НАСА: Не сме сами во вселената
Директорот на американската вселенска агенција НАСА, Бил Нелсон изјави дека е многу веројатно дека постои живот во другите делови на вселената.
„Мислам дека ќе добиеме некакви показатели, дека таму горе, во некои делови, постои интелигентен живот“ – рекол Нелсон во интервју за американската телевизиска компанија Ен – Би – Си.
Тој е поранешен астронаут и во разговорот зборувал за тоа дека вселената е исклучително стара, но и огромна, а тоа, според него, се потенцијални причини за да се открие интелигентен живот во галактичките пространства.
„Ако веќе постои вселена која е стара 13,5 милијарди години и која уште е и мошне голема и пространа, секако дека постојат шанси, таму, во тој простор, некаде далеку, да има уште едно сонце и да постои планета со атмосфера каква што имаме ние, овде на Земјата. Мислам дека ќе добиеме некакви показатели за тоа“ – има речено директорот на НАСА.
Според него, агенцијата на чие чело се наоѓа со години на ред трага по живот надвор од Земјата.
„Трагаме по живот на Марс, кко и на другите планети и притоа настојуваме да откриеме и едно, или неколку други сонца кои светат на планета со гостољубива атмосфера и со живот„ – зборувал Нелсон.
Американските медиуми пишуваат дека ова не е прв пат Нелсон да истакнува дека луѓето не се само во вселенскиот простор. Слично има зборувано и пред две недели, кога ги има коментирано деловите од извештајот за НЛО (Неидентификуваните летечки објекти), што Пентагон му го предаде на Конгресот на САД.
Во овој извештај е потврдено дека постојат НЛО, иако за нивното потекло и за нивната цел, се уште, ништо не се знае. Повеќе американски астролози и физичари веднаш се огласија со свои коментари, инсистирајќи притоа, дека извештајот ништо ново не открива и уште помалку – ништо не докажува.
Едноставно, тие сметаат дека и натаму нема веродостоен доказ за постоењето на „Летечките чинии“.