Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Москва блокира авио летови – како одмазда за Белорусија

photobeginner/Depositphotos.com

Москва блокира авио летови – како одмазда за Белорусија

Француската компанија „Ер Франс“ и австриската „Аустриан Ерлајнс“ мораа да ги откажат своите редовни летови од Париз и Виена до Москва, затоа што Русија не прифаќа промена на маршрутата на овие летови – со заобиколување на воздушниот простор на Белорусија.

Практично, тоа значи дека руските власти ги блокираат летовите кон нивните аеродроми, доколку не се минува по досегашните воздушни коридори преку белоруската територија, што е одмазда на Русија за санкциите на земјите од ЕУ кон режимот на претседателот Александар Лукашенко.

Измамена посадата на „Рајан Ер“

Минск и Лукашенко се обвинуваат за грабнувањето на патнички авион на ирската авио – компанија „Рајан Ер“, земја членка на ЕУ, за време на неговиот лет од Атина до Вилнус, главниот град на Литванија, две држави од составот на Унијата, додека леталото беше во воздушниот простор на Белорусија.

Во неделата, авионот беше киднапиран со неговото насилно приземјување, откако пилотот на „Боингот“ на „Рајан Ер“, од земската контрола на летањето, беше лажно предупреден дека во леталото има експлозивна направа.

Причина за ваквата гангстерска постапка, која во Брисел се нарекува и „државен тероризам“, беше тоа што меѓу патниците се наоѓаа и 26 годишниот белоруски новинар – блогер и опозиционер Роман Проташевич, остар критичар на режимот на Лукашенко и неговата 22 годишна девојка, инаку Русинка.

Од белоруските власти тој е обвинет за „тероризам“ затоа што ги подржувал против – режимските протести во Минск, по фалсификуваните претседателски избори од август 2020 година на кои – по шести пат – едно, по друго „победи“ Лукашенко, познат во јавноста како последниот европски диктатор.

Москва го брани Лукашенко

Поради одлуката на Москва да ги казни овие две европски авио – компании кои меѓу првите – заедно со „Луфтханза“ и „Финер“ објавија дека повеќе нема да летаат преку белоруската територија – од безбедносни причини, настана пореметување во редот на летањето во Париз и Виена. Патниците за Москва мораа да бараат други алтернативни начини за да стигнат до рускиот главен град, или да си ги земат назад парите за платените авионски карти.

Ваквата ситуација настана затоа што промената на коридорите за летање кон Москва, или преку руската територија за Кина, што го направија европските компании, одбегнувајќи ја Белорусија – мора да биде одобрено и од Русија.

А, Кремљ и во оваа прилика, одново застана во одбрана на Лукашенко и на Белорусија, чија авионска компанија не може повеќе да лета кон ниту една од земјите членки на ЕУ, зашто е опфатена со најновите санкции на Европската комисија.

Станува збор за дваесет дестинации, а меѓу нив е и Калининград, во руската енклава на Балтичко Море, затоа што треба да се прелета територијата на Литванија.

Проташевич „признал“ вина

Агенцијата за воздушна безбедност која реагираше на инцидентот од неделата со авионот на „Рајан Ер“ ги предупреди сите земји да го одбегнуваат белорускиот воздушен простор и да не ги користат коридорите за летање над оваа земја, што досега ги користеле.

Германската компанија “Луфтханза“ објави дека веќе не лета преку територијата на Белорусија, но засега, нема казна од руска страна и за неа, иако станува збор за матична компанија на „Аустриан Ерлајнс“. Многу е веројатно дека тоа се прва во интерес на мега проектот – гасоводот „Северен тек 2“ што е пред завршување.

За младиот блогер Проташевич кој беше уапсен на аеродромот во Минск, се подготвува судење за „тероризам“ што би значело казна од 15 години затвор. Особено откако режимот веќе објави дека и тој, а и неговата девојка Софија Сапега – родена во Владивосток, но која живеела во Белорусија, а во екот на демонстрациите од лани лето, целото тоа време била на студии во Вилнус – наводно – веќе ја имаат „признаено вината“.

„Случајот Моралес“ од 2013 година

Околу целиот овој гангстерај на Лукашенко, Русија се огласи со обвинување за европскиот Запад и за ЕУ дека “немало преседан“ во белорускиот случај, затоа што тоа било направено и во 2013 година – во Виена кога беше приземнет авионот на тогашниот боливиски претседател Ево Моралес.

Леталото се спушти за да се провери дали навистина во него (илегално) патува рускиот шпион Едвард Сноуден кој, инаку, и натаму е во Русија, на неоткриена локација.

Случајот со Моралес, сепак, не е идентичен. Напротив тој е сосема различен.

Боливискиот претседател тогаш се има согласено со (непредвиденото) слетување во Виена и со претрес на авионот, по што си замина за Ла Паз во Боливија. Освен тоа, во случајот со грабнувањето на авионот на „Рајан Ер“ станува збор за киднапирање на авион на ЕУ кој летал меѓу две земји членки на Унијата. Тоа претставува директна атака на интегритетот на ЕУ за што таа може и треба да реагира – со санкции.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе