Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Австрија прва воведува задолжително вакцинирање

gabrielescu/Depositphotos.com

Австрија прва воведува задолжително вакцинирање

Владата на Австрија соопшти дека од 1 февруари воведува задолжително вакцинирање против коронавирусот за целото население во оваа деветмилионска земја.

Ова е прв пат, една држава во Европа да се определи на еден ваков чекор, затоа што досега, како во рамките на ЕУ, така и кај земјите надвор од Унијата, се инсистираше дека вакцинацијата е доброволна и е оставена на волјата на луѓето. Насекаде ваквиот чекор се бранеше со некакви уставни ограничувања и со правото на избор, како едно од човековите права и слободи, иако од почетокот на пандемијата и епидемиолозите и низа уставно – правни експерти уверуваа дека тоа не е така.

Лекарите уверуваа дека само општата имунизација ќе ја запре пандемијата, сега кога има анти – ковид вакцини, додека правниците ја бранеа тезата дека ниту еден Устав не забранува водење грижа за јавното здравје и за здравјето на целото население во една држава, посебно во услови на глобална пандемија каква е оваа сегашната со короната.

За експертите по уставно право, токму грижата за здравјето на сите луѓе е над сите други индивидуални права, па според тоа наложувањето на вакцинацијата, како обврска, не е повреда на уставните права и слободи.

Еден од тројца Австријци е невакциниран

Австриската влада се определи на еден ваков чекор во услови кога и здравствените експерти и политичарите се согласија дека оваа високо развиена и здравствено уредена европска држава ја губи битката со короната – на неколку фронтови.

Еден од тројца Австријци се уште не е вакциниран. Едвај 60 отсто од населението во земјата имаат примено некоја од вакцините, иако владата во Виена меѓу првите ја прифати дури и руската вакцина Спутник, која се уште нема лиценца за користење во земјите на ЕУ. Тоа е најнизок процент меѓу западноевропските држави во Европа.

Ударот на сегашниот четврти бран на заразата предизвикува рекордно ново на новоинфицирани граѓани – дури 15.900 официјално регистрирани во последните 24 часа во петокот (на 19 ноември), со просек од 1050 новозаразени на 100 илјади население – далеку најмногу од другите земји на Западот.

Засега властите не се занимаваат со причините за ваквиот развој на ситуацијата во една земја каква е Австрија, но канцеларот Александар Шаленберг изјави дека “државата не сака да се соочи и со пети бран на пандемијата“.

Според него “премногу луѓе немаат примено вакцина, затоа што премногу политички сили сето тоа го поттикнуваат, потоа има низа матни противници на имунизацијата и над се, многу лажни вести и невистини“, што владата очигледно не сака повеќе да ги толерира, а ниту да ги почитува.

Нов Ковид карантин за сите

Затоа, само четири денови по одлуката за воведување карантин за СИТЕ НЕВАКЦИНИРАНИ, владата во Виена сега се одлучи за воведување ЦЕЛОСЕН КОВИД КАРАНТИН, што почнува од понеделник, 22 ноември. Оваа анти – епидемиолошка мерка ќе важи 20 денови, но после првите десет, ќе биде направено преразгледување на ситуацијата.

Со новиот локдаун од Австријанците се бара да работат од дома. Се затвораат сите продавници кои не е потребно да бидат отворени во услови на пандемија, додека училиштата ќе останат отворени за деца на кои им е потребно обучување со помош на наставник, или на учител – лице во лице.

Ваквата радикална одлука на австриската влада доаѓа во време кога и вкупната епидемиолошка ситуација во ЕУ и во Европа е силно влошена. Светската здравствена организација (СЗО) претходно го прогласи целиот континент како жариште на пандемијата во светот, па затоа европски здравствени експерти предвидуваат дека и други земји ќе се свртат кон построги епидемиолошки мерки и кон повторно воведување карантин.

Европа по стапките на Австрија?

Словачка, како и Австрија, од понеделник невакцинираните ги става во локдаун, додека Холандија од порано веќе има воведено делумен карантин.

Таму за прв пат, по подолго време еден спортски настан – фудбалскиот натпревар за квалификациите за Светското првенство во Катар – меѓу холандската и норвешката репрезентација се одржа без публика.

Унгарија најави дека трета вакцина ќе биде задолжителна, а Русија и понатаму продолжува да бележи црни рекорди – три денови по ред таму има 1300 починати во само 24 часови.

Најголема загриженост за развојот на ситуацијата во Австрија, покажува соседна Германија, а пред се покраината Баварија која е „слепена” за австриската територија.

Таму, фактички, има локаун за невакцинираните, а баровите и клубовите веќе се затворени на три недели. Сите предбожикни пазари се откажани. Во реоните од оваа германска сојузна држава, каде има илјада новоинфицирани на 100 илјади население, најавено е дека сите ресторани и хотели ќе бидат затворени, а сите културни и спортски настани откажани.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе