Нова титула за сопругата на Чарлс – како иден крал
Британската кралица Елизабета соопшти дека сака, војвотката од Корнвол (74) да има титула кралица – консорт, кога сегашниот престолонаследник, принцот Чарлс (73), нејзиниот сопруг, стане крал.
Во соопштението што го пренесува Би – Би – Си со кое, инаку, се одбележува 70 годишнината откако Елизабета е на британскиот престол, се пренесува изјавата на кралицата во која се вели дека таа „искрено сака кога ќе дојде времето“, Камила да биде позната и да биде третирана и именувана со таа титула.
Досега се веруваше дека кога Чарлс ќе биде на престолот, неговата сопруга да ја има само титулата принцеза – консорт, па со сегашното соопштение од Елизабета Втора, кое доаѓа уште и на денот кога таа, во 1952 година, го наследи починатиот татко и стана британска кралица, се разрешуваат сите досегашни неразрешени нејаснотии околу ова прашање.
Кралица Камила
Кралица – консорт (Queen Consort) означува дека станува збор за сопругата на кралот кој е на тронот. Тоа значи во иднина сопругата на Чарлс ќе ја носи титулата кралица Камила.
Сето тоа е сосема различно кога станува збор за мажите – како сопрузи на монархот – жена, како што тоа беше случај со принцот Филип, сопругот на актуелната кралица и принцот Алберт, сопруг на поранешната кралица Викторија. Филип беше познат како војводата од Единбург, додека Алберт како принц – сопруг на кралицата.
Во едни нормални состојби, Камила ќе беше автоматски кралица – сопруга, како што тоа беше и мајката на Елизабета, која потоа низа децении беше позната како кралица – мајка. Но, во случајот со втората сопруга на Чарлс, во изминатите години, откако тие се во брак, околу ова прашање имаше бројни нагаѓања за статусот и за титулата на Камила.
Таа и принцот Чарлс се венчаа во 2005 година, во граѓански брак, кога и обајцата беа разведени. Чарлс од 1996 година кога се разведе од принцезата Дијана, мајката на Вилијам и Хари. Една година подоцна таа загина во сообраќајна несреќа во Париз.
Елизабета со платинест јубилеј
Веднаш по венчавката на Чарлс и Камила, беше соопштено дека таа во иднина ќе биде титулирана како принцеза – сопруга на кралот на Обединетото кралство. Сега сите дилеми околу тоа се разрешени.
Новата титула за сопругата на идниот крал доаѓа во моментите на еден (за Британците) исклучителен јубилеј – 70 годишнината откако кралицата Елизабета е на престолот, иако таа беше крунисана во јуни 1953 година.
Во неделата (6 февруари) таа ќе стане монарх со најдолг „стаж“ на тронот во англиската и во британската историја. Првиот суверен кој слави платинест јубилеј. Откако Елизабета е британски суверен, во Даунинг стрит 10 се имаат изменето 14 премиери, Сталин беше лидер на Советскиот Сојуз, а во САД претседател беше Хари Труман.
Кралицата во април ќе наполни 96 години.