Протестно заминување на прима-балерината Смирнова
Олга Смирнова, водечка прима – балерина на светски познатиот руски балет при Болшој театарот во Москва, демонстративно ја напушти својата матична куќа и Русија, преселувајќи се на Западот, во знак на протест поради руската инвазија врз Украина.
Од Русија замина за Холандија, каде веќе од почетокот на април ќе настапува за тамошниот Државен балет.
Смирнова (30) уште од самиот почеток на агресијата врз соседна Украина е против инвазијата и војната. Нејзината (не)очекувана одлука доаѓа откако минатата недела таа се има огласено со една силна антивоена порака, во која вели дека е – „против оваа војна со секое делче од душата“. И, колку што е познато, има добиено подршка од другите балетски играчи.
Таа има дедо кој е Украинец, па често има зборувано дека со една своја четвртина е Украинка.
Претходно, балерината Смирнова се има јавувана со протестни пораки на социјалната мрежа. “Во еден модерен и просветен свет, очекувам цивилизирани општества да ги разрешат политичките прашања само низ мирни преговори – не низ војна“ – има запишано оваа позната руска прима – балерина.
„Никогаш не помислив дека ќе дојде денот кога ќе се срамам од Русија. Од секогаш бев горда на талентираните Руси, од нашите културни и спортски постигнувања. Сега меѓутоа, гледам дека е повлечена линија – меѓу она од порано и ова сега. Болно е кога гледам како умираат луѓе, како го губат покривот над главата, како ги напуштаат своите домови“ – вели Смирнова, додавајќи дека гледајќи ја војната не може – како што рекла – да остане индиферентна на оваа глобална катастрофа.
Нејзиниот остар анти – воен коментар во Москва и во културниот свет на Русија не останал осамен. Познати имиња на рускиот балет, поранешни танчери, а сега кореографи или лица кои останале врзани за балетот, по што Русија е позната во целиот свет, и имаат изразено поддршка за протестот против војната.
Во овие реакции се бара од Владимир Путин „веднаш да ја запре војната“.
Во знак на протест, познати лица од руската култура се повлекоа и дадоа отказ на своите функции, доделени од државата, не согласувајќи се со инвазијата врз Украина.