Илегални трансплантации во Софија
Целата управа на една од водечките болници во Софија е сменетата, а е покрената и криминална истрага, откако е утврдено дека во болницата во изминатите две години се извршувале илегални трансплантации на органи. При тоа, се злоупотребени државните фондови наменети за јавното здравство, но многу е веројатни дека во целиот скандал има и корупција, затоа што сето тоа се правело за богати луѓе во странство.
Актуелниот министер за здравство, во бугарската техничка влада, изјави за домашните медиуми дека на полицијата и се предадени податоци за тоа дека во болницата – на недозволен начин се изведени најмалку 14 трансплантации на бубрези – од се уште живи донори.
Криминал и корупција
Криминалот и корупцијата се претпоставува дека ја има во тоа што како донори на овој човечки орган се јавуваат млади и здрави лица – пред се – од Молдавија и од Украина кои своите бубрези, за пари, им ги давале на богати лица, со тешко заболени и оштетени бубрези од земји какви што се Израел, Германија, Јапонија или Оман.
Сите тие болницата, пред здравствените власти и пред државните фондови кои ги користела болницата, биле пријавувани како најблиски роднини на донорите – обично дека станува збор за „тетка“ или за „чичко“.
Во Бугарија законот дозволува трансплантација од жив донор, но доколку оној што го прима бубрегот (трансплантот) е близок роднина. Тоа во скандалот со софиската болница не било случај. Сосема е извесно дека сите кои добивале бубрег давале и лажни податоци, измамувајќи ја на тој начин државата.
Нов бубрег со „врска“
Некои од хирурзите во болницата сега се обвинуваат дека при определувањето на тоа кому ќе се изврши трансплантација, се определувале за лица на кои тоа во тој момент не им било неопходно.
Така, се знае дека еднаш нов бубрег добил висок државен функционер, а не пациент чија здравствена состојба била посериозна и нему му била потребна замена на заболениот, за нов и здрав бубрег.
Според (техничкиот) министер за здравство, интерната истрага открила дека поради ваквата работа на управата и на персоналот на болницата, е предизвкана штета на државниот фонд за социјално осигурување – сите на кои им се вршеле трансплантациите се прикажувани како бугарски државјани.
Во Бугарија со земјата управува техничка влада, до новите вонредни избори, по неуспехот на првите од април, да се оформи стабилна влада. Повторените избори се предвидени за 4 јули.