„Катар го финансирал тероризмот во Сирија“
Катар е обвинет дека ја има главната улога во тајната операција за перење пари, во износ од стотици милиони долари наменети за исламските џихадисти кои војуваа во Сирија – пишува лондонски „Тајмс“.
Во написот под наслов „Милиони долари за терористите“, весникот открива дека ваквото обвинување, всушност, е покренато во еден случај што се води пред лондонскиот Виш суд, врз основа на приватна тужба.
Во тужбата, оваа мала земја во Персискиот Залив, богата со нафта и гас, се посочува дека била центарот каде се вкрстувале сите патишта по кои големи пари и биле префрлани на исламистичката џихадистичка група Нусра Фронт, позната како филијала на терористичката организација Ал Каеда на Блискиот Исток.
Заговор на државата
Две банки од Катар, неколку хуманитарни – добротворни организации, бизнисмени, високи катарски политичари и функционери на државната администрација се меѓу обвинетите во тужбата за предизвикана штета која ја побаруваат деветмина Сиријци.
Овие луѓе тврдат дека секој од нив има одиграно улога во заговорот што го има направено државата Катар, така што била во директна кооординација со Муслиманското Братство.
Станува збор за организација која е создадена во 1928 година како глобално исламистичко движење чии позиции – од тогаш до денес, кога се максимално радикализирани – остануваат на позицијата дека Западот и западните општества се морално и на секој друг начин „корумпирани и болни“, па дека затоа исламското право и исламизмот, треба да ги определуваат сите аспекти од животот.
Деманти на Доха
Колку за потсетување – токму припадници на оваа организација во осумдесеттите години на 20 век, во Луксор, во Египет, во терористички напад убија неколку десетици западни туристи.
По соборувањето на дотогашниот претседател Хосни Мубарак, во 2011 година, Египет беше на пат од целосната исламизација, по победата на изборите на исламистите во кои доминантна сила беа Муслиманските браќа.
Кога станува збор за сегашното обвинување кон Катар и неговата координирана активност со Братството, за која пишува „Тајмс“ – сите обвинувања кон Доха биле демантирани и отфрлаени од некои од организациите, посочени во обвинителниот акт, или од поединци со кои лондонскиот весник контактирал, барајќи објаснување од нив.
За едни сето тоа што се изнесува пред Вишиот суд во Лондон е „комплетна лага“. За други, пак, станува збор за тврдења “за кои нема никакви докази, што би можеле да ги потврдат обвинувањата“.
Повреди и штети
Обвинителите на кои им е гарантирана анонимност (од безбедносни причини) тврдат дека имаат претрпено тешки психички повреди, како и финансиска загуба како последица на дејствувањето на терористите во текот на војната во Сирија.
Од катарска страна, меѓутоа, целиот случај се отфрла, а во Доха се тврди дека зад сите вакви обвинувања се крие кампања на ривалски земји (во регионот) – обид да му се наштети на угледот на Катар на Запад.
Посебно сега кога земјата ги прави последните подготовки за да ги угости спортистите и гостите за Светското првенство во фудбал, што се одржува идната 2022 година.
Старо-нови обвинувања
Ова не е прв пат Катар да се врзува за тероризмот на џихадистите (и заедно со Саудиска Арабија) да се обвинува дека преку разни приватни канали и „хуманитарни“ организација ги финансира активностите на екстремниот, милитантен исламизам во регионот. А, пред се, војната во Сирија и конзервативните и крајно екстремни сунитски групи во нивната војна со режимот на сирискиот претседател Башар Асад.
Властите на оваа заливска земја постојано ги отфрлаат ваквите тврдења, како што ги отфрлаат и обвинувањата дека Катар, едноставно, ја има купено организацијата на Светското првенство.
Последниве години на тоа се додаваат и обвинувањата дека „сурово ги експлоатираат“ странските работници (од Азија) кои учествуваат во изградбата на објектите за првенството, илустрирајќи го тоа со високата смртност меѓу странците-градежници.