините припадници, меѓутоа, се вели дека тие, сепак, не се „супер агенти“, туку повеќе се добро извежбан тим, специјализиран за субверзивни активности. Затоа, се смета, дека им се случуваат и неуспеси, па се споменува неуспехот да се ликвидира двојниот агент Скрипал во Британија, или да се изведе до крај планираниот пуч во Црна Гора.
Западните експерти, освен оваа единица, како мошне значајна за вкупното руски разузнавачко инфилтрирање во Европа/ЕУ ја истакнуваат и единицата означена како „54777“ за која се вели дека е специјализирана за водење психолошка и пропагандна војна.
За тоа, како своевиден параван се користат дипломатските канали во официјалните дипломатски мисии на Русија во странство, но и разните верски, новинарски и телевизиски канали. Во оваа функција се става дури и спортот, како и туристичките агенции и програмите за културна размена.
Немир и дезинформации
Од сознанијата со кои располагаат западните агенции, главната цел на единицата „54777“ е да се дејствува на емотивната и на психолошката состојба на граѓаните (во определена земја). Пред се, се ПОТКОПУВА НИВНАТА ВЕРБА во либералните, демократски политички убедувања, да се сее раздор меѓу спротивставени политички табори и партии и да се распалува непријателство меѓу разни етнички групи.
Во крајна смисла – да се ВНЕСУВА НЕМИР за да се создадат услови за ВЕРБА ВО ДЕЗИНФОРМНАЦИИ кои руската страна ги пласира на територијата на ЕУ, но и во некоја земја – посебно. И, во секој случај, на просторот на Западен Балкан и кај сите земји кои претендираат да станат дел од ЕУ.
Анализите за ваквото однесување на Русија – за шпионирање и за дестабилизирање на ЕУ – тргнуваат од една своевидна „традиција“. А, таа е да се шпионираат, прво домашните граѓани и сите странци. Таа влече корени уште од времето на пост – револуцијата во 1917 година и формирањето на ЧЕКА, претходница на КГБ, што пак, е резултат на опседнатоста од шпиони, од заговори и преврати и од старата недоверба кон се што доаѓа од надвор (од Западот).
„Рускиот двор“
Таквата психологија, предизвикува – на самото постоење на НАТО и на сега засилената ЕУ – да се гледа со максимална недоверба.
Затоа и на секое проширување – од Москва се гледа како на закана за Русија и за „руската кауза“. Што ќе рече, како директна закана за безбедноста на земјата, што ја прави Русија, речиси, хистерично агресивна. И, таа така и се однесува.
Посебно кога станува збор за просторот што Кремљ и неговата дипломатија сакаат да го нарекуваат како “руски двор“. Тоа е најблиското соседство, што го чинат поранешните советски републики, сега сите независни држави.
За Русија е најдоброто решение доколку успее во настојувањето – Молдавија, Украина и Белорусија, како и Грузија – да останат далеку од Западот и уште подалеку од евроатланските интеграции. Или, да бидат таму каде беа и во времето на СССР – врзани само за Русија.
(С.С.Г.)