Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Осумтемина „страшни“ од Кремљ

Free2014/Depositphotos.com

Осумтемина „страшни“ од Кремљ

Одлуката да се почне со инвазијата врз Украина, што инаку, од Москва претходно се демантираше – како „измислица на Западот“ – и да се покрене војна за покорување на соседната земја, ја има донесено Владимир Путин.

Меѓутоа, во деталното планирање кое е започнато уште пред повеќе месеци, од времето пред да се праќаат војниците на божемните гранични „воени вежби“, како и во спроведувањето на агресијата врз Украина, се вклучени сите негови најблиски и најдоверливи соработници.

Сега, кога се гледа однесувањето на руската војска, безмилосното разурнување на украинската територија, убивањето на Украинците, во што влегува и нападот врз една нуклеарна централа, ваквата советничка „единица“, која некои сметаат дека има само осуммина најлојални – ја квалификуваат како „осумтемина страшни во Кремљ“.

Меѓу нив има двајца министри и еден командант на армијата, а сите другите се врзани за безбедносните служби и за разузнавањето. За половината од нив се знае дека се луѓе на поранешната советска тајна служба КГБ, на која и припаѓаше и Путин кој од младоста е подготвуван да биде разузнавач.

Сергеј Шојгу

Шојгу е актуелен министер за одбрана и еден од ретките блиски пријатели на Путин. Многу често тие двајцата одат заедно на лов и риболов во шумите и на реките во Сибир.

Претходно тој има раководено со војната разузнавачка служба ГРУ која се има трансформирано и во агенција за извршување на валканите операции за ликвидација на противниците на режимот. Како што тоа се случи со обидот за убиство на екс рускиот шпион, пребегнат во Британија – Сергеј Скрипал, или на опозиционерот Алексеј Навални, во август 2020 година – и обајцата нападнати со нервниот агенс – новичок.

Руски безбедносни експерти тврдат дека Шојгу има најголемо влијание кај Путин.

Валериј Герасимов

Овој руски генерал е главен командант на Генералштабот на армијата и за него се знае дека ги има предводено сите воени походи на Путин, од 1999 година, уште кога беше прв пат премиер, пред прв пат да биде избран за претседател.

Генералот Герасимов има командувано со војската во војната во Чеченија. Потоа и во случајот на анексијата на Крим 2014 година, беше главен и во текот на „воената вежба“ во Белорусија, минатиот месец, а го има планирано и нападот врз Украина.

Сега се зборува дека Путин бил гневен на него затоа што армијата слабо напредува во освојувањето на украинската територија. Се тврди дека бил потиснат на страна, како казна за бавното напредување и за оддолжувањето на војната, но и за „слабиот морал во армиските редови“.

Николај Петрашев

Петрашев, формално, е главниот човек на Советот за национална безбедност на Русија, но важи за човек со многу големо влијание врз претседателот на државата. Путин и Петрашев се заедно уште од средината на седумдесеттите години на 20 век, во Санкт Петерсбург, па затоа се смета за еден од најлојалните и најдоверливите путинови „момчиња“.

Петрашев е човек на поранешниот КГБ, во времето на комунизмот и СССР. Потоа беше директор на сега преименуваната ФСБ (Федералната служба за безбедност) – од 1999 до 2008 година. Петрашев е исклучително конзервативен, антиамерикански и антизападно определен.

Путин од него може да го слушне само она што и самиот го има слушано од времето кога и самиот бил кгбеовец. А, тоа е дека „Западот само сака да ја покори и да ја уништи Русија“, па дека затоа руската политика треба да биде силно антизападна, а на Европа (и на САД), да се гледа само како на непријатели.

Овој разузнавач од кариера, изминатите десетина години го покрива и Западен Балкан. Често доаѓа во Србија, а требаше таму да дојде во посета и на крајот на февруари. Итно „долета“ во Белград по обидот за пуч во Црна Гора, во октомври 2016 година, за забошатувањето на руската и српската замешаност, а европски безбедносни експерти веруваат дека Петрашев има улога и во дестабилизацијата на БиХ, преку форсирањето на сепаратизмот на Милорад Додик.

Александар Бортников

Овој разузнавач е актуелниот прв човек на тајната служба ФСБ. Како и Петрашев и Бортников е од старата гарда на КГБ, од Санкт Петерсбург. И, тој другар на Путин уште од времето кога овој град се нарекуваше Ленинград. Функцијата во ФСБ ја има преземено од Петрашев, кога овој беше поставен на друга безбедносно – разузнавачка позиција.

Во времето на Бортников, ФСБ се трансформира во агенција која го има проширено своето влијание и врз другите тајни служби, а сега има и свое посебно одделение и посебни единици – за специјални задачи.

Сергеј Наришкин

Наришкин е четвртиот од „ленинградската четворка“ на кгбеовци која сега – практично – управува со Русија и третиот (со Петрашев и Бортников) кој со Путин се од младешки денови, од времето кога тие имаат влезено во советската тајна служба.

Сега Наришкин е директор на Надворешната разузнавачка агенција (СВР), директно поставен од претседателот, другар во сите изминати години од времето на СССЕ и на пост – комунизмот. За разлика од другите двајца, овој долго време беше во сенката на Путин – прво, во Сенкт Петерсбург, а потоа, во кабинетот на Путин, од 2004 година.

Виктор Золотов

Станува збор за поранешен телохранител на Путин, но тој сега е командант на руската Национална гарда (Росгвардија). Рускиот претседател ја има создадено пред шест години и таа на некој начин треба да биде како некаква Преторијанска гарда од времето на Римската Империја.

Се верува дека според првичните проценки, инвазијата и војната во Украина требало да трае кратко (во Грузиски стил) и да заврши за неколку денови, а не да се развлече со денови.

Поради неуспехот да се покори Украина (со тргањето од власт на нејзиниот избран претседател) во времето што првично е определено, задачата за освојување на украинската територија и за завршување на војната – со победа на Русија – сега и е префрлена на руската претседателска гарда. Со операцијата сега раководи Золотов.

Сергеј Лавров

Министер за надворешни работи веќе 18 години. Тој е седмиот во дружината на „страшните“ од Кремљ. Иако ја предводи руската дипломатија – само е извршител на она што го бара и го сака Путин.

Водејќи тврда, некооперативна политика низ која Русија ќе треба да стане „велесила“, а не низ дијалог и правење мостови,  Лавров е целосна спротивност на еден Едуард Шевернадзе кој градеше нов имиџ, на тогаш се уште постоечкиот Советскиот Сојуз.

За Лавров велат дека е човек кој „не знае да се насмее“ кој е секогаш намуртен, па делува одбојно, а како соговорник – со прекарот господин Њет – успева да го покаже својот груб карактер, што го прави сличен на шефот на државата, кому е бескрајно лојален. Како при „војувањето“ со САД и Западот, така и во односите со ЕУ, работејќи на нејзината дестабилизацја.

Но и спротивставувајќи и ја на ЕУ, новата империјална политика на Москва кон Западен Балкан. Со настојувањето да се блокираат евро – атлантските амбиции на земјите од регионот – со шпионски операции, со правење пучеви и дестабилизирање влади и со поддршка на деспоти и националисти.

Валентина Матвијенко

Претседателката на Советот на федерацијата (Горниот дом) на Парламентот, Валентина Матвијенко е единствената жена во екипата од „осумтемина страшни“ околу Путин кои работат на реализацијата на неговиот агресивен стил на водење на надворешната и безбедносната политика – не само во случајот со Украина.

Таа нема некоја од функциите што ги имаат другарите на претседателот од времето на КГБ, но во подготовките за освојување и покорување на Украина, таа го има надгледувано гласањето во Парламентот, за да му се даде овластување на Путин да нападне и да може да освои една странска земја.

Силно ја има поддржувано анексијата на Крим во што била и директно вклучена. Лојална му е на Путин во сите негови 22 години на власт. Исто така, и таа е од Санкт Петербург и е дел од друштвото со чија помош Владимир Путин треба да остане доживотен претседател и да ја води и уредува државата како што тој мисли дека треба да биде.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе