Марадона „убиен од небрежност“?
Некогашната ѕвезда на аргентинскиот и на светскиот фудбал Диего Марадона, најверојатно бил жртва на „убиство од небрежност“ – соопштиле извори на аргентинското државно обвинителство.
Според ова соопштение, седум лица кои досега беа сослушувани во текот на отворената истрага за смртта на Марадона, сега ќе бидат и формално обвинети за убиство од небрежност на прославениот фудбалер.
Доколку седумината бидат изведени на судење и бидат осудени, се соочуваат со затворски казни од пет до 25 години.
Обвинителството во Буенос Ајрес смета дека Марадона починал како резултат на професионална грешка и на немарност на медицинскиот тим кој го лекувал, што предизвикало забрзано влошување на неговата здравствена состојба, а тоа до смртта на фудбалерот.
Медиумите и агенциите кои ја пренесуваат веста за квалификациите на случајот околу смртта на Марадона пишуваат дека седумината се соочуваат со обвинување за небрежност во отежнати околности.
Тоа е посериозно обвинување од претходната квалификација на случајот, кога седумината медицински лица беа осомничени дека немарно го третирале лекувањето на фудбалерот, за што и казните се поблаги.
Диего Марадона почина на 25 ноември минатата година – од срцев удар. Почина на 60 години, во својата куќа, каде се опоравуваше од претходно извршената хируршка интервенција на мозокот во главата.