Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Синот наследник на Лукашенко?

palinchak/Depositphotos.com

Синот наследник на Лукашенко?

Александар Лукашенко е 27 години на власт, го нарекуваат вечниот претседател на Белорусија и важи за последниот диктатор во Европа, но од август минатата година и од времето после тогашните претседателски избори, што не беа ни демократски, ни чесни и на кои одново „победи“, се наоѓа длабоко изолиран и „на мраз“.

Во својата земја, практично, веќе нема кој вистински да му се спротивстави.

Оние кои минатото лето излегоа на масовни демонстрации во Минск и низ Белорусија – беа апсени, претепувани, прогонувани. Организаторите на протестите во (тогаш) набрзина здружената опозиција – предводена од жените – сопруги на уапсените опозиционери – беа или протерани во странство, или избегаа за да не будат уапсени, или затворени и сите од ред осудени на строги затворски казни.

Последна жртва на режимот е Марија Колесникова (39) која е политичка активистка, еден од лидерите на ланските протести и музичар по професија. Деновиве таа е осудена на 12 години затвор.

На власт со руска поддршка

Од надвор, пак, и земјата и Лукашенко се под строги санкции од ЕУ и од САД – како поради силната и брутална репресија врз опозицијата и сите политички неистомисленици, така и поради меѓународната агресија. Станува збор за инцидентот кога авионот на „Рајан Ер“ кој од Атина леташе кон Вилнус, во текот на прелетот над Белорусија, беше присилен да се спушти во Минск. Наводно, поради бомба, а всушност за да се уапси новинар – остар критичар на режимот.

Од тогаш овој властодржец владее со земјата уште посурово, постојано војувајќи со своите соседи од ЕУ/НАТО, како и со целата Унија.

На власт се одржува само благодарејќи на силната руска поддршка – политичка, воена, разузнавачка и економска – затоа што и тој и Белорусија – таква каква што е – и се потребни на Москва, како штит, во ситуацијата кога веќе ја нема покрај себе Украина.

Но, и во една ваква состојба, се одржува во живот едно прашање кое, на прв поглед изгледа неумесно. Тоа е прашањето – што ќе биде со Лукашенко, или кој ќе го наследи овој диктатор, иако изгледа дека ја има под контрола целата ситуација.

Диктаторот лицитира наследник

Ова прашање, на некој начин тој самиот го одржува во живот, уште од минатата година, по наместените претседателски избори, кога во еден момент почна да зборува дека ќе се повлече од функцијата – откако ќе биде усвоен новиот Устав на земјата. Од порано има зборувано дека тој самиот има определено свои наследници.

Лукашенко тоа го повторил и минатата недела, кога пред режимски новинари и активисти на неговата партија рекол дека „наскоро некој друг би можел да биде на чело на земјата“. Во оваа прилика не рекол кој тоа би можел да биде, туку само дека тоа треба да биде некој кого „народот на избори ќе може да го определи за наследник“.

Затоа и ваквите зборови делуваат несериозно, познавајќи го неговиот карактер – типичен за сите деспоти и диктатори – едно да зборуваат, а друго да работат. Порано се споменуваа двајца поранешни министри – за здравство и за внатрешни работи – и обајцата (велат) иницијатори за брутална пресметка со демонстрантите на улиците на Минск. Но, на таа листа се споменуваат и неговата портпаролка и шефот на претседателската резиденција.

Дете од вонбрачна врска

Белорускиот претседател уште од март годинава, повремено зборува за двајца кандидати „кои се добри и кои може да добијат поддршка на изборите“, па досега се мислеше дека зборува за двајцата министри во кои има доверба дека ќе продолжат по линијата што 27 години ја има зацртано Лукашенко.

Сепак, во белоруската јавност, како и на Запад се мисли дека листата на „кандидати“ тука не завршува и дека главниот претендент, всушност, е неговиот трет син. Таа приказна се „тркала“ од поодамна, откако диктаторот во своите државнички посети – кога се уште некаде го примаа на гости – го носеше со себе, уште додека беше малечок.

Тоа е најмладиот син на Лукашенко, роден е 2004 година, а за малечкиот Николај (Колја) белоруската јавност има разбрано кога детето наполнило четири години.

Претседателот има и двајца други синови – Виктор и Дмитри Лукашенко кои се родени од бракот со официјалната сопруга Галина. За неа, велат, дека никогаш се нема појавено во јавноста, па и не се знае дали таа е се уште жива и здрава и дали тие двајцата се уште се во брак.

Третиот син, Колја, меѓутоа, е дете родено од вонбрачната врска на белорускиот претседател со својата лична лекарка.

„Колја сака оружје и униформи“

За неа, исто така, не се знае дали се уште е во врска со Лукашенко, но за детето што му го има родено се знае дека му е миленик. Третиот син веќе има 17 години и на оваа возраст е снимен како со таткото и со рускиот претседател Путин, пали свеќа во некоја црква. Фотографијата ја има објавено руската новинска агенција Спутник – која важи за една од официјалните руски агенции.

За момчето се вели дека уште како дете „многу сакал оружје и воени униформи“.

На една фотографија, од пред некој месец, е снимен со пушка во рацете и целосно војнички опремен. Освен тоа за него има слики на кои се гледа дека уште како малечок стои покрај таткото, меѓу генералите од генерал – штабот на белоруската армија – облечен во униформа каква носат и тие околу него.

Белоруски политички активисти тврдат дека сведоци виделе дека белоруски генерали го поздравуваат војнички, со салутирање, Колја Лукашенко како да станува збор за висок воен функционер, а не за голобрадо момче.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе