Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Њујорк Тајмс“: Јанша владее како Трамп

Ale_Mi/Depositphotos.com

„Њујорк Тајмс“: Јанша владее како Трамп

Угледниот американски весник „Њујорк Тајмс“ го обвини словенечкиот премиер Јанез Јанша – кој од 1 јули ќе претседава со ЕУ – дека со Словенија владее и се пресметува со независните, демократски и либерално определени медиуми во стилот што го користеше поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Тоа значи користење на Твитер како орудие во пресметката со своите политички противници и неистомисленици и за војната што ја има покренато со домашните медиуми кои не му се наклонети – со ново дисквалификување, со омаловажување и етикетирање.

Десничарско владеење

Ваквиот начин за владеење со некоја држава, според кој оние кои не мислат како што мисли власта – што ќе рече лидерот – или пак не му се целосно лојални, се непријатели – е типичен за сите европски десничарски определени политичари, кои во исто време се и националисти и популисти.

Како еден Виктор Орбан во Унгарија, или актуелното раководство во Полска, власта во Русија и во Турција. А, така се однесуваат и „пионите“ на европската крајна десница на Западен Балкан.

Во Белград, за пример, сметаат дека тоа може да се однесува и за нивната земја. Во Македонија, таков е случајот со поранешниот деспот на режимот што го воспостави – екс премиер, осуден за криминал, а сега бегалец.

Овој некогаш семоќен лидер, кој се крие во Будимпешта, продолжува да управува со неговата десничарска, националистичка и популистичка партија, што сега е опозиција, преку една „сива“ безлична личност – постојано настојувајќи земјата да се дестабилизира и едноставно – да не може да оди напред.

Пресметка со медиумите

Токму Балканците како свои сојузници, но и помагачи и поддржувачи во спротивставувањето на европеизацијата на нивните земји и на регионот, ги имаат Орбан и Јанша, со чија финансиска потпора, прават медиуми кои треба да креираат една поинаква Европа од онаа што е создадена и се гради преку Европската Унија.

Занимавајќи се со Словенија и со Јанша, американскиот весник пишува дека овој балкански политичар “не би предизвикувал некоја поголема загриженост, надвор од границите на неговата мала земја, со околу два милиони жители“ доколку неодамна, дури шест европски групи за слобода на медиумите, не го оквалификуваа владеењето на Јанша како „тактика во стилот на Трамп“.

Овие демократски групи сега истражуваат што може уште да се очекува од еден ваков премиер на Словенија, чии ставови, според „Њујорк Тајмс“, се идентични со ставовите на нелибералните влади во Будимпешта и во Варшава.

Овие две земји, потсетува весникот, и самите се обвинети за уништување на кртички настроените и демократски и либерални медиуми, како и за покренувањето на теории за разни заговори.

„Токсичко опкружување“

Според аналитичарите, Словенија која до крајот на годината ќе претседава со ЕУ – во важно време за транс-атлантските односи, како и за обновата на односите меѓу САД и ЕУ, што Трамп целосно ги разурна – до крајот на својот шестмесечен мандат нема да се занимава со прашањата за потребата од почитување на слободата на медиумите, во интерес на демократијата и човековите слободи и на другите демократски принципи – пред се – принципот за владеењето на правото.

„Њујорк Тајмс“ потсетува на грубата реакција на Јанша, упатена како Твитер порака, откако Советот на Европа го објави својот извештај за словенечката ситуација, обвинувајќи ја актуелната влада со Јанша како премиер, за создаденото “токсично, непријателско опкружување“ во кое работат новинарите во Словенија и за “застрашувачкото влошување на слободата на медиумите“ во оваа земја членка на ЕУ.

На ваквите оценки Јанез Јанша реагираше во стилот на неговиот политички идол – Трамп, оквалификувајќи го извештајот на една така угледна организација, каква е Советот на Европа, за – „Fake News” – за лажна вест! При тоа, во трамповски манир се нафрли и врз известувачот за Словенија, Дуња Мијатовиќ – исмевајќи ја и дисквалификувајќи ја дека „зема пари за неработење“ и за тоа дека наводно „троши пари за лажни извештаи“.

Против Џо Бајден

Сето тоа во стилот и со манирот и зборовите на поранешниот претседател на САД, но и на најблискиот сојузник и пријател на Јанша – Унгарецот Орбан, кога овој се пресметуваше со претседателот на Европската комисија – од каде инаку прима пари за субвенции, или со Американецот Џорџ Сорос, кој му има помагано – со пари – да се дошколува во странство.

За словенечкиот премиер се вели дека тој го користи Твитер за политички пресметки со неистомислениците, со медиумите кои не му се по вкус и со новинарите кои го критикуваат.

Но, тој стана познат надвор од Словенија кога се пресметуваше и со Џо Бајден, како претседателски кандидат. Особено кога го прогласи Трамп за победник на изборите во САД во 2020 година и му прати честитка, а потоа кога на Твитер му порача на новоизбраниот претседател дека „ќе биде најлошиот во историјата на Америка“!

Текстот во „Њујорк Тајмс“ доаѓа во време непосредно по успешната европска турнеја на Бајден во Европа и по првиот Самит со Владимир Путин. Написот е објавен токму кога европските политичари и ЕУ изразуваат големо задоволство од „враќањето на САД во Европа“, како и од успешниот европско – американски Самит во Брисел.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе