„Србија рај за меѓународни диктатори“
Универзитетот во Белград му има доделено почесен докторат на египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси. Одлуката ја има донесено Сенатот на Универзитетот врз основа на предлогот на белградскиот факултет за безбедност – пишуваат белградските медиуми.
Ал Сиси е претседател, но тој, пред се, е професионален војник – беше началник на генералштабот на египетската армија и министер за одбрана пред да влезе во политиката, па не се познати неговите научни достигнувања, како што не е познато дека Египќанецот се занимавал (и се занимава) со било каква научна работа.
Нема такво објаснување ниту од белградскиот Ректорат, па за белградската јавност, онаа која сака Србија да биде современа европска, демократска и либерална држава, решението Ал Сиси да биде прогласен за почесен доктор се означува како „натамошно уривање на рејтингот на државата во Европа и во светот“.
„Борец против тероризмот“
Медиумите во Белград кои се критични кон актуелната власт, сепак, успеале да дојдат до образложението на факултетот за безбедност – предлагач за наградувањето на египетскиот претседател. Во него, како голем придонес на египетскиот државник се изнесува тоа што „Сиси е борец против тероризмот, дека ја има унапредено вкупната безбедност во регионот, а преку тоа и вкупната безбедност во Медитеранот и во Европа“.
Белградската телевизија и порталот „Нова“, на пример, оценуваат дека и да е сето тоа така и да е сето тоа точно, станува збор за политика, за безбедносни работи и за воени операции на египетските безбедносни сили, кои не се и не може да бидат оценувани како наулни постигања за добивање почесен докторат. Особено што за неговото владеење со Египет има бројни забелешки и остри критики на меѓународната демократска јавност.
Прво, дека владее авторитарно, дека жестоко се пресметува не само со џихадистите и нивниот терор, туку и со целата политичка опозиција, задушувајќи секаква критика. На удар многу често се академските граѓани и новинарите.
Екс политичари – осуденици
На последните избори во 2018 година (0фицијално) има освоено дури 97 отсто од гласовите, што се смета за најблаго речено – сомнителен резултат. Конечно, Сиси го смени и египетскиот Устав за да може да се кандидира и во 2024 година и како што велат неговите критичари – за да му се овозможи да стане доживотен претседател.
Критички настроените белградски медиуми, меѓутоа, го користат случајот со Абдел Фатах ал Сиси за да покажат дека тој не е единствениот во кој српската држава застанува на погрешната страна – наградувајќи, угостувајќи или заштитувајќи меѓународни деспоти, диктатори и криминални политичари кои бегаат пред правдата во земјите од каде потекнуваат и за кои има и меѓународни потерници.
Како примери се наведуваат белорускиот диктатор Александар Лукашенко кој со земјата владее од средината на деведесеттите години на 20 век. Потоа, поранешната тајландска премиерка Јинглук Шинаватра, сега бегалец, која експресно стана и Србинка.
На тој список е и македонскиот екс – премиер и лидер на десничарската, националистичка, вмровска партија Никола Груевски, кому српската власт му овозможи брзо и безбедно – наместо во затвор – да избега во Унгарија, преку територијата на Србија, кај Виктор Орбан кој со официјален Белград имаше и има многу добри и блиски односи.
Гоштевање на Лукашенко
Најголем гнев кај српските медиуми, сепак, предизвикува блискоста на Белград со Минск, со последниот европски диктатор, кој не само што престојуваше во официјална посета на Србија, пред крајот на 2019 година, кога никој во Европа и во светот не го прима, туку во српскиот главен град доби исклучително високи почести.
Посетата на Лукашенко беше остварена само некој месец по завршувањето на изборите во Белорусија на кои опозицијата не освои ниту еден мандат – затоа што претходно, сите главни политички опоненти беа елиминирани од изборната трка.
Во Белград, меѓутоа, тој тогаш има зборувано во Парламентот на Република Србија каде ги бранел таквите избори и изборните резултати, ги отфрлаше како „глупости“ обвинувањата за недемократски, не фер и наместени избори, обвинувајќи ги ЕУ и земјите од Европа, членки на Унијата, за „ширење лажни вести“.
Критичарите на посетата сега потсетуваат дека таквото излагање било бурно поздравено од пратениците на српската владејачка партија СНС, која на сличен начин спроведе избори во својата земја, па парламентот на Србија сега е безмалку налик на белорускиот. Не е дека нема никаква опозиција – но вистинските опозиционери ги бојкотираа изборите, во знак на протест, а ЕУ го означува парламентарниот состав како недемократски, затоа што во него нема вистинска опозиција, за водење вистинска парламентарна расправа.
Шинаватра станува “Србинка“
Најчудно во сето ова, за порталот „Нова“ е што Лукашенко беше само во Белград и во ниту една друга земја, во официјална посета, откако стана јасно дека има заведено лична диктатура. Дури ниту во Русија која единствена го заштитува и го одржува во политички живот, бранејќи го од домашната опозиција и од меѓународните санкции, иако тој и рускиот претседател се имаат повеќе пати среќавано – во Москва и во Минск.
Поранешната тајландска премиерка Шинаватра, пак, во својата земја е осудена на пет години затвор – за корупција. Но, државјанин на Србија стана со експресно донесена одлука на српската влада, означувајќи ја таквата одлука како „значајна за интересите на државата“.
По соборувањето од власт, таа во Бангкок беше осудена за злоупотреба на функцијата, а подоцна и за корупција, во врска со злоупотреба на државните фондови за субвенции на земјоделците, производители на ориз.
Кога требаше да оди во затвор, на издржување на казната – таа побегна од Тајланд.
Бегството на македонскиот деспот
По неа беше распишана меѓународна потерница, а Шинаватра се најде и на списокот на лица по кои трага Интерпол, но тоа не му пречеше на Белград да и даде државјанство, а потоа и српски пасош со кој може слободно да патува во околу 100 држави во светот – вклучувајќи ги земјите од Европската Унија.
Случајот со Груевски е речиси идентичен со оној на некогашната тајландска премиерка, со таа разлика што Македонија е соседна држава на Србија и (би требало) да биде пријателски наклонета кон сосетката, а не кон еден криминален, корумпиран политичар – осуденик и бегалец пред правдата. Како што властите во Белград се однесоа во случајот со неговото бегство – непосредно пред својата лидерска фотеља ја замени за затворската ќелија.
Порталот „Нова“ сега потсетува дека токму Србија му послужи на овој поранешен македонски политичар, осуден на две години затвор, за неговото транзитно бегство кај Орбан, во Будимпешта, каде се уште се крие. Но, овој медиум вели дека не се разјасни како дојде до бегството, затоа што српските власти, веднаш, се огласија дека нема да се изјаснуваат за ова прашање.
„Симпатиите на Србија“
Во ноември 2018 година, Груевски побегна од Македонија, мина низ целата територија на Република Србија, од граничниот премин со Црна Гора, до граничниот премин Хотгош, на српско – унгарската граница покажувајќи дипломатски пасош, вели овој медиум. Се знае дека тој во Тирана се има сокриено во унгарската амбасада, каде веднаш има добиено азил во Унгарија, а Унгарците му имаат издадено исправи за да може да влезе и да излезе од црногорската територија, а потоа безбедно да ја помине и српската територија.
„Нас ни е јасно дека Србија гаеше симпатии и му даваше поддршка на Груевски и дека сето тоа се има случено. Доколку тој не транзитираше низ Србија ние ќе го знаевме секој детал од неговото бегство. Бидејќи демократијата е далеку од Србија, ние (српската јавност) за оваа работа ништо не знаеме“ – има напишано белградска „Нова“.
Колку за потсетување – во текот на обидот за пуч во Скопје, во април 2017, со упадот на разулавената толпа вмровски националисти во Парламентот, кога беше јасно дека е создадена нова владејачка коалиција, а дотогашниот газда на земјата, ќе мора да ја предаде власта – беше откриен и српски разузнавач со дипломатски имунитет. Брзо беше префрлен на српска територија.
И, уште нешто, од годините на режимот – братучедот на бегалецот, инаку во неговото време висок државен функционер – беше притворен во Белград, на аеродром, на пат за Скопје, затоа што му беше најдено оружје во багажот. Набргу беше ослободен, а оружјето му беше вратено.