Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Колумбо: ослободител или окупатор на Америка

Wirestock/Depositphotos.com

Колумбо: ослободител или окупатор на Америка

Изгледа дека на секаде низ светот има по еден Балкан, кога станува збор за толкувањето на минатото и на историјата, особено околу прашањето за тоа кои се ослободители, а кои се окупатори – освојувачи. Како што е тоа насекаде – како толкувачи на историјата кои претендираат дека се единствени во право – се јавуваат припадници на локалната националистичката десница.

Така и се случи, по повод денот на Кристофор Колумбо, морепловец и истражувач од крајот на 15 век кој го има откриено американскиот континент, прв стапнувајќи на тамошното копно на 12 октомври 1492 година, да се огласи шпанскиот десничарски политичар Пабло Касадо, обвинувајќи ги денешните генерации Американци, за (наводното) преправање на историјата.

Или, уште поточно – за нејзиното погрешно и анти – шпанско толкување. Замерајќи им притоа и на сегашните политичари во Мадрид, за нивниот „непатриотски однос“ кон шпанското минато.

Различни толкувања на историјата

Според овој лидер на Народната партија, шпанската освојувачка, колонијална експанзија на Америка претставува “најзначајниот настан во светската историја, после Римската империја“.

Касадо приговара што шпанскиот крал, постојано, секоја година на тој ден “мора да се извинува “ за шпанското откривање на Новиот свет. Овој политичар тврди дека, Шпанците имале респект “кон оние кои таму веќе живееја“, негирајќи го истребувањето на домородците во годините и вековите потоа.

За Касадо е најважно што Шпанците во Новиот свет создавале универзитети, создавале просперитет и развој, граделе градови и комуникации. “Не мислам дека Шпанија и нејзиниот суверен треба и натаму да се извинуваат за она што се случило пред пет векови.

Ваквиот негов коментар е директна реакција на изјавата на американскиот претседател Џо Бајден, кој во пораката по повод тамошното одбележување на денот на Колумбо, има речено дека пристигнувањето на освојувачите предизвикало „бран од уништување кон домородното американско население“. Притоа, Бајден сугерираше денешните генерации Американци “да не ги закопаат и да ги заборават овие срамни епизоди од минатото на Америка“.

„Конквистадорите во евангелистичка мисија“

Историјата и записите што се направени во минатото, меѓутоа, имаат потврдено дека малите сипаници и другите заразни болести кои ги имаат донесено во Латинска Америка Европејците, при освојувањето на територијата на континентот, буквално ги имаат истребено домородците – староседелци, на чии локации се населувале освојувачите – иако тие биле релативно помалубројни од оние кои забрзано доаѓале.

Во Северна Америка тој процес, во основа е сличен, без разлика што Европејците кои се населувале на тој дел од континентот, насила и со оружје ги протерувале домородците – Индијанци од териториите на кои живееле, за да им ја земат земјата, за градење домови и градови за себе.

Во Мадрид, се огласи и лидерот на крајно – десничарската партија Вокс, Сантјаго Абаскал.

Лидерот на оваа трета по големина партија во шпанскиот Кортес, остро му има приговорени на Бајден за пораката за Денот на Колумбо во САД, обвинувајќи го дека “го нападнал големото ремек дело на шпанските конквистадори (освојувачи) и на нивната евангелистичка мисија“. Мислејќи притоа на пренесувањето на христијанството (католицизмот) на сите Латиноамериканци, вклучувајќи ги и домородните Индиоси.

„Шпански расизам“ кон минатото

Шпанија во денешно време има силни политички, а особено економски врски со Латинска Америка и со нејзините поранешни колонии. Но, многумина во тој дел од светот и замераат на шпанската политика кон регионот и на шпанските политичари, што не ја обзнануваат злоупотребата на човековите права, ликвидациите и уништувањето на старите тамошни цивилизации, а пред се, што ги немаат осудено колежите на домородното население.

За многу Латиноамериканци тоа се означува како облик на шпански расизам кон домородното население и нивните сегашни потомци.

Во септември годинава, папата Франциско кој е Аргентинец, при посетата на Мексико, по повод 200 години од неговата независност од Шпанија, зборуваше за „поединечниот и општиот грев што го има направено католичката црква“ во Мексико, по шпанското освојување на неговата територија.

Деновиве, властите на Сиудад Мексико објавија дека ќе го тргнат споменикот на Колумбо на главниот плоштад во мексиканскиот главен град и на тоа место ќе подигнат статуа на жена – домородец.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе