Таткото Спирс против ќерката Бритни
Судот во Лос Анџелес го одби барањето на пејачката Бритни Спирс да биде ослободена од наметнатото старателство, што врз неа ја има нејзиниот татко Џејмс Спирс.
Според американските медиуми, барањето на пејачката било “засега одбиено“ и дека е оставен простор за измена на таа одлука.
Но, низа пејачки ѕвезди кои застанаа зад Бритни, по нејзиното трогателно јавно сведочење за тоа дека старателството веќе не е никаква заштита и родителска грижа, туку тортура што ја прави и несреќна и трауматизирана, сметаат дека е направена голема неправда.
„Засега одбиено барање“
Сепак, судот објаснил дека одлуката не е донесена како пресуда на минатонеделното рочиште, кога таа побара “да и се врати назад животот што и е одземен“!
Медиумите откриваат дека одлуката е привремена, бидејќи Бритни се уште нема формално поднесено барање за укинување на старателството. Тоа постои веќе 13 години, откако во 2008 таа доживеа, нервен слом, по што беше лекувана. Нејзиниот адвокат од ноември 2020 година бара Бритни Спирс да биде ослободена од туторството на таткото, а ова одбивање на судот во Калифорнија, не е прво.
Таткото Џејмс Спирс, како и порано и овој пат се спротивстави на тоа ќерката да биде ослободена од неговото старателство, уште и остро спротивставувајќи се на некои детали од нејзиното сведочење минатата недела, означувајќи ги како сосема неточни.
Контра обвинувања
Според него, сега тој има старателство само врз нејзиниот недвижен имот и врз парите што ги поседува и приходите што ги стекнува од разните бизниси. Покрај него, во старателството е вклучена и една фирма која се бави со менаџирање недвижен имот.
Таткото на Бритни, по нејзиното сведочење, реагирал до судот, презентирајќи документи со кој сака да докаже дека веќе две години тој нема никаква контрола и туторство врз нејзиниот приватен живот, што ќе рече дека старателство не е пречка таа да живее како сака.
Но, навреден од обвинувањата од ќерката и од нејзината закана дека ќе го тужи своето семејство, побарал судот да ги испита тврдењата на Бритни Спирс, во нејзиното сведочење. Пред се, она дека била принудувана на работи што не ги сака, дека и биле наметнати медицински третмани и медицинска грижа, како и дека и биле ограничени личната слобода и правата.
Биполарно пореметување?
Намерата на сите барања на таткото се верува дека се насочени кон тоа да се потврди дека пејачката ѕвезда се уште не е способна да биде оставена без никакво туторството.
За неа се тврди дека страда од т.н. биполарно пореметување, што се смета за сериозен проблем, затоа што може да доведе до неконтролирано однесување и преземање на неконтролирани постапки.
Како на пример, да ги потроши сите свои пари.
Оние, пак, кои не веруваат во искреноста на грижата на Џејмс Спирс, го обвинуваат таткото дека ако толку многу сака да води грижа за ќерката, тоа требало да го прави многу порно. Во времето кога како тинејџерка на возраст од 16 – 17 години, токму родителите ја имаат втурнато во шоу бизнисот – од кој се уште малолетната, поп-пејачката има заработувано огромни пари.