Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Фабрика за тролови во Санкт Петербург

Mehaniq/Depositphotos.com

Фабрика за тролови во Санкт Петербург

Вистинска фабрика за производство на тролови за ширење дезинформации и лажни вести е откриена во Санкт Петербург, во Русија, објавуваат британските медиуми, повикувајќи се на истрагата што била спроведена, а за која информира владата во Лондон.

Станува збор за профили за манипулација на јавноста низ Европа и светот преку интернет мрежата. Некогаш тоа може да биде лице – поединец, но почесто станува збор за измислени ликови и за лажни профили кои се „прикачуваат“ на профилите на реални лица кои веќе се на социјалните мрежи, на интернет.

Во ситуација како што е сегашнава, со ширење дезинформаци за инвазијата на Владимир Путин врз Украина и војната што Русија ја покрена против соседната земја, станува збор за тајна мрежа и за вистинска „фабрика“ како што тоа го означуваат лондонските медиуми. Но, во оваа валкана игра, од пред инвазијата, а особено по неа, „производството на тролови“ може да го обавуваат и поединци.

Манипулација со социјалните мрежи

Тоа е „техника“ за правење и пласирање лажни вести, дезинформации и дисквалификации која, меѓутоа, не се прави само за воени цели, туку и за политичко – пропагандни потреби. Како што тоа многу често се случува на Балканот, посебно во земјите од Западен Балкан, а во тие рамки и во Македонија, во што е посебно „специјализирана“ машинеријата на вмровската, националистичка и русофилска опозиција.

Според лондонски „Гардијан“, кога станува збор за откритието во Санкт Петербург, тамошната фабрика за тролови е сместена во една локална фабрика за воена опрема и технологија, а цел на нападот се западните медиуми и европските и светските политички лидери.

Се верува дека со „фабриката“ раководи Евгениј Пригожин кој има создадено „агенција за интернет истражување“. Тој е обвинет за мешање во претседателските избори во САД, во 2016 година, на кои неочекувано претседател стана еден новак – Доналд Трамп – за кого силно навиваа Русија и посебно Кремљ.

Во анализата што ја имаат направено Британците, се открива како режимот на Путин се обидува да манипулира со јавното мислење на социјалните мрежи, но и во деловите оставени за коментари во весниците, во кои реагираат читателите.

Платеници за лажни вести

Цел на овие напади, според лондонски „Скај” се налозите на социјалните мрежи на британскиот премиер Борис Џонсон, на германскиот канцелар Олаф Шолц и на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Јосеп Борел.

Истражувањето што е направено покажало дека Тик – Ток инфлуенсери се плаќани за да дејствуваат во полза на она што го зборуваат рускиот претседател и кругот во Кремљ кој ја има осмислено и покренато инвазијата и целата војна против Украина. Оперативците дури ги имаат засилувано и искрените пораки на легитимни корисници на социјалните мрежи кои, инаку, се на линија на руската пропаганда, само за да се избегнат мерките за борба со дезинформацијата.

Регистрано е дека силно се манипулира со анкетите и со јавните истражувања кои често се прават во западните медиуми, а посебно во анкетите за тоа дали имаат и колкава поддршка санкциите што ЕУ и САД и ги наметнаа на Русија.

„Патриотска задача“

Вакви активности има на Твитер и на Фејсбук, но и на Јутјуб, Инстаграм и на Тик – Ток. Се смета дека клучна улога во ова има каналот „Телеграм“ под името „Сајбер фронт Z“. Оваа латинична буква означува воена ознака (така тврдат руски воени експерти) но, во пропагандата буквата стана симбол за политичка поддршка на руската инвазија и означува – победа во војната против Украина.

За фабриката на тролови, за која се вели дека ги има нападнато и низа познати музичари и западни бендови, се тврди дека отворено регрутира и вработува работници, како платеници, оправдувајќи ја покренатата војна како „патриотска работа“ и како нивна задача во изнудената поддршка на режимот за војната која Владимир Путин ја означува само како „специјална воена операција“.

Во Лондон, пак, се оценува дека спроведената истражувачката операција, со која е откриена „фабриката за тролови“ во Санкт Петербург ќе помогне за поефикасно идентификување и за елиминирање на руските дезинформации околу одлучната акција за блокирање на дејствувањето на РТ (Раша Тудеј) и на агенцијата Спутник – обете под силна контрола на Кремљ.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе