Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Франција ја предводи Европа

voronin-76/Depositphotos.com

Франција ја предводи Европа

Од почетокот на оваа година, Франција ја презеде улогата да ја предводи ЕУ, како претседавач во рамките на ротирачкото претседателство со Унијата, што секои шест месеци го презема друга земја – членка. Последен пат, Франција беше предводник на ЕУ во 2008 година.

Сите земји во тоа се еднакви и секоја во европското семејство од 27 членови, има шанса да ја изнесат пред сите другите, својата агенда за европските состојби и прашања, која, во секој случај, е лимитирана, затоа што сите предлози се усогласуваат и се финализираат низ редовните состаноци на ресорните министри на секоја од земјите во Унијата.

Франција е, сепак, нешто друго. Не само затоа што таа е еден од основачите на првичната, историска шесторка на државите од Западот кои во март 1957 година ја создадоа ЕЕЗ, основата на сегашната ЕУ, туку и затоа што со Германија, е еден од двата главни мотори на европското интегрирање и на самата Унија.

Амбициите на Макрон

Во услови кога од германската и европската политичка сцена се симна Ангела Меркел, пред само две недели, претседателствувањето со ЕУ за Франција е голема шанса за нејзиниот претседател Емануел Макрон, на голема врата и без сите досегашни нагаѓања за тоа кој би можел да ја наследи Меркел, да стане де – факто лидер на ЕУ. Особено што овој 44 годишен Французин никогаш не криел дека сака да биде моторот на натамошното европско интегрирање, откако изминатите 4,5 години таа позиција ја делеше со доскорешната германска канцеларка.

Веќе од претходно промовираната француска (европска) програма се гледа колку е амбициозна агендата на Париз – меѓу другото – да се направи ЕУ моќна во одбраната, во технологијата и во одбраната на сопствените граници. „Оваа 2022 година мора да биде пресвртна за Европа“ – има речено Макрон во својата новогодишна порака.

Од Берлин, веднаш, уследи германската поддршка. „Француското претседавање е значајна можност за сите проекти што сакаме заеднички да ги реализираме. Тоа е пред се, натамошното зацврстување на ЕУ, која треба да биде оспособена за идните предизвици” – има изјавено германската министерка за надворешни работи Аналена Биброк.

Еврофилството во изборната кампања

Ваквата брза реакција од Берлин претставува одговор на „дежурните “ евроскептици околу тоа дека амбициозната француска агенда ќе зависи од германската позиција. Дилемата се создава за тоа дека новата „семафор“ коалиција во Германија, на канцеларот Олаф Шолц е скептична кон париската желба за буџетска реформа (во ЕУ), иако во целина ја подржува агендата на претседателот Макрон.

Париските медиуми одбележувајќи го француското водство на Европа, потсетуваат дека Макрон е центрист и силен еврофил, но оваа година, за стотина денови тој ќе мора да се соочи со француските гласачи, на редовните, претседателски избори (10 и 24 април).

Во таква ситуација, европската агенда на официјален Париз, за шесте месеци претседавање со ЕУ, добива уште една, дополнителна и мошне важна димензија.

Откако еднаш му успеа (за изборната победа во 2017 година) – своето еврофилство да го стави во изборната кампања – веќе станува јасно дека тоа ќе го направи уште еднаш, за годинешниве избори, иако до овој момент тој, официјално, се нема пријавено како претседателски кандидат.

Гордоста на Французите

Водството на Европа му овозможува многу полесно, во преден план, да ги истакнува своите европски теми, што го прави сосема различен од сите свои бројни политички противници за претстојните избори. Посебно затоа што (француското) топорење на меѓународната сцена секогаш е популарен чекор за секој француски претседател.

Еден поранешен француски дипломат во Брисел, за агенцијата АФП, има речено дека Французите сакаат да си замислуваат дека Франција е таа која ги има работите под своја контрола.

Играјќи на таа карта, француските власти наложија во новогодишната ноќ, сите позначајни споменици низ Франција, да бидат осветлени во сино, во бојата на ЕУ, вклучувајќи ги и Ајфеловата кула и Триумфалната капија во Париз. Тоа беше така и во 2008 година, но оваа година е изборна, па француските ултра – десничари и националисти од друштвото на Марин Ле Пен, решија да ја искористат шансата.

Побрзаа, да го осудат Макрон што под “Триумфалната капија се вее европското, наместо француското знаме“, како што е тоа секојдневно. Веќе следниот ден, државното знаме на Франција се врати под сводовите на „Арк де Триумф“, а од француската влада соопштија дека таа измена и онака била предвидена само за еден ден – за да се одбележи стартот на француското претседавање со Унијата.

Самит на ЕУ пред изборите

Како и да е, Макрон во новата политичка година тргнува со потенцијалната можност европската агенда да падне во сенка и на се уште присутната пандемија со коронавирусот. Таа токму сега достигнува големи размери (од над 200 илјади новозаразени во еден ден), што би можело да предизвика, во вториот изборен круг да влезе без никаков резултат на европски план.

Особено што француските аналитичари сметаат дека тој не може да излезе и во првиот круг, на 10 април, без да има некаков резултат од француското претседавање со ЕУ. А, тоа, би можело да биде ризично и за неговите претседателски амбиции – за добивање втор мандат.

Таквата можност станува силна закана, затоа што Самитот на ЕУ, оваа пролет, на 10 и 11 март, е на само 30 денови пред француските избори. Уште повеќе што освен дома, Макрон има противници и проблеми и во самата ЕУ, како што е тоа унгарскиот ултра – десничар и националист Виктор Орбан, кој е (близок со Марин Ле Пен), а кого францускиот претседател – со право – во минатиот месец го означи како политички противник.

Француските и европските интереси

Конечно, европската агенда – колку и да е амбициозна и може да ги разгали француските чувства дека Франција ја води Европа, не може никако, целосно, да ја покрие домашната агенда и домашните работи и состојби.

Едноставно, гласачите може да речат – претседателот не може да ја тргне на страна својата земја, за сметка на Европа и неговата амбиција да биде и француски и европски лидер.

Домашните политички противници тоа веќе го истакнуваат, критикувајќи го Макрон дека ваквите свои амбиции ги става во преден план, жртвувајќи ја Франција.

Марин Ле Пен, за која се верува дека (уште еднаш) ќе се најде во вториот изборен круг, оди чекор понатаму. Таа му замера на актуелниот претседател дека за 4,5 години во Елисејската палата нема направено ништо за европските состојби. Според неа, Макрон сега се свртува кон Европа, затоа што смета дека таа му е потребна за изборната победа.

(Д.Ф.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе