Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Бугарија со влада за неколку денови?

Ale_Mi/Depositphotos.com

Бугарија со влада за неколку денови?

За многу кусо време, броено во неколку денови, Бугарија може да има влада – изјави во Софија најверојатниот мандатор и (велат) иден премиер Кирил Петков, откако лидерите на бугарските политички партии од кои треба да се направат коалицијата и владиниот кабинет, ги почнаа завршните активности за излез на земјата од длабоката политичка криза во која се наоѓа повеќе од една година.

Според Петков кој е ко – претседател на партијата Продолжуваме со промените (ПП) – сега се зависи од брзината со која ќе работат партиите. Според него треба да се работи брзо и крајно одговорно, затоа што Бугарија нема веќе време за трошење, за политички експерименти и за политикантски игри.

Тој смета дека не може повеќе да се продолжува ниту се привремена, или со техничка влади, како во изминатите седум – осум месеци, затоа што државата мора што е можно поскоро да формира политичка влада која ќе носи политички важни одлуки.

Четворна коалиција

Петков, затоа, инсистира на брзото дејствување, објаснувајќи дека договорот за основите на коалицијата веќе им е даден на партиите (од планираната) коалиција – а тие треба само формално да го прифатат она што партиските раководства веќе го имаат договорено. За ова, едниот од двајцата лидери на ПП (другиот е Асен Василев), смета дека не се потребни повеќе од неколку денови.

Партиите во коалицијата се оние кои беа на улиците на Софија и другите бугарски градови од средината на јули 2020 година.

Тоа се новосоздадените – ПП, Има таков народ (ИТН) и Бугарски демократи (БД), како и БСП (бугарските социјалисти) кои успеаја, благодарејќи на позицијата и интервенциите зад сцената, на старо – новиот претседател на државата Румен Радев, да се приклучат на овој блок. Меѓу другото, тие се крајно неопходни во сегашниот распоред на силите и затоа што без нив нема безбедна коалиција, а притоа да се елиминира ГЕРБ – СДС на поранешниот премиер Бојко Борисов, после 11 години поминати на власт.

„Нула толеранција“ за корупцијата

Основата на коалицискиот договор е „нула толеранција“ за корупцијата, или како што вели Петков – да не се дозволи никогаш повеќе да се повтори случајот на бугарската Банка за развој која приближно 800 милиони евра ги има разделено по партиски рецепт, на осум фирми и бизнисмени блиски до ГЕРБ, наместо на десетици мали и средни бизниси, како што тоа требало да се направи.

Партиите се договориле секоја од нив да има по еден потпретседател во владата, што партиите сами ќе го определат, а распоредот на министерските места би бил – десет за Промените продолжуваат, четири за ИТН, а по три места за БСП и за БД.

Засега, ниту Петков, а ниту другите партии споменуваат имиња на потенцијалните кандидати за министри, но медиумите веќе лицитираат кој која функција ќе ја има во новата влада. Заслуга за тоа има и самиот Петков кој има речено дека би сакал во идната влада да се најде другиот ко – претседател на ПП, Асен Василев, како министер за финансии, а во владата да се приклучат и други четворица од (формално) се уште важечката техничка влада, споменувајќи ги нивните имиња.

Софија во изолација

Партијата ПП која на последното, трето гласање има добиено најмногу гласови (26,3 отсто) – најверојатно ќе го има и местото внатрешни работи. Сегашниот технички премиер би бил министер за одбрана, додека министерството за надворешни работи би го добила партијата Има таков народ. Покрај новите потпретседателски места, идната влада би требало да има и две нови министерства и да биде побројна.

Останува да се види дали оптимизмот на Кирил Петков го имаат и другите во коалицијата. Но, факт е дека „балканскиот Трудо“ е во право кога инсистира на брзо дејствување на партиите, особено кога ГЕРБ – СДС ја прифати новата реалност – дека ќе оди во опозиција. Затоа, Бугарија која и онака остана најнеразвиена земја – членка на ЕУ, во финишот на, за неа тешката и политички турбулентна 2021 година, нема ниту време, а ниту простор за да ја оддолжува кризата.

Уште повеќе, што државата се наоѓа во изолација во Европа, поради блокадата на стратегијата на ЕУ за ширење на Унијата кон Западен Балкан, со ставањето вето за почетокот на преговорите со Република Северна Македонија (и Република Албанија) врз основите на стариот, тврд бугарски национализам.

Притисок од Брисел и Вашингтон

Притисокот врз Софија од Брисел и од Вашингтон е силен и постојан за да се откаже од таа политика и за да го тргне ветото кое ништо не и носи, освен што и ја лечи суетата за некаква (некогашна) великодржавна величина, но од едно друго време на Балканот и на Европа.

Со таквото однесување и контрирање на Брисел и на ЕУ, а во услови да продолжи да биде без стабилна, политичка влада, Софија ризикува да биде и казнета – со одлагање на исплаќањето на парите од специјалниот фонд за санација на економиите на земјите членки, поради пандемијата.

Петнаесетина милијарди евра за една Бугарија, се исклучително силен мотив за (потенцијално) новата проевропска влада на Кирил Петков. А, тој за да биде навистина политичар по углед на канадскиот либерал Џастин Трудо, на кого сака да се угледа, ќе мора освен со корупцијата, да се бори и со (вратениот) бугарски национализам во бугарската политика.

Посебно сега кога Европскиот суд на правдата оцени дека Брисел може да ги блокира парите за земји – членки кои отстапуваат од европските принципи и стандарди. Прв тест за Софија, во врска со најавите за поинакво однесување, може да му биде токму тргањето на ветото кон Македонија.

(Д.С)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе