Први пилули против Ковид
Фармацевтската компанија „Мерк“ соопшти дека има произведено пилули против болеста Ковид – 19, за кои се вели дека го преполуваат ризикот од хоспитализација, како и од смртност од коронавирусот.
Според американската телевизија Си – Ен – Ен, доколку биде одобрен од Управата која дозволува употреба на храна и на лекови, тоа ќе биде првиот орален антивиротик за Ковид – 19. Во соопштението на „Мерик“ се вели дека основната состојка на која се засновуваат овие пилули, предизвикува намалување на хоспитализацијата и на смртноста кај пациентите до 50 отсто.
Орални антивиротици
Уште се објаснува дека само 7,3 отсто од заболените пациенти кои примале молнупиравир морало да бидат лекувани во болница, или починале до 29 денови од рендомизацијата, во споредба со со 14,1 отсто од пациентите кои примале плацебо. До 29 денови не бил забележен смртен случај кај пациенти кои примале молнупиравир, за разлика од регистрирани осум смртни случаи кај лицата кои примале плацебо.
Врз основа на ваквите сознанија добиени при тестирањето, компанијата најавува дека во што е можно покус рок ќе бара од Агенцијата согласност за брза употреба на овие пилули.
Американски експерти изјавиле дека развојот на орални антивиротици би можело да биде следната шанса во борбата за сузбивање на Ковидот. Кусорочниот режим на дневно земање на пилулите, би имало за цел борба против овој вирус, веќе во раната фаза по дијагностицирањето и спречување на неговото развивање, по појавата на првите симптоми.
Досега над пет милиони починати
Досега е одобрен само еден антивиротик за лекување на Ковид – 19. Станува збор за ремдесивир кој на пациентите им се дава интравенозно и во болнички услови. Тој не е намнет за раната фаза на болеста, ниту пак е одобрен за широка употреба.
Информацијата на Си – Ен – Ен доаѓа во време кога бројот на починатите од коронавирусот/Ковид – 19 во светот надмина пет милиони жртви. Само во САД се регистрирани над 700 илјади.
Во балканскиот регион и низ Европа продолжува борбата со пандемијата. Во Србија продолжува да расте бројот на новозаразени лица, како и на починатите до над 50 во 24 часови. Слично е и во Хрватска, иако бројките се нешто помали, како и во Грција.
„Црни” рекорди во Британија и Русија
Таму Солун, вториот по големина град во земјата и неговата околина, се прогласени за кризни жаришта, па здравствените власти воведоа полициски час во ноќите часови, како и бројни ограничувања за кафулињата, рестораните и баровите. Романија, пак, после мало смирување, пак има по 13 илјади новозаразени, во период од 24 часови.
Британија има регистрано нов дневен рекорд од над 30 илјади новозарзени, како и над 150 починати лица. додека во Русија одново се бележат рекорди според смртноста. Во петокот дури 890 лица се починати во текот на еден ден, што е највисока бројка од јуни годинава.
Новата пилула на „Мерк“ предизвика интерес кај стручњаците кои безмалку две години војуваат со коронавирусот. Тие се согласуваат дека пилулата која би требало да лекува од болеста Ковид-19 создава една сосема нова ситуација. Но, тие укажуваат дека пилулата не е алтернтива на вакцините. Според мислењето на епидемиолозите, вакцинирањето и натаму останува најефикасниот начин да се заврши со пандемијата- под услов да се вакцинираат доволно многу лица.
Поранешен експерт во американската Управа за храна и лекови изјавил за Си-Ен-Ен дека антивирусната пилула на “Мерк“ може и треба да се користи заедно со вакцините, затоа што не е алтернатива на масовната вакцинација.
Според овој експерт , антивирусниот лек може да биде ефикасен за оние кои одлучиле да не се вакцинираат , како и за оние кои се заразиле, а биле вакцинирани.