Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Борис Бекер: Надал, сепак, е најдобриот

zhukovsky/Depositphotos.com

Борис Бекер: Надал, сепак, е најдобриот

Големиот германски тенисер Борис Бекер, по финалето на тенискиот турнир Австралија Опен, во кое Рафаел Надал го совлада Данил Медведев и го освои својот 21 Гранд Слем турнир, изјави дека сега веќе е сосема јасно – „Ѓоковиќ е прв на светската ранг листа, но Рафа покажа дека во моментот е најдобриот тенисер на сите времиња“.

„Ова е ден (финалето во Мелбурн) како создаден за историјата. Пред две недели Надал не беше меѓу четворицата главни фаворити за големиот трофеј, но се покажа дека бил подготвен за големи постигнувања. Пред тоа беше и повреден, цели шест месеци. Сега сите сме паметни, откако Рафа го собори рекордот, пред тоа да го направат Федерер, или Ѓоковиќ, па сега е пред нив двајцата.“ – има речено Бекер, кој е поранешен тренер на српскиот тенисер, по триумфот на Шпанецот.

Триумф на „отпишаниот“

Годинешниов Австралија Опен и финалето во Мелбурн се одржаа по мрачната атмосфера што беше создадена пред турнирот, откако српскиот тенисер Ѓоковиќ се обиде да учествува, иако не е вакциниран против коронавирусот, како што тоа го бараат австралиските федерални закони.

Наместо самиот да се повлече, тој се судеше со австралиските власти и го загуби спорот, па мораше да биде депортиран.

Неговото однесување предизвика гнев кај поголемиот дел од јавноста во Австралија, затоа што Австралијанците имаат издржано досега најстроги мерки на карантин, па ги налути сите обидувајќи се да игра во Мелбурн по секоја цена. А, целта беше тој да биде оној што прв ќе стигне до 21 – та Гранд Слем титула, а не Надал, или Федерер.

Русинот Медведев од почетокот на спорењето на Ѓоковиќ со домашните власти, беше на страната на српскиот тенисер и даваше јавни изјави со поддршка, критикувајќи ги властите. Надал, пак, меѓу првите му порача – да се вакцинира, ако тоа е услов за настап на турнирите и ако е во интерес на јавното здравје.

Медведев лут на публиката

Затоа, австралиското финале се одржа во една „фудбалска“ навивачка атмосфера, во која најголемиот дел од публиката навиваше за Шпанецот. Тоа не можеше да го поднесе Медведев кој – кога почна да губи – почна да се расправа со публиката, да ја навредува и да му приговара на судијата што ја толерира таквата атмосфера на стадионот.

По поразот тој им се жалеше на новинарите дека е разочаран од она што му се случуваше, иако не му е виновна публиката што победата што ја имаше во рака ја претвори во пораз.

„Малото момче веќе нема да сонува. Ќе играм тенис затоа што тоа е забавно, но од сега, па натаму ќе играм за себе, за семејството, за луѓето кои веруваат во мене, за сите Руси“ – рекол Медведев.

Притоа, налутено порачал дека доколку има турнир на тврда подлога во Москва, а пред турнирите во Ролан Гарос или Вимблдон, ќе играл во Москва, по цена дури и да не игра во Париз, или во Лондон. Уште и дека после наполнети 30 години не е сигурен дека ќе продолжи да игра тенис.

Политика од тенисот

Излегува дека и тој (како и Ѓоковиќ) направија политика од Австралија Опен, како што тоа никој досега го нема направено во светскиот тенис, без разлика дали во него се е како што треба, или треба нешто да се менува. Вистинските спортисти, меѓутоа, остануваат џентлмени и кога бидат поразени – од подобриот противник. Медведев, очигледно, не е тоа.

Легендарниот Швеѓанец Матс Виландер, сега како спортски коментатор, пак, признава дека погрешил во врска со Надал.

“Мислев дека е веќе готов дека не ќе може да освои ниту еден Гранд Слем, дека ја загуби траката за најдобар на сите времиња, но видете што се случи во Мелбурн. Секако, придонесот на Федерер во тенисот е очигледен и тој засекогаш ќе се памети, но мислам дека Рафа после Австралија ќе остави поголема трага“ – рекол Матс Виландер.

(Г.И.)

Понатаму
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе