Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Теодоракис: левичар и националист

"Mikis Theodorakis Fabrik 070002" (CC BY-NC-SA 2.0) by Heinrich Klaffs

Теодоракис: левичар и националист

Познатиот грчки композитор Микис Теодоракис, автор на музиката за филмот „Гркот Зорба“ од 1964 година, почина во Атина. Имаше 96 години.

Во светот познат најмногу како автор на популарната музика и како композитор на музиката за неколку филмови, но во својот авторски опус тој има и симфонии и ораториуми, поради што во својата земја го третираат како некаков национален херој, кого го почитуваат и симпатизерите на левицата и на десницата.

Учествувал во грчкото партизанско движење во текот на Втората светска војна, против нацистичката окупација, а се борел и на страната на комунистите и единиците на ДАГ во грчката граѓанска војна (1946/1949) против домашните монархисти – за победа на комунизмот во Грција.

Во шеесеттите години на 20 век силно им се спротивстави на воената хунта и на воената диктатура, наметната по пучот во 1967 година, па побегна на Западот, во Франција, каде остана до падот на хунтата, во 1974 година.

Политичар и лево и десно

Во текот на осумдесеттите години, влезе во грчката политика, како пратеник на тогашен ПАСОК, но во деведесеттите години, направи тотален пресврт, па едно време беше министер во една од десно – центристичките влади во Атина. Во тоа време, своето предавство кон левицата го има објаснето со несогласувањето на некои нејзини потези. Но, во Грција се смета дека тоа беше последица на неговиот (најблаго речено) избувлив карактер и тврдоглавото верување – дека тој е секогаш во право.

Сепак, остана до крајот на животот како левичар и комунист по своето убедување.

Остана и политички ангажиран, откако во екот на големата финансиска и економска криза во Грција, кога земјата практично банкротира, Теодоракис се спротивстави на наметнатите мерки за штедење и за кратење на јавната потрошувачка, од страна на ММФ и на ЕУ, која од 2010 година настојуваше да го сочува еврото и да не дозволи грчкиот банкрот да се прелие врз еврозоната.

Во тие години „војуваше“ против Германија, барајќи од Берлин да плати репарации за годините под нацистичка окупација.

„Војна” против „скопјаните“

Во длабока старост и со заболено срце, Микис (подржан од грчките комунисти) им се приклучи на крајната десница и на националистите, за да води грда и за него недолична „војна за одбрана на грчка Македонија“ од „скопјаните“, а против договорот на Атина и Скопје, што тогаш беше на повидок.

За договорот меѓу Алексис Ципрас и Зоран Заев, не бараше „скопјаните“ било што да им платат на Грците, туку документот што, конечно, разреши еден 30 години стар проблем, да биде ставен на референдум – во Грција.

Претворањето во тврд националист на 93 годишна возраст, сепак, не ги избриша неговите достигнувања како композитор. Пред се, со музиката за „Гркот Зорба“, по која луѓето ќе го препознаваат и ќе го паметат.

Бесмртниот Алексис Зорба

Филмот ја раскажува приказната на еден англиски писател, на Крит, чиј живот целосно ќе се измени откако ќе го сретне Алексис Зорба, дружељубив селанец од островот. Сцената кога Зорба танцува бос на плажа, стана позната низ светот и се претвори во своевидна слика за грчката култура.

Музичката тема од филмот што освои три Оскари, остана да биде најпознатата музичка нумера од Грција и сега над половина век по нејзиното прво изведување.

Теодоракис компонираше музика и за американскиот филм „Серпико“, како и за филмот „Z” (Се уште живее) на Коста Гаврас. Овој филм е направен според вистински настан – атентатот врз грчкиот левичарски пратеник Ламбракис, во Солун, во годините пред пучот и власта на хунтата.

Музиката за овој филм само потврдува дека сите негови песни се длабоко политички, а тој целиот живот го има поминато – на еден, или на друг начин – врзан за политиката.

Дел од антимакедонската хистерија

Во правењето на посмртните прилози и текстови за Микис Теодоракис, затоа, добар дел од европските медиуми не пропуштаат да го споменат и неговиот анти – македонски настап на еден тврдо националистички митинг во Атина, во пролета 2018 година, организиран и против тогашниот грчки левичарски премиер Алексис Ципрас.

И славниот композитор, како и целата десница и сите ултраши од типот на неонацистите од тогашната Златна Зора, го обвинуваа Ципрас за наводно „предавство“. Само затоа што беше решен да се спогоди со грчката северна сосетка и со неа да гради добрососедство, наместо да одржува непријателство.

На тој и таков митинг Микис ќе зборува како да и припаѓа на грчката националистичка десница. „Македонија беше и секогаш ќе биде само грчка“ – има извикувано тешко заболениот композитор. Притоа, ќе ја навредува државата – сосетка, нарекувајќи ја како – „нелегитимна творба“.

Одбрана на Преспа – од комунистите

А, Ципрас, лидер на левичарската партија Сириза, која се има отцепено од комунистичката партија на Грција, која не може да се ослободи од национализмот – и без референдум, во грчкиот Парламент, го ратификува договорот од Преспа, потпишан во јуни 2018.

На тој начин му стави крај на спорот, што и онака беше бесмислен и можеше одамна да се затвори, доколку претходно имаше волја за тоа – и на двете страни.

Во таа прилика Ципрас ги нападна грчките комунисти што продолжуваат да ја омаловажуваат и да не ја почитуваат борбената помош на славомакедонците во граѓанската војна, како борци – партизани на ДАГ, во војната во која имаат дадено и жртви.

Наместо подршка на договорот, токму комунистите – другарите на Теодоракис – како и тој самиот, жестоко војуваа против Преспа. Војуваа против мирот и добрососедството.

(Д.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе