Продавање нуклеарни тајни во сендвич
Американецот Џонатан Тојби, кој по професија е нуклеарен инженер и неговата сопруга, се уапсени во Западна Вирџинија при обидот да продадат воени тајни, поврзани со информациите за дизајнот на нуклеарните подморници и бродови, на лице за кое обајцата мислеле дека е претставник на странска воена сила.
Всушност, не станувало збор за некако странски таен агент, туку за оперативец на ФБИ, во случај на класична „местенка“ како во дамнешното време на Студената војна, кога американското контраразузнавање војуваше против домашните предавници кои (најчесто) за пари работеа за странски агентури.
Предавство за крипто валута
Повеќе од една година траела тајната операција за следење на однесувањето и на постапките на оваа брачна двојка од сојузната држава Мериленд кои сега се разоткриени и уапсени, обвинети за обид на странска земја да и продадат нуклеарни тајни – во замена за крипто валута.
Според американските медиуми кој се повикуваат на министерството за правда на САД, Тојби (42) имал пристап до чувствителни воени тајни, што се однесуваат на дизајнот на нуклеарното оружје и опремата. Овој нуклеарен инженер тајните за оперативните параметри и карактеристичните перформанси на носачот на нуклеарниот реактор, на подморниците ги чувал на мемориска картичка што ја сокрил во сендвич, намачкан со путер од кикирики, за да му ја продаде на човек за кој верувал дека е странец.
Додека траело договореното примо – предавање, неговата 45 годишна сопруга, инаку учителка по професија, чувала стража на договорената локација.
Истрагата против оваа брачна двојка почнала во април 2020 година, кога Тојби прв пат му има испратено меил на „странскиот агент“, без да знае дека тој е преправен контраобавештаец од ФБИ. Во меилот имало тајни и доверливи податоци, за тоа како да се користат шифрираните податоци, како и понуда за откуп на други дополнителни информации.
Преправен агент на ФБИ
По неколкумесчни преговарања и повремено предавање на „ситни“ тајни, Тојби се спогодил со „странецот“ да му продаде нуклеарни тајни за 100 илјади долари во крипто валута, па со сопругата отпатувал во Западна Вирџинија, за извршување на размената – предавање воени тајни за пари.
Во едно од писмата што овој инженер му ги испраќал на својата „странска врска“, откриено е како го уверувал „странецот” во својата решеност да се направи зделката и во својата искреност кон него.
„Препратете го ова писмо до својата воено – разузнавачка агенција. Верувам дека овие информации ќе и бидат корисни на вашата земја. Ова не е никаква измама.“ – напишал Џонатан Тојби
Претходно префрлените тајни до лажните „странски агенти“ тој и сопругата ги сокривале во пакетчиња со гуми за џвакање.
Брачната двојка веќе биле подготвени, со добиените пари од планираното предавство, да избегаат во странство, но биле фатени во моментот кога ја предавале последната тајна – овој пат сместена во обичен американски сендвич.