Британија: Нема веќе пасоши за пари
Британија не е повеќе дел од ЕУ, но сепак одлучи да го следи примерот на неколку европски земји – членки и барањето на Европската комисија – да се престане со практиката да се издаваат визи со дозвола за престој, како и државјанство и пасоши – за пари.
Ваквата одлука на Лондон доаѓа после долгото опирање да се запре со ваквата пракса, иако неколку спроведени истраги за протокот на парите, за „сивата“ економија и перењето пари, како и за безбедноста, му сугерираа на Даунинг стрит 10 да го следи примерот на Европа.
Не затоа што Британците би се вратиле во старото друштво, од каде со Брегзит заминаа после 45 години членство, туку затоа што укинувањето на практиката да им се дава дозвола за престој, на странци – по скратена постапка – доколку вложат пари во домашната економија, или купат имот, стана потреба за самата Британија.
Шема од 2008 година
Иако делењето на т.н. „златни пасоши“ за разните странски инвеститори значи „храна“ за ликвидноста на британските банки, финансиско/даночните и безбедносни ризици – стануваат поголеми од ползата што би ја донеле странските пари. Па, така, доколку порано еден Борис Березовски, или Роман Абрамович добиваа дозвола да останат во Британија, откако ќе купеа скапи имоти и ќе ги вложеа своите милијарди во домашниот бизнис, сега таквата пракса се напушта.
Проектот – пасоши за пари – во Британија е покренат во 2008 година, во првата година од големата финансиска и банкарска криза кога дел од британските банки, посебно оние кои даваа станбени кредити, брзо пропаднаа, а сите другите, особено најголемите владата ги национализираше за да ги спаси од банкротство и за да го сочува нивниот капитал.
Целта на ваквата шема беше да се привлечат богатите инвеститори, од земјите кои не се во ЕУ, да ги вложат парите во Британија.
Станува збор за шема која ја имаа и се уште ја имаат низа земја, како што се сите медитерански, од Грција, преку Хрватска се до Шпанија, како и Кипар, Бугарија, Малта, но и некои од западноевропски, со истиот мотив како и оној на Британците.
Британија со „Лондонград“
Десет години по стартот на оваа шема, во Британија за прв пат, во 2018 година, одлучи да го отвори прашањето за тоа дали вреди да се продолжи со ваквата пракса.
Тоа беше време кога Британците изгласаа да заминат од ЕУ. Па, без разлика што во текот на кампањата за референдумот се закануваа дека доколку на Лондон му се одземе статусот европски финансиски центар, владата ќе дозволи земјата да се претвори во „рајска зона“ за разните финансиери. За да го привлече и за да го повлече капиталот од Европа. Но, таа година, сепак, решија да се испита валидноста на шемата.
Особено откако во изминати десетина години, Лондон стана „рајско“ место за руските олигарси и тоа посебно за сите оние кои се блиски до рускиот претседател и се во функција на политиката на Кремљ. На пазарот веќе се продаваше бестселер книгата „Лондонград“ на Британците Марк Холингсворт и Стјуарт Ленсли која откако се појави во 2009, предизвика бранување во британската јавност.
Абрамович го купи „Челси“ и се насели во Лондон. Поранешниот припадник на КГБ, Александар Лебедев го презеде весникот „Ивнинг Стандард“, руската тајна служба го уби пребегнатиот оперативец на ФСБ Александар Литвиненко, врз Березовски беше извршен обид да биде ликвидиран, а на мистериозен начин загина лондонскиот адвокат на олигарсите и екс разузнавач Стивен Кертис.
Наплив на руски олигарси
Британскиот главен град не само што полека го купуваа руските олигарси, со своите сомнителни и често валкани пари, туку се претвори во место каде руската тајна служба се пресметуваше со дисидентите, со противниците на Кремљ и со сите кои може да ја соголат сликата за власта на Владимир Путин.
Сите странски инвеститори (не само Русите, иако тие беа најбројни и финансиски најмоќни), меѓутоа, само ја користеа шемата што им ја овозможија британските власти, во намерата да ги привлечат нивните пари во земјата.
Според шемата, со вложени (донесени) два милиони фунти, може да се аплицира за дозвола за постојан престој (населување) во следните пет години. Со вложени пет милиони, рокот се намалува на три години, а доколку се вложат 10 милиони фунти – жителство, а по тоа брзо и државјанство – се добива за само две години. Уште повеќе – „Златната виза“ освен за инвеститорот, забрзаната постапка за жителство им ја овозможува и на членовите на неговото семејство.
Абрамович остана без виза
Откако пред три години се покрена дилемата околу натамошното одржување на контроверзната шема, колку што се знае, само Абрамович ја загуби визата за траен престој, иако остана сопственик на ФК „Челси” и го има и натаму имотот на британската територија. Тој стана жртва на почетокот на посилното санкционирање на олигарсите од најблискот круг на Путин.
Сегашното решение да се напушти шемата – жителство за пари – доаѓа во време на крајно нарушени британско – руски односи кои постојано се влошуваат уште од време на убиството на Литвиненко, во ноември 2006 година, а продолжени со обидот за убиство на екс кагебеовец Сергеј Скрипал во англискиот град Солзбери, со помош на нервниот агенс – новичок.
Актуелната криза околу Украина и заканата од руска инвазија, како и острата реторика меѓу официјален Лондон и Москва, околу активностите на Кремљ, на европскиот Исток, само го забрзаа решението на Британија – да се прекине со шемата која се смета дека веќе станува закана за безбедноста на државата.
Според Хоум Офисот, уште од 2015 година, британските власти имаат започнато да се бара доказ за потеклото на парите – односно, да се проверува како и кога еден апликант за престој во Британија, го има стекнато своето богатство. Но, се смета дека тоа повеќе не е доволно, па е одлучено да се престане со шемата – купување дозволи за престој и државјанство.
(Д.Л.)