Германија: избори без вистински победник
Резултатите по одржаните германските парламентарни избори се уште се неконечни и се водат како прелиминарни (до правењето на овој текст), но сигурно е дека во Германија нема да има вистински изборен победник.
Социјалдемократската партија (СПД) на Олаф Шолц има освоено најмногу гласови, но тие се недоволни оваа партија, која инаку долги години е во сенката на демохристијанскиот блок ЦДУ/ЦСУ, самата да формира влада. Демохристијаните од друга страна, навистина, заостануваат зад СПД, меѓутоа, станува збор за минимална разлика, па останува до новата влада во Берлин да се дојде преку создавање коалиција. А, тоа според германската политичка традиција, трае долго.
Нема рок за преговарањето
Според Уставот на Германија нема рок до кога партиите може да се пазарат меѓу себе. Освен тоа, за разлика од повеќето европски земји, германскиот претседател, откако резултатите ќе станат конечни, веднаш не му го дава мандатот да формира влада, прво на лидерот на партијата која има најмногу пратенички места во Бундестагот, па потоа на тој на партијата која е второпласирана итн.
Искуството, затоа, покажува дека меѓупартиско преговарање (договарање) – секој со секого и секој против секого, може да трае и со месеци.
На пример, на претходните избори, одржани во септември 2017 година, најмногу гласови освоија демохристијаните, но и тие тогаш немаа мнозинство да создадат своја влада. Тогашниот лидер на ЦДУ Ангела Меркел преговараше се до пролета следната година со сите партии, а најмногу и најдолго со социјалдемократите, за да се формира досегашната црно/црвена коалиција во која таа по четврти пат стана канцелар, министер за финансии стана Олаф Шолц, а за надворешни работи Хајко Мас, обајцата од лево – центристичката СПД.
За старо/нов канцелар Меркел беше потврдена во Бундестагот дури на 14 март 2018 година. Или после , безмалку, седум месеци од изборите.
Зелените и ФДП како „кинг – мејкери“
После овие избори се знае само дека Германија и Европа/ЕУ остануваат без Меркел, која ќе остане на канцеларската функција се додека не се избере нејзиниот наследник, за што се уште има двајца кандидати – Шолц од СПД и сегашниот лидер на ЦДУ Армин Лашет.
И обајцата тврдат дека имаат право на функцијата канцелар и обајцата уверуваат дека нема лесно да се предадат пред политичкиот противник, дури и ако на крајот некако се спогодат за продолжување на сегашната коалиција – меѓу овие две (на овие избори) најпопуларни партии.
Тие двете, засега, ни заедно немаат мнозинство како пред четири години. За да обезбедат влада – им треба „кинг – мејкер“, а тоа значи трет партнер – партија која ќе треба да се определи на која страна ќе се приклони. Тоа, пак, значи дека таа ќе бара, а секако ќе мора нешто за возврат и да добие – министерски места, пред се.
Двете партии кои ќе служат за создавање тројна коалиција, какви најчесто има на југот од Европа, а што за прв пат се случува во Германија, се пред се, партијата на Зелените, која има освоено 14, 8 отсто од гласовите – далеку најмногу за оваа некогаш минорна германска партија – а потоа и германските либерали (ФДП) кои на овие избори ја добија поддршката на 11,5 отсто од германските гласачи.
Ултрадесничарската партија АфД е петорангирана, додека партијата Линке (Левица) е шеста, со помалку освоени гласови од планираните, но сепак, со задржани шанси и таа да биде дел од некоја од коалициите.
СПД ја сака функцијата канцелар
Во секој случај, СПД претендира таа да го даде новиот канцелар и тој да го почне преговарачкиот процес.
Една од коалиционите варијанти е со социјалдемократите да се здружат Зелените кои, природно, секаде важат како пролевичарска партија, кога станува збор за идеолошките прашања. Во оваа коалиција се планираат и либералите. ФДП имаат, на времето, правено коалиција и со СДП, но секогаш оваа партија, главно, била подесно определена. И сега, нивниот лидер зборува дека ЦДУ му се поблиски за партнерство, но дека сака, претходно, да разговара со Зелените, околу тоа како тие гледаат – една на друга и дали може двете партии, претходно да се договорат со кого, заеднички, би коалицирале.
Лашет, меѓутоа, инсистира дека има право да ја испита можноста токму тој да ја предводи идната германска коалиција (и влада), иако СПД има освоено повеќе гласови. Односот на освоените гласови (засега) е 25,7 отсто за СПД, наспроти 24,1 отсто за ЦДУ.
„Не секогаш паријата која на крајот од гласањето била прва, го давала и канцеларот на Германија“ – тврди Лашет, држејќи се за својата изборна определба дека Германија има потреба од канцелар – обединител на Германците, како што тоа беше Ангела Меркел, цели 16 години и која го определи за свој политички наследник.
Лашет и поразен може да ја наследи Меркел
Сето ова значи дека сега во Германија, по завршеното гласање влегува во периодот на т.н. „експлораторни разговори“. За нивниот формален старт се чекаат конечните резултати, по кои партиите, обично, ги изнесуваат своите “црвени линии“, за да видат каде и со кого би можеле да се здружат.
Тоа може да доведе до ситуација – канцелар да биде Олаф Шолц кој во својата кампања вешто се прикажуваше како тој да е наследникот на Меркел, затоа што беше министер за финансии во време кога Германија успешно ја преброди кризата во економијата предизвикана од коронавирусот.
Лашет, меѓутоа, иако сериозно поразен, затоа што овој изборен резултат е вистинско фијаско за ЦДУ, сепак, во следните недели, или месеци ќе може да се надева дека тој биде канцеларот – наследник на Меркел, како што сето тоа од поодамна беше испланирано.
Сега се зависи од партијата на Зелените и нејзиниот лидер Аналена Бербок. Таа не ја отфрла можноста да коалиција и со ЦДУ , особено со сега ослабениот Лашет, од кого може да бара – таа да биде канцеларот на Германија. Но, може да се случи се да зависи од либералите. Иако нивниот лидер Кристијан Линдер смета дека „повеќе заеднички работи има со ЦДУ, отколку со СПД“, тоа не значи дека веќе се определил со кого би влегол во коалиција.
(С.Г.)