Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Париз и Лондон во бура над Ламанш

360ber/Depositphotos.com

Париз и Лондон во бура над Ламанш

Морскиот канал што ги раздвојува Франција и Британија – Французите го нарекуваат како Ламанш. За Британците, пак, станува збор за Англискиот канал. Со векови наназад, овој пророден воден пат ги поврзувал и ги разделувал двете соседни земји, кои во еден момент знаат своите односи да ги означат како “Срдечна Антанта“, а потоа да ги доведат до фаза на замрзнување.

Како што е тоа сега, во еден период што трае уште од пред Брегзит, но продолжува и по него.

Прво беше околу тоа како ќе ги градат односите во новата политичка ситуација. Особено во услови на силно распалениот англиски национализам и на (не ретко) грубото омаловажување на ЕУ, на европските интеграции и на постојаното истакнување на (наводното) спасување на Британците од „стегите“ на Унијата. А, таквата популистичка политика на Лондон, почна да ги создава проблемите во односите со Франција.

Катастрофа во Каналот

За веќе договорениот северноирски протокол, што британската влада на Борис Џонсон би го менувала после секое внатрешно – политичко бранување во Британија (и во Северна Ирска), па потоа за дозволите за рибарење во водите на Каналот, за што за малку ќе дојдеше и до тепачка на отворено море, се до сегашната криза околу мигрантите.

Односно, околу илегалното префрлање на мигранти од Блискиот и Средниот Исток, од Франција во Британија – со импровизирани пловила, а најмногу со небезбедни гумени чамци.

Врв на недоразбирањата и расправиите се достигна во изминатата недела, кога во водите на Каналот се удавија 27 илегалци – сите Курди од ирачкиот дел на Курдистан, настојувајќи да дојдат до јужниот англиски брег со ваков чамец.

Двете страни се обвинуваат меѓусебе околу тоа чија одговорност е поголема во оваа катастрофа, во која се удавија 17 мажи, седум жени, од кои едната бремена, како и три деца. За тројца други исчезнати се трагаше, но засега без никаков резултат.

Стар проблем во нови услови

За илегалците – мигранти и за минувањето од Франција во Британија (дури и низ тунелот под Ламанш), двете страни разговараат и се договараат уште од времето кога Британците беа во Унијата, потоа се време на преговорите за Брегзит, но и по британското повлекување од ЕУ.

Сепак, трајно решение, што би ги разрешило овие прашања и што би го запрело илегалното минување по воден пат, меѓутоа, никогаш досега не е најдено.

Во Париз за тоа ја обвинуваат британската страна на која и одговараше Франција да и ја чува границата и мигрантите кои скитаат низ Европа за да дојдат до брегот на Ламанш, пред да се префрлат во Британија.

Сите тие завршуваа во Кале, во еден тамошен диво создаден камп, лоциран надвор од градот, во кој во мизерни услови престојуваа и по две – три илјади илегалните мигранти кои не сакаа – ниту да останат во Франција, а ниту да се вратат назад.

Таа нерешена ситуација се префрли и во ова пост – Брегзит време, добивајќи сега сосема нова димензија.

Мигрантите – политичко оружје

Ако во времето кога Британците беа во ЕУ, Французите според принципот на солидарност, ја издржуваа таквата состојба и изигруваа чувари на британскиот (англискиот) јужен брег, борејќи се постојано со мигрантите за да не се обидуваат илегално да преминат на другата страна, во новите Брегзит услови ја немаат таа обврска.

Особено што Британија продолжува со својата Брегзит – ароганција кон ЕУ (и кон Париз), користејќи ги мигрантите за своите домашни, британски, политички цели – за разни кавги со Унијата, со единствена цел – да им се покаже на Британците и посебно на Англичаните дека им е подобро надвор од ЕУ. Бројот на илегалните мигранти, меѓутоа, тоа не го потврдува.

Ако пред Брегзит имало по околу две илјади илегални преминувања од Франција во Британија, во оваа година, досега веќе има над девет илјади такви случаи.

Ваквиот податок, во секој случај, претставува шлаканица за брегзитерите и за нивните уверувања на англиските гласачи дека со излегувањето од ЕУ, Британија ќе нема проблеми со мигранти. Затоа и овој пат, од Лондон, преку се уште анти – европските таблоиди, сите во функција на британските конзервативци и популистичката политика на Џонсон, се обвинуваат Европа и Франција. Наводно, намерно и ги пуштаат на Британија сите оние кои сакаат да се префрлат на британска територија.

Гневна реакција на Макрон

Во Париз (велат) дошло до „експлозија на гневот“ кога британскиот премиер, во својот познат стил за кокетирање со антиевропските гласачи и порача на Франција – „Земете си ги назад сите мигранти што се префрлиле илегално на британска територија“.

На тоа гневно реагираше францускиот претседател Емануел Макрон, јавно повикувајќи ги оние во Даунинг стрит 10 – да станат сериозни!

„Ова се работи и прашања што не се решаваат со Твитер пораки и со мејлови, туку со сериозни разговори“ – рече Макрон во Рим, каде беше во посета на Италија, што се смета дека е порака директно насочена кон Џонсон, затоа што неговата изјава е објавена и на оваа социјална мрежа.

Притоа, француската страна грубо им префрли на Британците дека во Лондон едно се зборува во телефонски разговори и во директните средби во четири очи, а сосема друго кога за ова прашање и се зборува на домашната јавност во Британија.

Договор сепак ќе мора да има

Џонсон се обиде да ја изглади дипломатската расправија преку Каналот, согласувајќи се дека работата (навистина) мора заеднички да се разреши, но тоа не ја смири лутината на Париз.

Од таму и порачаа на британската министерка за внатрешни работи Прити Пател да не доаѓа на разговори, а Франција не дозволи таа да учествува на набрзина свиканата конференција за кризата со мигрантите, на неколку европски земји од ЕУ, што во неделата се одржа во Кале.

Нејзиниот француски колега, Жерард Дарманин во Кале изјави, дека Франција, сепак, сака и натаму да се постигне договор и дека сака да разговара со Лондон за оваа ситуација, но и тоа дека Британците ќе мора сето ова да го разберат како мошне сериозно прашање.

„Британија си замина од ЕУ, но не замина и од светот. Потребни се сериозни разговори, без притоа да се биде заробеник на домашната, британска политика“ – рекол францускиот министер.

Според француските медиуми, Париз оценува дека премногу луѓе загинаа досега во илегалните префрлања, па затоа не сака каналот Ламаш да се претвори во морска гробница за илегални мигранти.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе