Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Над 43 илјади лажни тестови во Британија

HayDmitriy/Depositphotos.com

Над 43 илјади лажни тестови во Британија

Една приватна лабораторија во англискиот град Вулверхемптон е затворена, откако британските здравствени власти ја обвинија за издавање лажни/неточни тестови за Ковид – 19. За лабораторијата „Именса Хелт Клиник“ се тврди дека има издадено над 43 илјади лажни тестови.

Според британските медиуми, станува збор за тестови кои биле неточни, затоа што се покажало дека лицата кои добиле потврда дека не се инфицирани со коронавирусот, всушност, биле веќе заразени кога го правеле тестот и кога ја добиле потврдата дека се здрави.

Ширење на пандемијата

Сега се смета дека ваквото работење на оваа лабораторија ја има предизвикано експлозијата со новозаразени лица во југозападна и југоисточна Англија, како и во Велс, што, пак, ја има целосно урнато сликата за британската здравствена безбедност. За земја која се фали дека има висок процент на вакцинирани и тестирани (дека не се заразени) лица, поразувачки изгледаат последните бројки од октомври, според кои и заразеноста на нови пациенти и смртноста, се прилично високи.

Во Велс, е утврдено дека има низа лажни тестови чии негативни резултати, се открива дека не се точни и валидни. Тоа предизвика, регионот да стане силно жариште на новозаболени од Ковид.

Во местото Њубари,  на пример, сите тестирани во периодот меѓу 3 и 12 октомври годинава, сега се заболени од вирусот, а некои од нив се и на болничко лекување, иако од лабораторијата во Вукверхемптон имаат добиено потврди по тестирањето дека не се инфицирани.

Истрагата што била направена ги има опфатено тестирањата правени од почетокот на септември, до 12 октомври, кога се откриени ваквите поразувачки сознанија. А, тие се поклопуваат со забрзаниот раст на новозаразени со делта – вирусот и на (одново) зголемената смртност во Англија, но и на ниво на Британија.

Намера или технички пропуст

Истрагата сега треба да утврди дали правењето лажни тестови и издавањето такви потврди било намерно и направено за пари и едноставно за услуга, или пак станува збор за некаква техничка грешка, или можеби за неисправност на некоја од компонентите кои се користат при правењето на тестовите.

Во првата реакција на британската агенција за здравствена безбедност е дека немало основа случајот со лабораторијата да се смета како намерен, туку дека повеќе како инцидент и грешка во самото тестирање.

За јавноста, меѓутоа, останува дилемата – дали „Именса Хелт Клиник“ е изолиран случај, односно дека можеби и не е осамен, посебно кога се знае дека проблеми со лажни тестови и исто такви потврди има и на европскиот континент – во низа земји и од ЕУ и надвор од Унијата – за патување во странство, или за да не мора да се поседува „зелена пас карта“ за примена вакцинација.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе