Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Неисполнетите договори на Спутник

gawriloff/Depositphotos.com

Неисполнетите договори на Спутник

Цела низа држави во светот се гневни и се чувствуваат измамени од Русија, поради неисполнетите ветувања и прекршените договори поврзани со испораката на нарачаните и делумно платени вакцини Спутник.

Гневот на земјите кои се определија да ја купат руската вакцина против коронавирусот, потекнува од најавите и ветувањата на „големи ѕвона“ на рускиот Фонд за директни инвестиции (РДИФ), задолжен за маркетингот на вакцините, кој на почетокот од оваа година објави дека Русија има и капацитети и способности да се носи со западните фармацевтски компании и дека до крајот на 2021 година ќе му испорача на светот 700 милиони дози од вакцината Спутник.

Како сега стојат работите, излегува дека нема ништо од ова ветување и дека руската страна има целосно потфрлено. Низа земји, посебно оние во развој, објавија дека до јули годинава добиле само минимални количества, иако сите нарачки биле со авансно плаќање.

Случајот со Иран

Русија на почетокот уверуваше дека Спутник е „најдобрата вакцина“, но во таа кампања веднаш се виде дека спогодувањата и договорите се прават врз основата на дипломатските, политичките и геостратешките интереси на Москва.

Другата страна – западните конкуренти – на тоа одговорија со неверувањето дека Русија може да го исполни тоа што го ветува, додека државите го отфрлија како „крајно неморално“ водењето пропаганда и ставањето на политиката на прво место, кога станува збор за имунизацијата на населението на планетата и борбата со смртоносната пандемија.

На почетокот се изразуваше и сомнение во квалитетот и во ефикасноста на Спутник, пред се, затоа што руската страна одбиваше да открие како е создадена нејзината вакцина, но – како што сега пишуваат западните медиуми – најновите сознанија покажуваат дека оваа вакцина е безбедна и ефикасна.

Иран, инаку пријателска земја на Русија и важен партнер на Москва во тој дел од светот, сепак, признава дека нема никаквa полза од квалитетот на Спутник, кога рускиот производител не може да ги исполни обврските. Владата во Техеран има нарачано дури 60 милиони дози, но до крајот на јуни, од Русија има добиено само 920 илјади.

Гватемала прва се пожали

Тамошните медиуми сега тврдат дека во меѓувреме биле примени вкупно два милиони парчиња, но дека и тоа е далеку од она што Москва и Спутник му го должат на Иран. Во моментите на криза со пандемијата, земјата мораше итно да бара вакцини на светскиот пазар, во услови на економската блокада во која се наоѓа и да се спасува со интервентниот увоз на пет милиони дози од кинеската вакцина.

Ситуацијата со земјите од Латинска Америка е уште по илустративна за фијаското на Русија со вакцините.

Средна и Јужна Америка се делови од светот во кои Кремљ настојува да се инфилтрира – пред се, политички – носен на бранот на анти-американизмот што има зафатено некои левичарски и леви влади на овој континент. Тие од политички и идеолошки причини одлучија да прават зделки со Русија, а не со западните земји, а посебно не со западните и големи американски фармацевтски компании.

Иран е можеби типичен пример за Блискиот и за Средниот Исток, но Гватемала е земјата која прва, откри дека Русија не ги исполнува договорите со вакцините.

Во април владата на оваа средноамериканска земја нарача и плати аванс од 79 милиони долари за осум милиони дози. До крајот на јуни, има примено само 150 илјади дози.

Празни ветувања

Слична е состојбата и со Хондурас, како и со Боливија, која има примено 750 илјади дози Спутник, од доворените и авансно платени 5,2 милиони.

Боливијците сега отворено обвинуваат дека „Москва повеќе ветува, отколку што може да го исполни ветеното“. А, така зборуваат и пишуваат и медиумите во Мексико. Оваа голема земја, тешко погодена од пандемијата, во јануари нарача 24 милиони дози Спутник, а до јули, меѓутоа, има примено помалку од четири милиони.

Аргентина, пак, низ изјавата на левичарскиот претседател Алберто Фернандез, навести дека постои голема веројатност владата во Буенос Ајрес да го откаже договорот со Москва. Аргентинците се уште чекаат на испораката на првите 5,5 милиони дози и дури на 13,1 милион за ревакцинација, па сега, со задоцнување, се бараат други решенија и други снабдувачи.

Посебно е тешка ситуацијата со земјите од потсахарска Африка и на Москва блиската, уште од времето на комунизмот и СССР, Ангола. Русија на Африка им има понудено 300 милиони дози, но за Анголците досега се испорачани САМО 40 илјади, од нарачаните 12 милиони дози. Гана има примено 20 илјади, а од Москва требаше да прими 3,4 милиони дози.

Преголеми амбиции и политика

Ваквото руско потфрлање предизвика повеќето африкански земји да бараат спасување со преку ред нарачки од други производители и тоа со помош на разни посредници и трговци. Така се случи, Кенија, која наеднаш се најде во криза со пандемијата, а без вакцини, да мора итно да купува и да плати и 70 долари за една доза, што е десет пати повеќе од нормално утврдената цена.

Политички и фармацевтски експерти сега објаснуваат дека ваквото потфрлање со Спутник е последица на преголемите амбиции во услови на непостоечки капацитет и можности за една година да се произведат и да се испорачаат 700 милиони дози.

Во овој бизнис нема место за политика и за политичко натпреварување, како што тоа Русија од почетокот го прави – велат експерти.

Втората причина е избувнување на новиот бран епидемија во Москва и во Русија, во услови кога само 15 отсто од населението е вакцинирано. Така, наместо за странскиот пазар и за нарачките по светот, Москва мораше целото свое производство да го насочи за домашните потреби.

Казнување на Македонија

Русија сега ветува на сите страни дека ќе ги исполни своите обврски, но и натаму на вакцините гледа како на свое орудие во геостратешкиот натпревар со Западот, продолжувајќи нарачаните вакцини да ги дистрибуира според политичките интереси – наградуваќи ги, или казнувајќи некои земји, во зависност како и колку се врзани со Москва.

Тоа посебно е видливо во Западен Балкан, преку односот на руската страна кон Србија, која како стратешки партнер на Москва се полнеше со Спутник вакцини, затоа што Белград и е потребен за руското инфилтрирање во регионот. Помагајќи и при тоа и на српската страна да се прикаже како главниот играч во Западен Балкан и покажувајќи дека блискоста со Русија значи добивање вакцини преку ред.

Македонија е една од жртвите на руската геостратешка битка со Западот. Прозападната влада во Скопје беше казнувана и дисквалификувана кај домашните гласачи – како неспособна да најде вакцини – затоа што по падот на проруската режимска власт, новата македонска власт се врати на своите европски и прозападни стратешки позиции. Стана членка на НАТО, а конечно, дојде до пред вратата на ЕУ.

Едноставно, направи се она што Москва не го сакаше. Вакцините Спутник и нивната испорака, се орудието на руската контра-реакција.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе