Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Болничка негрижа предизвикала смрт на 200 бебиња

lucidwaters/Depositphotos.com

Болничка негрижа предизвикала смрт на 200 бебиња

Повеќе од 200 бебиња починале во една болница во Велика Британија, во период меѓу 2000 и 2019 година, поради негрижа на болничкиот персонал во текот на породилната нега – јавуваат лондонските медиуми, повикувајќи се на завршниот извештај од долгата истрага за скандалот во британското јавно здравство.

Истрагата за скандалот не ја имаат покренато здравствените власти, туку две семејства кои започнале кампања за независна истрага за состојбата во болницата „Шрасбери и Телфорд“, во западна Англија, откако во оваа здравствена установа им починале нивните бебиња.

Истрагата започнала во 2018 година и притоа биле испитувани 1600 случаи во периодот од 19 години, при што биле вклучени случаи на мртвородени бебиња, на починати новороденчиња, како и на починати мајки, веднаш по породувањето и на други случаи со тешки компликации.

Жртвите можеле да се избегнат

Утврдено е дека во таа болница имало 131 случај со мртвородени бебиња, потоа 70 од новороденчињата починале веднаш, или мошне брзо по раѓањето, додека се уште биле во болницата и дека десет жени – мајки починале по породувањето.

Истрагата има откриено и дека во 94 случаи бебињата имаат претрпено долготрајни повреди кои не морале да се случат. А, станувало збор за оштетување на мозокот на новородените деца, само затоа што останеле без кислород при породувањето.

Заклучок на истрагата е дека сите жртви можеле да бидат избегнати, доколку во болницата имало подбра нега и поголема грижа и професионалност при породувањето. Наместо тоа, имало случаи кога персоналот ги обвинувал мајките за смртта на нивните бебиња, додека на некои семејство им било речено дека мајките се одговорни и за сопствената смрт!

Извештајот предизвика вистинска бура во британската јавност. Полицијата покрена своја истрага за да се најдат и евентуално да се обвинат виновниците.

Култура на природно породување

Скандалот дојде и до Парламентот, каде министерот за здравство Саид Џавид, јавно им се извини на семејствата чии бебиња починале на ваков начин, во периодот за кој е водена истрагата.

Според министерот, одреден број од персоналот на „Шрасбери и Телфорд“ веќе се отпуштени од работа, или се суспендирани, но како што рекол тоа е мала утеха за оние кои ги имаат загубено тукушто родените деца, или сопругите.

Медиумите кои случајот го означуваат како најголемиот скандал во породилиште во Британија, откриваат дека бебињата умирале поради настојувањето на болницата да го одржи престижот на породилиште во кое се фаворизира културата на природно породување и каде се избегнува употребата на породување со царски рез.

Вината се префрлала врз мајките

Токму тоа има предизвикано долго да се чека пред да се примени царски рез, за да и се олесни на мајката, но и за да се спречи можна повреда на новороденчето. Поради ваквото однесување, починале стотина бебиња.

Едноставно, се правел пропуст при правилната проценка на ризикот за пациентите, потоа, немало правилно надгледување на бремените жени во последната фаза, пред самото породување, не постоел ниту било каков обид да се научи нешто од еднаш направените грешки. Еднаш направената грешка, се повторувала и натаму.

Згора на се, болницата имала постојано проблем со обезбедување доволно персонал, а го оставила породилиштето без редовна обука на персоналот, иако за тоа управата на болницата била обврзана. Постоела само практиката, за секој инцидент, како и да завршел, да се окриват мајките.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе