Медлин Олбрајт: од бегалец до државен секретар на САД
Поранешниот државен секретар на САД Медлин Олбрајт, првата жена која го водеше американскиот Стејт департмент, почина после тешко боледување. Имаше 84 години.
Во првите реакции на американската политичка сцена по повод нејзината смрт, поранешните претседатели – Бил Клинтон, со кого таа работеше и Барак Обама кој ја има одликувано со највисокото американско одликување – и оддадоа почит, означувајќи ја Олбрајт како силен борец за слободата и за демократијата и за човековите права.
Во годините по завршувањето на Студената војна таа на некој начин стана и предводник на позасиленото влегување на жените во светот на дипломатијата и политиката, предизвикувајќи денес тие да изгледаат поинаку, од времето пред 30 години.
Место во политичката историја
Медлин Олбрајт е родена како Маријана Корбелова, во 1937 година, во Прага, во тогашна Чехословачка.
Во 1948 година, во САД доаѓа со своите родители како бегалец. Во 1957 година добива американско државјанство. Во 1993 година таа беше именувана за амбасадор на САД во ОН, а во 1997 стана државен секретар, во администрацијата на Клинтон.
Токму тој изоден пат – од дете на родители кои бегаат од Европа, заробена и уништувана од хитлеровите нацистички воени сили, кое и самото се претвора во бегалец, преку преселувањето во Америка, па до влегувањето во американската политика – и има обезбедено место во американската политичка историја. Како првата жена државен секретар на САД, или како највисоко рангираната жена во американската влада.
Како дипломат, Олбрајт му помагаше на Бил Клинтон во средувањето на светските состојби и меѓународни односи, по распадот на Советскиот Сојуз и падот на комунизмот во Источна Европа. На тој начин, што го има покренато принципот за „прагматичен идеализам“ за водење на американската надворешна политика низ бурните меѓународни води во тие турбулентни години во Европа и светот.
Агресивна дипломатија
Во тој концепт беше вклучена т.н. агресивна дипломатија, на исто таквата надворешна политика. Притоа, таа ја користеше и американската воена моќ во реони како што беше Ирак, но и Балканот. Две точки на меѓународната политичка карта каде дипломатијата не успеа ништо да направи.
Во тоа влегува бомбардирањето на територијата на тогашна Сојузна Република Југославија (СРЈ), или „мала Југославија“ на Слободан Милошевиќ, кое помогна за дефинирањето на новата улога на НАТО, во пост – советското време – кога иднината на Алијансата изгледаше нејасна.
Олбрајт тогаш беше силен заговорник за ширење на НАТО на Истокот од континентот, меѓу земјите од поранешниот советски, комунистички блок кои забрзано сакаа враќање во демократијата, во западниот свет на новата обединета Европа, ослободени до дотогашната сателитска позиција под контролата на Москва.
Таа беше против идеите да се укине Алијансата, откако со СССР и со комунизмот, се распадна и источниот Варшавски пакт.
НАТО на Истокот
Кога во НАТО влегоа првите три поранешни комунистички држави – Полска, Чешка и Унгарија – тоа беше означено како крупен чекор кон враќањето на Истокот во Европа и силен поттик за сите другите да побараат членство во Алијансата, па дури и една Бугарија, која десетина години пред тоа важеше за најлојалниот и најверен сојузник на Москва, во годините на комунизмот.
Нивното настојување да побегнат од „советската (руската) прегратка“ – на Запад – беше разбирлива, затоа што во три од тие земји Москва испраќаше „братска помош“ со инвазиони сили од тенкови и војска заедно со сите други сателитски земји – за да се задушуваат демократските побуни против советизацијата на нивните држави. Во Полска во 1952, во Унгарија во 1956 и во Чехословачка во 1968 година.
Таквата заложба на Олбрајт, за прием на источно – европските земји во членство на НАТО, се покажува исправно, токму сега, во време на руската инвазија врз Украина, изведена во класичниот стил како во годините на комунизмот и на комунистичките воени интервенции. Само со таа разлика што сега, Владимир Путин е далеку посуров и поодмазнички настроен, дури и од еден Сталин, или Хрушчов и Брежњев, кои не разурнуваа и уништуваа цели градови, во хитлеровски стил.
Пансловенството на Борис Елцин
Кога од таа перспектива, сега се гледа на заложбата на Медлин Олбрајт (за ширењето на Алијансата), станува помалку разбирливо однесувањето на некои европски политички експерти (главно антиамерикански определени) – за тоа дека било погрешно примањето во НАТО на Источноевропејците – без разлика што тоа го имаат самите тие барано.
Притоа, како (намерно) да се заборава дека во тие години, тогашна Москва, со Борис Елцин, веќе заговараа создавање некаква нова, политичка организација на Истокот. Требаше да биде под капата на Русија – првично замислено да биде затскриена зад словенството, а подоцна и зад православието. И едното и другото и се нудеше и на Македонија.
Од друга страна, на Балканот денеска изгледа се заборава дека доколку НАТО се затвореше за дотогашните комунистички земји, најтешко ќе им беше на државите од екс Југославија.
Сите тие, пред тоа, никогаш не беа под капата на Москва и на Русија, па во новата ситуација, ќе се најдеа на политичко – безбедносен – „бришан простор“ – на удар на источните ветрови кои засилено почнаа да навлегуваат на балканскиот дел од европскиот континент.
Против етничко чистење на Косово
За Олбрајт, како државен секретар, меѓутоа, времето од 1997 година, се врзува како период во кој таа го има притискано Клинтон да спречи етнички чистење на Косово, што веќе го имаше започнато Милошевиќ. Српскиот лидер настојуваше својата воена машина да ја префрли на косовска територија, загрозувајќи го на тој начин целиот регион.
Таа, затоа, беше приврзаник на бомбардирањето на тогашна СРЈ, колку таквата одлука на Алијансата, од денешна перспектива, некому да му изгледа контроверзна.
Но, многу подоцна, кога веќе беше само предавач на Универзитетот Џорџтаун, во Вашингтон, Олбрајт изјави дека “и сега ја подржува одлуката од 1999 година“. Според неа, „не можеше да се остави Милошевиќ да се пресметува на Косово и да спроведува криминални дела против хуманоста“.
Во своето последно огласување, во напис за „Њујорк Тајмс, околу ситуацијата со Украина, пред инвазијата, таа го бранеше правото на секоја земја да определи свој пат по кој ќе оди. И тоа да не зависи дали соседот е мала, или голема држава.
(С.Г.)