„Маѓар Немзет“ заговара унгарски „брегзит“
Унгарскиот весник „Маѓар Немзет“ (Унгарска нација) кој важи за едно од владините гласила, за прв пат го отвори прашањето за иднината на Унгарија во ЕУ, отворено заговарајќи напуштање на Унијата.
„Време е да се разговара за Хуксит“ (Hungarian Exit) – напиша овој весник за кој во Будимпешта се знае дека тамошниот премиер Виктор Орбан често го користи за пуштање новинарски „пробни балони“, ако станува збор за некоја тема за која ниту тој, а ниту министрите не сакаат тие да ја покренат во јавноста.
Прашањето за унгарскиот статус во Европа (во ЕУ, или надвор од неа) е табу – тема во тамошната политика, откако Орбан ја покрена својата десничарска, националистичка и популистичка политика и отвори војна со Брисел и Унијата, како и против либералната демократија врз која се темелат изворните принципи на Унијата и на самото европско интегрирање.
„Потценувачки и арогантно“
Затоа, отворањето на оваа тема во весник кој е под орбанова контрола, има одекнато како „политичка бомба“ во унгарската јавност.
Прво, затоа што прашањето кое го покрена овој весник го презедоа сите медиуми, прифаќајќи дека зад написот, во сенка, стои Орбан. Второ, затоа што и покрај длабоката поделеност која постои во Унгарија, сите политички партии имаат консензус околу членството во ЕУ. Сите се согласуваат дека тоа прашање е – недопирливо и за него не се расправа.
Но, „Маѓар Немзет“ е максимално отворен по ова прашање и зборува дека Унгарците ќе мора да го разгледаат – обвинувајќи ја ЕУ дека наводно „крвари“, дека има „империјални симптоми“, дека се однесува „потценувачки и арогантно кон источноевропските членки“.
Според овој весник – патот по кој оди Унгарија е различен од оној по кој оди Западот, продавајќи ја орбановата теза, прв пат изречена во текот на бегалската криза 2015/2016. Станува збор за тоа дека западните земји (наводно) имаат „раскинато со христијанскиот морал“ и дека заговараат „безлично, космополитско општество“ – за разлика од Унгарија која е за етнички и национално чисти држави и против слободниот избор на сексуалноста.
Конзервативен католицизам
Затоа, весникот ги повикува другите земји во Средна Европа, а пред се Полјаците, да не попуштат на притисоците и да опстојат на „илјадагодишните верски и културолошки темели“ – засновани врз тврдиот, конзервативен католицизам.
Автор на текстот, сепак, не е човек од редакцијата, туку национално и антизападно определениот политиколог Тамаш Фриц, познат десничар и ултра – радикал кога станува збор за работи кои ги заговара во своето писание. Тој и не е познат како новински аналитичар, или некаков колумнист, туку како член на разни организации сите блиски до орбановиот национал – популистички круг.
За овие организации се знае дека организираат „мировни маршеви“ низ земјата, што всушност, не се ништо друго туку само демонстрација на моќта на Орбан и на неговата власт. На нив се собираат и по стотина илјади луѓе и говорниците на ваквите маршеви – кои застрашувачки потсетуваат на Германија од триесеттите години на 20 век – најчесто се пресметуваат со ЕУ.
Консултации во Лондон?
Во Будимпешта, сепак, се верува дека написот и бил познат на власта, односно дека семоќниот унгарски премиер и неговото најтесно опкружување знаеле за тоа што подготвува Фриц. Има верување дека луѓето во власта го поттикнале авторот на текстот да заговара – јавно – унгарски „брегзит“. Засега, за да се испита пулсот на јавноста.
Сето тоа се изведува, иако малку погрубо, но во стилот што го применија англиските националисти пред и по референдумот за Брегзит. Не е тогаш чудно што, наеднаш, на почетокот од летото, Орбан побара средба и се сретна со британскиот премиер Борис Џонсон во Лондон.
Средбата помина во длабока сенка, но познато е дека обајцата имаат истоветен стил на владеење. Освен популизмот, и едниот и другиот, од проевропски политичари се претворија во тврди анти – европејци.
Џонсон за да си го исполни сокриениот сон – да дојде до лидерската и премиерската функција – а, Орбан, за да владее автократски со гласовите на националистички определените Унгарци – колку што може подолго.
„Хуксит“ од сенка
Верувањето дека текстот во „Маѓар Немзет“ е нарачан, доаѓа и од тоа што низа водечки унгарски политичари, од владејачката, десничарска националистичка парѕтија Фидес, изминатиот период го имаат зафатено прашањето за Хуксит, иако секогаш како патем поставено.
Така, на пример, претседателот на Парламентот Ласло Ковер има речено дека доколку сега би имало референдум за членство во ЕУ, тој „сосема сигурно би гласал против“.
Министерот за финансии Михалј Варга, пак, минатата недела изјави дека тој и сега би гласал „за“, но дека тоа ќе добие друго значење, кон крајот на оваа деценија, кога Унгарија ќе дава повеќе пари во европските фондови, отколку што ќе влече средства за себе – како што тоа сега се случува.
Експерти, меѓутоа, за разлика од унгарската опозиција која гневно реагираше на текстот во весникот, потсетуваат дека токму британското искуство покажува оти Хуксит не е лесна операција за земја каква е Унгарија, како што се гледа, и со случувањата на релацијата Лондон – Брисел.
Орбан за поинаква ЕУ
Орбан, пак, засега не се изјаснува, што е негово типично однесување, оставајќи им да другите да зборуваат и да пишуваат наместо него, но не еднаш – во екот на неговите караници со Брисел и со ЕУ – тој има речено дека “постои живот надвор од ЕУ“.
Секако дека постои, но кога станува збор за некакво излагање од Унијата, Будимпешта ќе мора да се пресмета многу темелно пред да се впушти во една таква работа – затоа што и Унгарците, како и Британците, ќе мора да се раскусурат со ЕУ, пред да си заминат. Да вратат дел од парите кои обилно ги земаат изминатите 16 години.
Како и да е, целата работа и околу неговата кавга со ЕУ, како и сегашниот „пробен балон“ околу излегувањето од Унијата – се сведува на едно исто – тоа е заговарањето на Орбан за една поинаква ЕУ.
Тоа е Унија во која заеднички ќе биде пазарот, царините и економијата, а се друго – би требало да им се остави на властодршците каков што е унгарскиот премиер, без почитувањето на европските стандарди и правила.
Проблем за него, меѓутоа, е што Унгарците, во голем процент, се за членство во ЕУ. Пред се, за парите што од таму влегуваат во земјата.