Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

2022: година на опасно живеење

S-Design13/Depositphotos.com

2022: година на опасно живеење

Новата 2022 година, уште пред да пристигне, веќе е означена како – година на опасното живеење – не затоа што светот влегува во година во која се би можело да се случи, па дури и воен судир од поголеми размери – туку повеќе, затоа, што многу од досегашните најзначајни постигнувања на светот, ќе бидат ставени на сериозен испит.

Според американските и европските политички експерти, тоа се пред се, безбедноста на Европа и на Азија, потоа издржливоста (како што се вели) на демократијата и на демократското владеење, наспроти авторитарноста и таквите режими, па предностите што ги имаат донесено отворените пазари, индивидуалните човекови права и напредокот на човештвото.

Три меѓународни фактори

Американците, на пример, сметаат дека никогаш досега, во изминатите 30 години од крајот на Студената војна, еден американски претседател, како што тоа сега му се случува на Џо Бајден, се нема соочено со толку важни прашања, како што се геополитичките и надворешно – политичките предизвици и неизвесноста од нивното разрешување – уште не старот од една година.

Други, на ова ги додаваат и заканата од „откачување“ на инфлацијата, испровоцирана и со двегодишното соочување на светот со Ковид – 19, како и самата глобалната пандемија на која (засега) никој не и го гледа крајот.

А, сето тоа – како глобална ситуација – може да го загрози напредокот на светот,  затоа што може да испровоцира глобална криза која ќе предизвика потреси од пошироки размери. Меѓу другото и поради можноста ваквиот развој на ситуацијата во годината 2022 – уште повеќе да ги зголеми разликите меѓу богатите и сиромашните држави.

Проценка е дека три надворешни фактори може да предизвикаат загриженост веќе на стартот од годината.

Русија, Кина и Иран

Прво, тоа е решеноста на Русија да и се одмаздува и да ја казнува Украина. Потоа, истата таква стратегија на Кина, кон соседен Тајван. Притоа, се стравува дека овие две ситуации, како меѓународни кризи, би можеле да тргнат заедно, за да се отапи острицата на контра – реакцијата и да се создаде ситуација во која САД, пред се, како и Западот, не ќе може во исто време да реагираат – на две локации.

Третиот фактор, за можна загриженост е Иран и неговата решеност (сепак) да произведе атомска бомба. Доколку тоа се случи, ќе предизвика израелска реакција и одговор со воена сила, која не е невозможна. Со години, Израел предупредува дека воено ќе интервенира против иранските нуклеарни постројки, ако режимот во Техеран се определи за свое нуклеарно оружје.

Овие безбедносни закани се случуваат откако Американците се повлекоа од Авганистан, на што лидерите на Русија, Кина и Иран гледаат како на „знак за слабост на САД“ и кога станува јасно дека администрацијата на Бајден, во првата своја година, мораше повеќе да биде свртена кон себе и кон американските состојби – после се она што направи и го остави зад себе претходната гарнитура во Вашингтон, предводена од Доналд Трамп.

Авансирање во геополитиката?

Може да се претпостави дека заканувачката „тројка“ би можела да помисли дека таквата ангажираноста на САД со своите работи и со домашните проблеми ќе продолжи и во 2022 година, па дека во такви услови се создава поволен момент – можеби и најдобриот во изминатите три децении – за да Москва, Пекинг и Техеран авансираат во своите геополитички амбиции.

Русија да ги покори Украина и Грузија, за да го комплетира создавањето на „новиот СССР“, Кина (конечно) да расчисти со Тајван, како што го запоседна Хонг Конг, а шиитски Иран – да си направи А – бомба за да се наметне како лидер на Блискиот и Средниот Исток, истиснувајќи ја сунитска – вахабитска Саудиска Арабија.

Сите три држави, во исто време, не може да се пофалат со демократија, ниту со било какви демократски стандарди, туку се пример за автократска и тоталистичка култура на владеење и на управување со државите и со народите во нив, што е најизразено во Кина, иако ниту Русија и Иран, многу не заостануваат на тој план.

Навистина, историјата покажала досега дека и најавторитарните режими, се покажало дека може да бидат и најранливи и најслаби. Но, засега, кинескиот експеримент со некаков – капиталистички комунизам – се одржува.

Пекинг во трка со Москва

Кина веќе ја надминува Русија на економски план, се претвора во глобална сила, на што Москва се помалку може да и парира, освен со оружјето, а Си Џинпинг ја засилува домашната репресија и ја зајакнува контролата на КП на Кина врз најуспешните кинески компании и врз високата технологи, извлекувајќи ги од меѓународните финансиски пазари.

Путин и неговата Русија, својот напредок го врзуваат врз надувувањето на цените на енергијата и на гасот (посебно во Европа) со чија помош ги покажуваат своите “геополитички мускули” користејќи го овој енергенс како силно оружје за своето навлегување на простори на кои Русија нема навлезено.

Меѓутоа, и како средство за уценување и заканување на малите земји, барајќи од нив – лојалност, или силна блискост со Москва и откажување од сопствените стратешки определувања, мешајќи се и во внатрешните работи, како што тоа го прави во Западен Балкан.

Русија е веќе навлезена во Украина, чија територија е „распарталена“ со анексијата на Крим и со (практично) запоседнатиот Донбас, како и во Грузија, која одамна е без никаква контрола врз Абхазија и Јужна Осетија кои Русија ги има признаено како „независни држави“.

Фрустрациите на Путин

Сега се верува дека тежината на веќе воведените санкции, потоа рускиот демографски предизвик (постојано намалување на населението), се поголемата зависност од енергетските суровини како главен извозен артикл и како извор на приходи, би можело да ги сосече путиновите апетити за лечење на неговите фрустрации во животот.

Аналитичарите кои ја прават оваа оценка, потсетуваат на документарниот филм за 30 годишнината од пропаста на СССР, прикажан пред околу две недели на руската телевизија, кој открива за какви фрустрации станува збор. Пред се, за прв пат Путин признава дека како бивш функционер на КГБ, во бивша Источна Германија, останал без пари, без приходи за живеење, дека морал да се зајмува, а дека по враќањето дома – да работи како такси возач, за да го издржува семејството.

Во тој филм, практично, за прв пат, Путин јавно зборува за распадот на Советскиот Сојуз, објаснувајќи го колапсот на она што се означуваше како „комунистичката империја“, како колапс на „историска Русија“ само со друго име – како СССР.

Всушност, ова негово признание покажува која е неговата амбиција – а тоа е обновата на истата таа „империја“, само во поинакви услови и на поинакви основи. Во исто време, ја открива причината за својата решеност да им се одмаздува на сите екс советски републики (Украина и Грузија, пред се), само затоа што се обидуваат да и свртат грб на Русија за да се поврзат со Западот.

СССР како „историска Русија“

За Владимир Путин тоа е како обид за „откинување од природната територија на Русија“, што го прави – таков каков што е според карактерот и според фрустрираноста, предизвикана од распадот на државата во која имал и позиција и пари – да биде непопустлив. Подготвен дури и за воена интервенција кон “неверните, предавнички “ поранешни советски републики, сега независни држави.

Иран, од своја страна, нема амбиции да ја обновува некогашна голема и моќна Персија. Меѓутоа, потонат во ендемската корупција со која се соочува државата (исто богата со енергетски суровини) тешко ќе може долго да ги задоволува се поголемите барања на Иранците за подобар и повисок стандард.

Особено што продолжува да „фрла големи пари“ за своето ангажирање во регионот. Станува збор за скапите воените авантури во Ирак и Сирија, војувајќи во Јемен и воено ангажирајќи се во Либан, како секаде на Блискиот Исток за потребите на шиитската кауза.

Стравувањето на ЕУ/Европа

Она што после сето ова ги загрижува европските аналитичари е прашањето од кое стравуваат и во Европа/ЕУ.

Тоа е – дали САД се подготвени и решени да се справат со предизвиците на „годината на опасно живеење“ и да реагираат секаде. Во Европа, околу најсериозната криза врзана за Украина и околу дестабилизирањето на Западен Балкан – од внатре, но и од надвор – од Москва и од Пекинг.

Американците веќе се силно ангажирани да и се помогне на Украина за да преживее. Веќе во втората недела од 2022, Бајден одново се среќава со Владимир Путин, на Самит што е посветен на украинските тензии и на избегнувањето воен конфликт.

Во ова меѓувреме, Москва продолжува да влече „црвени линии“, оградувајќи го „рускиот двор“ на просторот што некогаш беше СССР и гледајќи подалеку. Во она што Сталин го грабна по Втората светска војна за да си направи „штит“ од комунистички држави кои сега се уште не може да дигнат глава.

Интереси и глобални вредности

Но, САД веќе соопштија дека тешко би се определиле со своите сојузници во НАТО, да војуваат со Русија за Украина. Не се знае како Американците би реагирале и во случајот на Тајван и кинеската инвазија.

Од друга страна, Вашингтон, со сегашната администрација на Бајден, уште во март 2021 година соопштија дека на глобален план, Америка ќе ги следи своите интереси и ќе ги промовира универзалните вредности – работејќи тесно со своите сојузници и партнери.

Интересите (засега) се и на европскиот Исток и на Истокот од Азија, како и на југот од Европа и балканскиот регион. Тоа значи многу работа и многу задачи за во 2022 година, што во редовите на европските сојузници влева страв за тоа дали САД ќе можат сето ова да го ускладат.

А, годината, што изгледа дека ќе биде опасна, почнува со еден американско – руски Самит, со зимските Олимписки игри во Пекинг и со многу руска војска на украинските граници. Годината треба да продолжи со (велат) важниот партиски конгрес на кинеските комунисти. Се очекува Си Џинпинг да биде прогласен за доживотен претседател на Кина – како Мао Цетунг.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе